
Анализа на Фросина Ременски за убиството на Денис Тот: Сведоците може да станат осомничени
Фросина Ременски, стручно лице од областа на безбедноста, за „Слободен печат“ изготви анализа за случајот со убиството на ракометарот Денис Тот, во кое се осврнува на стандардните постапки кои се спроведуваат во МВР при расветлување на вакви кривични дела и на потребните следни чекори, како и дилемите што процесот ги отвори. Во продолжение може да ја прочитате анализата која ја објавуваме во целост.
Препорачано
Додека најблиските, навивачите, спортистите и човекољубците се простуваа со убиениот ракометар Денис Тот и додека траат превирањата во јавноста и барањето на одговорот каде лежи одоговорноста, најлесно им е на немите/слепите набљудувачи/сведоци на се што се случувало и се случува во државата. Убиството на ракометарот и бездушното „гледање од страна“ на најмалку 10-тина лица на местото на настанот е доказ за тоа дека, изборот да се биде „нем/слеп набљудувач на злодело“ е најисплатлива работа денес. Но, зошто?
Професионална должност на стручната – професорската фела е да не биде нем/слеп набљудувач на настаните и да не зборува само кога ќе биде прашана, туку да зборува и кога очекувано е да се молчи. Должност на секој познавач на процедурите во полицијата и правото е да ѝ помогне на нашата јавноста како треба и како не треба да постапуваат институциите во одредени случаи, а со тоа да се растера маглата која најчесто паѓа заради полу-информации, дезинформации, пропаганда или селективна жед за вистината и навивање во барањето крв.
Ја исклучувам професионалната совест на останатите, неа ја немало секогаш (чест на сите исклучоци до денес), особено кога станувало збор за анализа на постапувањето на полицијата и безбедносните служби. Професионалната совест во ниту еден момент не ме направила нем/слеп набљудувач на настаните во оваа сфера, туку совесен учител и пробивач на патот на вистината. Тие што ја имаат трпеле насилсто и реваншизми за кажаниот збор и биле мети за политички елиминации кога имале реална шанса и можност да ги поправаат аномалиите на овој трул систем кој не предупредува дека мора да се промениме прво како луѓе, а потоа и како делови во системот кој трокира и продуцира несреќи. Колку успеале? За тоа зборува податокот кој избира да биде нем/слеп набљудувач, а кој не.
Оваа анализа ќе ја сметам за академски час по полициски науки и стандардно полициско постапување, бидејќи од напишаното многумина одговорите ќе ги добијат сами, а тие што сакаат да дознаат повеќе (новинарите) ќе можат да ги прашат институциите работи кои не ги прашале до сега. На институциите пак, треба да им послужи како повторување на ненаучена лекција дека, „навремената, детална и точна информација е најдобар лек и превенција од шпекулации“.
Години наназад пишувам анализи за многу јавно експонирани настани/случаи и тоа го правам врз основа на факти, докази и пропишани процедури. Секое излегување од стандарднитеоперативни процедури ги носи институциите во намерна или ненамерна импровизација која резултира со полу-производ или недоречена вистина, додека пак секоја злоупотреба на тие процедури учесниците ги вовлекува во анти- криминалистичка (симулативна, финктивна) активност. За оваа последната активност што како теорија ја воспостави проф. Владимир Водинелиќ зборував повеќе од два часа во моите завршни зборови пред Суд во случајот Меѓународен сојуз, зад што во целост стојам и денес.
Секоја група на кривични дела во Кривичниот законик на РСМ заштитува, односно инкриминира повреда на одредени вредности. Па така, животот и телото, половата слобода и половиот морал кои се вредности кои се штитат од повреда и се инкриминира таа повреда во криминалистиката и полициското постапување се познати како крвни и сексуални деликти. Ова и од причина што Европската конвенција за човековите слободи и права и Уставот на РСМ, гаранциите за животот и физичкиот интегритет на човекот ги издига на степен на неприкосновено право. Оттука, и криминалистичките и полициските науки воспоставиле посебни методики, тактики и техники за расветлување на посебните видови кривични дела, меѓу кои и крвните деликти.
Убиството е крвен деликт и најстрого санкциониран. Од досегашните информации во медиумите дознавме дека, двете притворени лица и едното во бегство се „осомничени за убиство“ на ракометарот Денис Тот. Тоа значи дека, МВР ја дало правната квалификација на дејствијата по криминалистичките истражувања и докази кои кореспондираат со битието на кривичното дело убиство.
Она за што јавноста изразува сериозен интерес е временската рамка (што ја спомна и министерот Спасовски) во која се одвивало полициското постапување. Јавноста има право тоа да го знае и тоа во ниту еден случај не ја нарушува тајноста на истражната постапка. Напротив, тие информации ќе му помогнат и на самото обвинитество и министерство во собирање на информации од важност за расветлување на случајот и нема да фрла сомнежи за прикривања и информациската недоследност.
Во МВР постојат Стандардни оперативни процедури за начинот на постапување на полициските службеници во МВР за кривични дела убиства и други кривични дела од областа на крвните и сексуалните деликти како и за сите случаи на неочекувана, неразјаснета и смрт под сомнителни околности. Овој криминалистички акт е рамен на протокол за хируршки зафат во медицината, повторно зависно што се оперира, односно што се истражува. Целта на овие стандардни оперативни процедури е да им овозможи сите припадници на МВР да имаат упатства и насоки за тоа како ќе се спроведуваат криминалиситичките истражувања, со цел преземање на сите потребни мерки и активности што се во надлежност на министерството, заради откривање на сторители на кривични дела, обезбедување на материјални докази и поднесување на кривична пријава до надлежно Јавно обвинителство.
Случајот со Денис Тот
Според описот на настанот со убиството на ракометарот Денис Тот, овој случај (според оперативната процедура на МВР) е случај од Категорија А. Тоа значи „криминалистичко истражување на убиство кое предизвикува голема грижа/интерес кај јавноста, кога не се знае идентитетот на сторителот(те) и кога треба многу повеќе ресурси за собирање на докази“. Постојат и Категории Б и В кои не соодветствуваат со актуелниот настан.
Во случаи кога има пријава за убиство и други кривични дела од областа на крвни и сексуални деликти, од страна на Дежурниот оперативен центар на МВР потребно е веднаш да се извести Началникот на Секторот за сериозен криминал/Началникот на Одделение за криминалистичка полиција при СВР и да му се пренесат познатите информации. Доколку е пријавено кривичното дело е од Категорија А, тогаш Секторот за сериозен криминал од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал веднаш треба да го превземе криминалистичкото истражување.
По добиеното сознание или пријава за извршено кривично дело, дежурниот полициски службеник во Центарот за информации и команда (ЦИК), односно дежурниот полицаец во ПС од општа надлежност, треба да му ги постават следниве прашања на лицето/а што пријавува: име и презиме, домашна адреса и телефон; првичен извештај/изјава од лицето што пријавува; точни детали за локацијата на лице местото; условите под кои го открил; можен идентитет на жртвата(те); детали за други сведоци/лица што се присутни; која е врската на лицето што пријавува со починатото лице; каде се наоѓа лицето што пријавува; детали за првичниот опис на осомничените; полицискиот службеникот треба да се обиде да го открие идентитетот на лицето што се јавува, а сака да остане анонимно; веднаш формира група за обезбедување на местото на настанот со цел обезбедување на местото на настанот и прибирање на првични информации; ја известува дежурната увидна група и ја упатува на местото на настанот; веднаш телефонски ги известува: началникот на Секторот за внатрешни работи, Началникот на Одделението за криминалистички работи/ОСК, началникот на единицата за насилен криминал/Одделението за општ криминал, раководителот на Отсек за криминалистичко технички истраги на место на настан, командирот на полициската станица и Јавниот обвинител; со првичните сознанија за извршеното кривично дело кога сторителот е непознато лице, познат сторител во бегство и друго го известува Секторот за известување и координација на состојби на Министерството, со цел истиот да ги извести сите полициски станици за гранична контрола или одреден СВР и доставува телеграма за извршеното кривично дело до Секторот криминалистички работи и Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа во Бирото за јавна безбедност и до Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Централните полициски служби.
Полицијата што е на пат кон местото на кривичното дело или на жртвата треба: да го запише датумот и времето кога е добиена задачата, кривично дело, потеклото на повикот и детали за други итни служби што се присутни таму; да внимава/запише возила, лице(а) што доаѓаат од правец на лице место на кривичното дело или во негова близина со цел да се идентификуваат потенцијални сторители и сведоци; и, да ги провери сите сомнителни лица, возила или други активности со кои се среќава или да ги пренесе податоците до дежурниот оперативен центар.
Во конкретниот случај, според сите изнесени информации за случајот добиените сознанија или пријава за состојбата на ракометарот Денис Тот, доаѓаат од Клиничкиот центар (8.4.2022 – „Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера (7.4.2022) во 4:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“). Следејќи ја стандардната оперативна процедура за истрагата и за надзорот над полицијата е важно да се знае, дали е постапено веднаш по донесување во бесознание на Тот во Клиничкиот центар на 07.04, или пак постапувањето започнало по констатираната смрт на Тот на 08.04. Ова е важно и од причина што „пријавителот“ во СВР Скопје во 04:11 чаот на 07.04 во известувањето наведува „без траги на насилство“ и веднаш му е укажана лекарска помош.
Дали ЦИК при МВР и другите надлежни можеле да ја применат правилно оваа стандардната оперативна процедура веднаш по добиеното известување од Клинички центар? Одговорот е и да и не. Не, затоа што во првичното известување до СВР Скопје (според информациите од МВР) се истакнува дека, „во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош“ што не укажува на итност во примена на оваа стандардна оперативна процедура.
Да, затоа што во првичното известување на Клинички центар до СВР Скопје сепак постоеле елементи за службено постапување и заради утврдување на околностите за безсознанието на лицето (Тот), чиишто идентитет не се знае како е утврден од страна на пријавителот. Останува прашањето, дали дежурниот полицаец во ЦИК го пополнил прашалникот со информации добиени од страна на лицето кое од Клинички центар го пријавило случајот? и, Кога е извршено првото постапување (увид) од страна на полициските службеници во КАРИЛ – 07.04 или 08.04?
Зошто се важни овие прашања?
Овие прашања произлегуваат од стандардната операативна процедура и од редоследот на задачи и одговорности во постапувањето на надлежните институции. Напоменувам дека, во овој случај, заради непријавување во МВР од страна на очевидци на настанот пред дискотеката е оневозможено вршењето на класичен „увид на лице место“ од каде би можело да се соберат и други траги од извршеното кривично дело. Оттука, се поставува прашањето кога е направен полицискиот увид за случајот по што е согледана состојбата на жртвата – насилна смрт?
Ова прашање е важно и заради утврдување на навременоста и начинот на постапување на Началникот на Одделението за криминалистички работи/Началникот на Секторот за сериозен криминал кој според стандардната оперативна процедура е главен лик во истрагата (раководител е на оперативниот тим), кој раководи и го организира преземањето на планираните мерки по одредено кривично дело.
Тој ги има следните задолженија: по добиеното известување за кривично дело убиство и други кривични дела од областа на крвни и сексуални деликти како и сите случаи на неочекувана, неразјаснета и смрт под сомнителни околности (со НН сторител или со тешки последици) излегува на местото на настанот, заради увид во работењето на групите за обезбедување на настанот и запознавање со преземените мерки и добиени сознанија и раководи со превземането на сите мерки и активности; му предлага на Началникот на СВР/ОСОСК активирање или престанок на акцијата „ОБРАЧ”; се ангажира оперативен аналитичар кој ќе биде член на оперативниот тим во сите случаи кога е пријавено кривично дело убиство и други кривични дела од областа на крвни и сексуални деликти, како и сите случаи на неочекувана, неразјаснета и смрт под сомнителни околности (со НН сторител или со смртни последици); врши планирање за бројот на полициски службеници кои ќе бидат ангажирани во првичните мерки, кои дополнително ќе бидат ангажирани со цел обезбедување на континуитетот и динамиката во преземањето на мерките и активности; непосредно контактира со Јавниот обвинител; по потреба ангажира дополнителни сили и средства од организационите единици во Министерството; го одобрува изготвениот план со мерки и активности од страна на Началникот на одделение за крвни, сексуални и сообраќајни деликти и Раководителот на оперативен тим; ги дистрибуира задачите предвидени со планот до Началниците по линии и тоа: оддели, сектори, одделенија, отсеци, надворешни канцеларии во полициски станици; врши контрола на роковите во кои треба да се извршат задачите предвидени со планот, со оценка дали е извршена задачата; врз основа на анализа на материјалот изготвен по извршените задачи, го враќа материјалот на доработка, а доколку оцени дека задачата е извршена, материјалот го доставува до Началникот на Одделението за крвни деликти и
Раководителот на оперативен тим; врши оценка на законитоста и оправданоста на лишувањето од слобода.
Доколку постојат сознанија дека осомниченото лице ќе даде активен отпор и доколку се исполнети законските услови, одлучува за формирање на група за лишување од слобода.
Раководителот на оперативниот тим: носи одлуки кога треба да се земе изјава од лица по претходна консултација со надлежниот Јавен обвинител; непосредно присуствува при вршењето на увидот; по вршењето на увидот, во сите случаи во кои има смртна последица, го запознава Јавниот обвинител и им предлага вршење на судско-медицинска обдукција; во случаите кога нема да прифатат вршење на обдукција, Раководителот на оперативен тим е должен за тоа да изготви службена белешка; по потреба може да присуствува на вршењето на судско медицинска обдукција; по завршувањето на увидот, заедно со Началникот на одделение за крвни, сексуални и сообраќајни деликти, учествува во изготвувањето на првичниот план за мерки и активности и непосредно учествува во реализацијата на задачите предвидени со планот; непосредно учествува во разговорите со лица-сведоци на настанот и лица непосредни извршители на кривичното дело; ги следи анализите и резултатите од изготвените вештачења на пронајдените и одземените траги и предмети, од местото на настанот, осомничено лице и претрес на теренот и објектите; по добиеното сознание за лице – можен сторител на кривично дело, непосредно учествува во вршењето претрес на неговиот дом и други простории и е раководител на групата која го врши претресот; непосредно е задолжен за преземање на мерки и активности по отворената криминалистичка обработка се до нејзино реализирање; ги изготвува кривичните пријави; во случаите кога врз основа на преземените мерки и активности, не е утврдено постоење на кривично дело и кривична одговорност Раководителот на оперативен тим е должен, за констатирана состојба со посебен извештај да го извести надлежниот Јавен обвинител.
Кога е направено сето горенаведено (увидот – 07.04 или 08.04) , за да може да се оценува навременостаа и професионалноста во постапувањето на одговорните во МВР? Фактот што Директорот на Судска медицина, д-р Александар Станков за телевизија на 09.04., околу 12.00 часот изјави дека обдукцијата е во тек и дека, наодите ќе бидат предадени на Јавното обвинителство, укажува дека, раководителот на оперативниот тим од МВР кој учествувал во увидот над безживотното тело на ракометарот Тот, му предложил на ЈО судско-медицинска обдукција.
Раководител на оперативен тим може да побара да се води истрага од врата до врата со цел: идентификување на осомничени, идентификување на сведоци и собирање на локални информации и разузнавање. Ова е од особена важност ако се знае дека, обезбедениот видео материјал ја дава таа можност, дотолку повеќе што е потребно да се идентификуваат сведоците на настанот кои ниту пријавиле, ниту се обиделе да реагираат соодветно на ситуацијата, со цел да се дознае зошто и од кој причини ниту еден од нив не почувствувал граѓанска обврска да повика интервентна полиција заради навремено постапување кое можело многу од нештата да промени.
Во оваа фаза може да е корисно да се направи дијаграм или реконструкција што покажува точно каде бил и како бил позициониран сведокот кога забележал нешто од значење. Тоа ќе помогне да се сочува овој податок и да се стават работите во контекст во подоцнежната фаза, особено ако околината од кривично дело се променила во меѓувреме. Кога се води разговор со сведоци, полицискиот службеник мора да води сметка за следното: колку време се набљудувало; оддалеченост помеѓу сведокот и лице местото на настанот; видливост – вклучувајќи кое време од денот, улично осветлување итн.; препреки, сѐ што го попречило погледот на сведокот; познат или виден отпорано, дали сведокот го знае или го видел сторителот претходно; каква било причина да се запамети, дали имало нешто специфично што придонело лицето/кривично дело да се запамети; поминато време, колку време поминало откога сведокот за последен пат го видел сторителот.
Овие прашања се од суштинска важност за истражната постапка и за точно утврдување на улогите на осомничените, но и на сведоците кои можат да станат осомничени во дадена фаза од постапката, заради причини од горенаведена природа кои требало, а не предизвикале никаква човечка и очекувана реакција од страна на сведоците – повик на полиција или брза помош. Постојат неколку полициски стратегии за разговор со сведоците.
Врската со семејството е една од најважните должности на Раководителот на оперативен тим, особено за убиство. Еден од најважните односи што полицијата ќе ги развие е оној со семејствата на жртвите во момент што е тежок и болен во нивните животи. Главните цели на стратегија за врска со семејството се: идентификација на семејството; да се анализираат потребите, грижите и очекувањата на семејство на жртвата со цел да се одредат сите релевантни и реални активности што треба да се преземат во поглед на нивните човекови права; да се работи со семејството со цел да се испочитува нивното право да ги добиваат сите релеванти и ажурирани информации за кривично дело; да се собира материјал од семејството на начин кој придонесува во истрагата и го зачувува нејзиниот интегритет; да се дадат информации и да се олесни грижата и поддршката за семејството кои самите се секундарни жртви на чувствителен начин во согласност со потребите на истрагата и да се осигура и одржи довербата и верувањето на семејството, а со тоа да се поттикне нивната соработка во криминалистичкото истражување.
Од сето горенаведено за овој случај кој припаѓа на Категорија А во рамки на полициското постапување неопходно е навремено, точно и целосно информирање на јавноста и отстранување на сите дилеми во врска со временската рамка во која полицијата постапувала во случајот (датум, час, место, лица, мерки и активности) во еден хронолошки и фактографски редослед во кој ќе бидат опфатени улогите и активностите на секој полициски службеник пооделно со цел да се утврди навременоста и професионалноста во постапувањето. Само така може да се отстранат паралелите со други слични случаи кои поттикнаа јавен интерес и грижа, со што ќе се покаже промена на полициската практика во оперативното постапување и во медиумското известување за вакви случаи. Дотолку повеќе што станува збор за странски државјанин со привремен престој во државата и спортист кој природно побудува и други видови на реакции и барања за целосни информации.
Вонредниот инспекциски надзор на Министерството за здравство е исто така важен дел во постапувањето и информирањето за овој случај од причина што и Клиничкиот центар има обврски по стандардни оперативни процедури за вакви случаи и обврска за точно и навремено известување и соработка со останатите институции од доменот на крвните деликти и насилна смрт. Немањето комуникациска и протоколарна координација со МВР ја прави поделена одговорноста за начинот и навременоста во постапувањето, кое во ниту еден момент не може да се квалификува како кривична се додека не се утврдат сите околности за постапувањето на институциите по насилната смрт на ракометарот Тот пред ноќниот клуб „Привилиџ“ за кој дознавме дека немал лиценца за работа, а со тоа не е ни чудно што не ги исполнил стандардите за работа како ноќен клуб од многу аспекти кои не биле предмет на контрола на повеќе надлежни институции.
Народниот правобранител ја има целокупната оперативна и процесна моќ според Законот за внатрешни работи да изврши надзор над полицијата за конкретниот случај и да утврди дали е постапено по процедурите. До овој момент не слушнав дека Омбудсманот ја најавил таа негова законска обврска. Велам обврска, заради Категоријата А на случајот со убиство на странски државјанин – ракометар. И на крајот, ниту едно недоразбирање помеѓу луѓето не може да биде оправдано со насилство, а најмалку со свесно нанесување на удари кои за Денис Тот се покажаа смртоносни и намерни.