Американците ќе „зацрнат“ судии, обвинители, адвокати, бизнисмени…

Фото: МИА

Едно од објаснувањата за проширениот состав на „црната листа“ на САД е дека за да се достигне толку високо ниво на корупција и толку многу да се уназадат одредени делови од општествено-политичкиот систем, не се доволни само луѓето од политиката и не е доволна само една генерација.

Наспроти досегашната практика, но и на очекувањата на јавноста дека на проширената американска црна листа ќе доминираат имиња на политичари, дозираните информации во одредени кругови укажуваат дека ќе бидат погодени луѓе од правосудството, од бизнисот и пошироко од јавниот живот. Едно од објаснувањата за вака широкиот опфат е дека за да се достигне толку високо ниво на корупција и толку многу да се уназадат одредени делови од системот, не се доволни само луѓето од политиката и не е доволна само една генерација.

Според дипломатските претпоставки се очекува објавувањето на листата да се случи до крајот на месецов, а во меѓувреме заменик шефот на американската амбасада во Македонија Ерик Мејер, според најавата, да ја посети Државната комисија за спречување на корупцијата.

– Воопшто немаме закажано таква средба или какви било други информации. Точно дека со Мејер бевме на еден заеднички настан, но за тоа не стана збор. Со други луѓе од амбасадата на САД имаме контакти во овој период, но во однос на спроведувањето реформи во правосудството – изјави вчера претседателка Билјана Ивановска.

Од искуството во други земји и од она што досега го изјавуваа американски претставници, власта во Македонија, сепак, ќе биде инволвирана во процесот на прочистување на системот.

– Ние ќе направиме сè што е можно корумпираните актери да одговараат, а нашата Влада има алатки за тоа. Но, ние не сме решавачкиот фактор во борбата против корупцијата – објасни минатата недела Мејер.

По минатомесечната посета на тројцата дипломати од Стејт департментот, шефот на државата Стево Пендаровски, иако реши поголемиот дел од сознанијата да ги задржи за себе, потврди дека т.н. црна листа нема да опфати само политичари туку ќе бидат запишани луѓе од бизнисот, од правосудството и од другите витални сектори во општеството. Тој не ја исклучи можноста на листата да се најдат и актуелни функционери.

Таканаречената „црна листа“ ја составува Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC). На обновената листа, од шести јануари годинава, како што е познато, се 12 имиња од земјава. Поранешните премиер Никола Груевски и директор на Управа за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков последни беа додадени, во април 2022 година.

Досега запишани на црната листа на САД

 

Претходно, на листата се најдоа Абдул Јашари, познат како Ал-Албани од Скопје, кој се поврзува со терористичката организација Ал Нусри фронт од Сирија. Лидерот на ДПА Мендух Тачи, потоа Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, Џавит Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемаил Хисени, Даут Реџепи и Џезаир Шаќири на листата беа ставени поради нивната вмешаност во шестмесечниот вооружен конфликт во Македонија и поткопување на Охридскиот мировен договор, со кој завршија судирите. Кратко време, во 2001 година, на оваа листа се наоѓаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој беше тргнат откако ја соблече воената униформа и стана приврзаник на Охридскиот договор. И поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски беше неколку години на листата, по што беше отстранет, како и Саит Рушити, еден од осудените за случајот „Мавровски работници“, кој се самоубил во затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот