
Ана Костадиновска се прости од колегите од „ДНК“: Си замина дел од моето второ семејство и остана само пепел и празнина
Придружниот вокал и професорка по музика, Ана Костадиновска, се збогуваше со своите колеги од групата „ДНК“, кои трагично го загубија животот во катастрофалниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Меѓу 59-те жртви беа пејачот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, пијанистот Филип Стевановски, битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо, тонецот Игор Велков и официјалниот фотограф на групата, Александар Ефремов.
„Си замина дел од моето второ семејство. А, заедно со нив, и душава моја. Остана само пепел и празнина. Кој би рекол дека празнината може толку силно да боли?“, напиша Костадиновска на својот фејсбук-профил.
Таа и Сара Пројковска беа долгогодишни соработнички, создавајќи хармонично дуо кое придружуваше бројни македонски изведувачи на сцената. Со посебна болка, Костадиновска ѝ посвети емотивна проштална порака на својата блиска пријателка.
„Љубовче мое, даденце мое, ангелу мој, душо на мојата душа… ќе те сакам додека дишам и постојам, а ќе болиш секој ден“, напиша таа.
Да потсетиме, и раперот Владимир Блажев – Панчо и Ана Костадиновска беа дел од музичкиот состав на „ДНК“ кој настапуваше во моментот на трагедијата. Во моментов, Панчо е хоспитализиран во скопска клиника.
Голема загуба за македонската сцена: Андреј и Панчо од „ДНК“ – хумани музичари со големо срце