Фото: Fédération Equestre Internationale (FEI.org)

Американската амбасада за Онишченко: Ова не е прашање за нас, туку за надлежните институции

Украинскиот олигарх со руски пасош, кој од неодамна стана и македонски државјанин, Олександр Онишченко, под параванот на коњичкиот спорт ги поминал сите безбедносни контроли во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), од каде дале позитивно мислење дека треба да добие државјанство. Меѓутоа, клучот во целата процедура лежи во одговорните во АНБ за стратешка соработка со партнерите, меѓу кои се и САД.

Според нашите информации, како дел од стандардната процедура во АНБ за доделување државјанство за странец, секторот за стратешка соработка ја контактира амбасадата за проверка на конкретниот барател на државјанството, во случајов Онишченко. Затоа „Слободен печат“ во Американската амбасада праша дали АНБ од нив побарале да го проверат Онишченко дали е на некоја од нивните листи од интерес, како и дали амбасадата дала позитивно или негативно мислење за олигархот.

„Ова не е прашање за амбасадата, обратете се во надлежните институции“, кусо ни одговорија оттаму.

Во меѓувреме, Агенцијата за национална безбедност ја тресе скандалот со доделувањето државјанство на човек кој е на црната листа на САД, избеган од Украина поради тоа што украинското антикорупциско биро му има отворено случај за перење пари и проневера со која се стекнал со 100 милиони долари профит препродавајќи евтино купен гас за високи цени. Украинските медиуми во 2011 година го обвинуваа олигархот дека на синот на Гадафи, преку избори за мис, му доставувал малолетнички за проституција. Медиумите пишуваат дека во 2010 година, на Онишченко му бил предмет во кој се товари за дела од член 303 од Кривичниот законик на Украина, а полицијата предложила обвинението да содржи и подведување малолетнички, зашто Онишченко организирал избори за мис со млади девојки. Во случајот, според медиумите, тој и неговиот содружник, Валид Арфуш, биле обвинети за трговија со жени, кои требалло да бидат сексуално експлоатирани во Русија, Казахстан и Обединетите Арапски Емирати.

Собраниската комисија за надзор на работата на АНБ во среда го повика да дојде директорот на институцијата и кандидат за амбасадор во Франција Виктор Димовски, а на дневен ред е точката како дошло до тоа Онишченко да добие македонско државјанство.

Пред да стане македонски државјанин, Онишченко се преселил во еден куп држави, па дури и во Узбекистан. Лани во април дал интервју во кое кажува дека добил предлози да дојде во Македонија, во Унгарија и во Русија. Не кажува кој го повикал во Македонија. Кажува дека во текот на неделата е во Узбекистан, а за викенди во Европа. Во интервјуто Онишченко вели дека му е доста од политика и дека сега се фокусира на бизнисот и на коњите, а дека во Узбекистан има интереси во злато, хемиска индустрија и минерални ѓубрива во земјата на „неверојатен пазар“. Во тој текст, наведено е дека на сите американски државјани им е забрането да вршат било какви трансакции со него а неговите пари во САД се блокирани.

„Слободен печат“ провери и во Централниот регистар и не пронајде фирми отворени од Онишченко или такви во кои тој се јавува како менаџер.

-Сега моите напори и можности ќе бидат насочени кон Узбекистан. Овде коњот е почитувано животно. Личноста што јава коњ се смета за побожна личност чии гревови се простени, вели Онишченко во интервјуто.

Со проверка во избирачкиот список на Република Северна Македонија, дојдовме до сознанието дека кошаркарот Игор Пенов му дал на олигархот Онишченко да му биде „станар“ за државјанство, но за „Слободен печат“ тој не кажува дали и од каде го знае.

Кошаркарот, татко му Милчо Пенов и рускиот олигарх Олександр Онишченко, сите тројца се на иста адреса регистрирани во избирачкиот список во скопско Пржино, иако Онишченко никогаш не стапнал со нога на таа адреса туку само му било дозволено од страна на сопственикот на куќата да побара македонско државјанство со таа адреса. Како поранешниот кошаркарски репрезентативец Пенов дошол во толку блиска релација со бараниот олигарх, обвинуван за посредување со проституција на украински мисици, проневера на 100 милиони долари од Украина и за пласирање дезинформации во полза на Трамп на американски избори, до степен да му дозволи да се регистрира за државјанство кај него дома, со неговата домашна адреса, не е јасно.

Игор Пенов не беше изненаден што на неговата домашна адреса и во избирачкиот список фигурираат заедно со Онишченко на иста адреса, но не сакаше за „Слободен печат“ да објасни како дошло до таквите околности и дали Онишченко некогаш воопшто лично го запознал.

– Глупости. Нема што да зборуваме на оваа тема. Немам што да кажам. Што мислиш ти, како е слетан тој тука?, ни рече во краткиот телефонски разговор кошаркарот Пенов, пред да се заблагодари што се јавивме и пред да го прекине телефонскиот повик.

Екипата на „Слободен печат“ вчера поразговара со сопственикот на куќата во Пржино, кој се претстави како Миле и најверојатно е таткото на кошаркарот. Запрашан каде е Олександр Онишченко и дали некогаш живеел на таа адреса, тој ни рече дека тој е на слобода, дека на Македонија и донел еден куп златни медали во коњаничкиот спорт и дека кошаркарот само му направил услуга со тоа што му дал дозвола да биде регистриран на таа адреса. Според тоа што ни го кажа газдата на куќата, Онишченко никогаш не стапнал на улицата „Пржино“.

„Слободен печат“ провери и во Централниот регистар о не пронајде фирми отворени од Онишченко или такви во кои тој се јавува како менаџер.

-Сега моите напори и можности ќе бидат насочени кон Узбекистан. Овде коњот е почитувано животно. Личноста што јава коњ се смета за побожна личност чии гревови се простени, вели Онишченко во интервјуто.

Мистеријата околу Онишченко тешко се расплеткува: Кошаркарот Пенов не сака да каже како Украинецот му стана состанар заради државјанство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот