Фото: Фејсбук/„ДНК“

Голема загуба за македонската сцена: Андреј и Панчо од „ДНК“ – хумани музичари со големо срце

Македонија тагува поради големата трагедија што се случи во Кочани во неделата наутро, кога разорен пожар го зафати ноќниот клуб „Пулс“ за време на концертот на музичката група „ДНК“. Според официјалните податоци, загинаа 59 лица, а 155 луѓе се повредени.

Меѓу настраданите се и членови на „ДНК“ – пејачот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, пијанистот Филип Стевановски, битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо, тонецот Игор Велков, како и официјалниот фотограф на групата Александар Ефремов.

Владимир Блажев – Панчо, според неофицијалните информации е хоспитализиран, додека за придружниот вокал Ана Костадиновска нема информации.

Една од највлијателните музички групи

„ДНК“ е една од најпознатите и највлијателните музички групи, формирана во 2002 година од Владимир Блажев – Панчо и Андреј Ѓорѓиески. Со својот карактеристичен звук, комбиниран од поп, аренби и хип-хоп елементи, „ДНК“ станаа едни од омилените изведувачи на македонската публика.

Панчо и Андреј ја започнаа својата музичка приказна со песната „Девојка за везден“, а првиот вистински успех го доживеаја со хитот „Благодарам однапред“ во 2004 година.

Низ годините, тие објавија три успешни албуми – „Кажано е сè“ (2010), „Срце“ (2013) и „Уште еден ден“ (2016), а песните „Полна месечина“, „Таа тоа го крие“, „Срце“, „Што сака нека биде“ и „Горе или долу“ се само мал дел од нивните многубројни хитови, кои станаа значаен дел од македонската поп-култура.

Во 2011 година, „ДНК“ го одржаа својот прв голем солистички концерт во Метрополис арена, а во 2017 година го прославија 15-годишниот јубилеј со уште еден спектакуларен настап. На крајот од 2022 година, Панчо и Андреј ја одбележаа 20-годишнината од основањето на „ДНК“ со спектакуларен концерт во арената „Борис Трајковски“.

Големи хуманитарци

Покрај музиката, членовите на „ДНК“ секогаш се залагаа за хуманитарни цели. Учествуваа на многубројни добротворни концерти, вклучувајќи акции за помош на деца со ретки болести, семејства во социјален ризик и настрадани од природни катастрофи.

Една од најзначајните акции на Панчо и Андреј беше онаа кога собраа 690.000 денари за лекување на младиот Леонид Игнов, кој доживеа несреќа додека беше на летување во Грција.

Меѓу последните хумани дела на „ДНК“ беше нивната донација од 30.000 денари за лекување на 16-годишната Ана Радевска, која се бори со ретка болест и е во сериозна здравствена состојба.

– Заедно со Ана од срце ве замолуваме да бидете хумани за што побрзо да се заврши целиот процес и Ана повторно да биде безгрижна. Како „ДНК“ дониравме 30.000 денари (за жал, толку можевме и толку дозволува нашиот буџет), но веруваме дека секој од вас кој е во можност, би можел да сврти барем еднаш на телефонските броеви и да ја сподели информацијата за да ги собереме потребните средства – објавија Панчо и Андреј на својата фејсбук-страница пред две месеца.

Минатата недела, Панчо и Андреј го посетија младиот Берк Лимани од скопската населба Ѓорче Петров, кому му помогнаа околу најважните потреби и целосно му го покрија трошокот за терапијата на неговата болна мајка. Исто така, ја споделија неговата тешка животна приказна на социјалните мрежи и ги повикаа сите кои се во можност да направат донација.

– По вчерашното обраќање на Берк Лимани чие „писмо“ допре длабоко во нашата душа, а веруваме и до многумина, денес отидовме директно до кај нив во нивната куќа-соба во која за жал ја немаат основната работа за функција – СТРУЈА. Берк и неговата мајка Севим живеат во населбата Ѓорче Петров, на улица „Беа Куле“ бр.1 А во (не)услови кои не се достојни за еден нормален живот. Тоа што им беше најбитно во моментов им го дадовме (толку бевме во можност), и целосно го покривме трошокот за терапијата на неговата болна мајка. За почеток, најважно е да се подмири сметката за струја која изнесува 46.000денари, за повторно да засвети нивниот трошен дом. Инаку, додека разговаравме, седевме осветлени од неколку свеќи, па ги запрашавме што уште би можеле да им помогнат останатите хумани луѓе кои се во можност да донираат и излезат во пресрет – напишаа тие на Фејсбук.


Андреј, кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани, беше познат по тоа што секогаш беше подготвен да помогне. Несебичната природа го направи омилен не само меѓу колегите, туку и меѓу обичните луѓе. Според неофицијалните сведоштва, Андреј првично успеал да излезе од дискотеката, но се вратил назад во „Пулс“ за да им помогне на загрозените, што е дополнителна потврда за неговата неизмерна хуманост.

Последно збогум од колегите

Веста за трагедијата предизвика огромна тага меѓу македонските музичари и јавни личности. Социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство и болка, додека нивните пријатели и колеги се простуваат со загинатите.

„Андреј, срцево ми се кине на сто парчиња, а душава ми е распарчена. Твојата милост и убавина не изостанаа ни во последните мигови пред заминеш засекогаш спасувајќи други животи. Ништо помалку не очекував од тебе познавајќи ја твојата човечност, но не мораше вака“, напиша Калиопи.

Каролина Гочева се прости со своите колеги со емотивна порака.

„Со скршено срце се збогуваме со нашите пријатели, колеги, Андреј, Сара, Ѓорѓи, Александар Коларов, Александар Ефремов, Филип, Игор… Ќе продолжат да живеат во секоја песна и секое срце што го имаат допрено преку нивната работа. Занемени сме од болка!“

Елена Ристеска, длабоко потресена, напиша трогателен текст на својот инстаграм-профил.

„Не можам да престанам да плачам. Ме боли и ми се кине душата поради сè ова… Не знам дали некогаш ќе се опоравиме од оваа болка по вас! Цела Македонија плаче и тагува! Примете сочувство сите што загубивте блиски!“

И Тамара Тодевска ја искажа својата болка на социјалните мрежи.

„Денеска нè напуштија наши верни колеги, уметници, невидени таленти и предобри луѓе. Немам зборови што можат да ја опишат оваа болка и тага. Лута сум, гневна, тажна… разочарана. Големо сочувство до семејствата и до блиските на моите колеги, другари, до сите луѓе што загинаа во Кочани.“

Последна почит им оддадоа и многу други јавни личности, меѓу кои и водителката Миа Костова, актерката Весна Петрушевска, пејачката Антониа Гиговска, актерот Игор Џамбазов, пејачот Даниел Кајмакоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот