Фото: РК Алкалоид

Алкалоид на чекор од историја: Славеше голема победа среде Атина!

Ракометарите на Алкалоид направија огромен исчекор кон освојување на првиот европски трофеј во клупската историја, откако во Атина славеа важна победа против грчкиот АЕК со 25-29 во првиот финален натпревар.

Иако домашниот тим поведе со 2-0, следеше изедначено прво полувреме во кое двата тима се менуваа во водство, најчесто играјќи гол за гол. АЕК успеа да се одлепи на 14-12, но во самиот финиш на полувремето, избраниците на Кире Лазаров одговорија со серија од 0-4 и на одмор заминаа со предност од 14-16.

Вториот дел беше целосно во знакот на македонскиот тим. Алкалоид играше цврсто и организирано, држејќи постојано водство од 2-3 гола разлика, а во завршницата го зголеми темпото и успеа да го затвори натпреварот со одлични „плус четири“ (25-29).

Домашната публика не го прифати лесно поразот, па натпреварот беше обележан и со инцидент, откако Митев беше погоден со тврд предмет од трибините. Сепак, тоа не ги спречи „фармацевтите“ да стигнат до значајна победа.

Клучен фактор за триумфот беа голманите на Алкалоид, Марко Кизиќ со десет интервенции и Филип Галевски со девет, кој блесна со неверојатен биланс од „пет од пет“ одбранети седмерци. Најефикасен во нападот беше Мартин Серафимов со шест погодоци, а Франциско Да Силва додаде пет.

Реваншот е закажан за седум дена во „Борис Трајковски“ со почеток од 20:30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот