Комисија за кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции / Фото: Министерство за здравство

Алиу очекува Комисијата да даде објективни резултати од анализата на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу утрово одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. На состанокот присуствуваа и заменик министерот, Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и јавните здравствени установи.

„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.

Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).

Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.

„Процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство“ соопштија од Министерството.

Алиу вчера имаше средба со кардиохирургот Кедев, на која разговараа за наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници, соопшти Министерството за здравство.

Алиу на средбата потсетил дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи се задолжени од 15 септември да го информираат Министерството, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции.

Министерството за здравство се фрли на работа: Се проверува дали во приватните болници пациенти се оперираат без потреба, само за профит како што тврди Сашко Кедев

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот