
Алибито на Мицкоски од 11 милиони евра
Мицкоски бараше и доби фингерпринт-читачи. Ги доби и изборите. Цената за уцената ја плати Македонија.
Џабе фрлени пари, беа коментарите поради лошите искуства на гласачите со електронските читачи на отпечатоци на прсти за време на локалните избори во неделата.
Препорачано
Од Христијан Мицкоски научивме што е тоа фингерпринт уште во март, кога имаше причини да ликува, по постигнатиот договор со Зоран Заев. Премиерот ги прифати барањата на опозицискиот лидер – одложување на пописот за септември и користење фингерпринт-апарати како услов да се одржат локалните избори. Опозицијата ја постигна целта со блокада на Собранието среде најголемата здравствена криза. Пикот на пандемискиот пролетен бран се совпадна со датумот на лидерската средба.
Три дена подоцна, на денот на лагата 1 април, Мицкоски во изјава за ТВ21 си го впиша успехот од лидерската средба и во своето портфолио („има моменти кога политичарите можат да бидат над ситуацијата“). Всушност, Заев беше тој што со отстапки го деблокираше Собранието (20 закони чекаа на донесување) и што го спаси пописот на населението, за кој пред 10 години ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ фрлија речиси три милиони евра и повторно не беше спроведен, а никому до ден-денес влакно не му фали поради тоа.
Неизвесно ќе беше и одржувањето на овие локални избори ако во март не беше прифатена уцената од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Секој ден од Белата палата ечеа црни тиради за изборна кражба, за бугарски возови и поткупи, а единствениот спас да ти биле уредите за земање отпечатоци од прсти, а зад хирот со фингерпринтот на Мицкоски се криеше потрагата по алиби за евентуален неуспех на изборите. Алиби за партискиот и опозициски лидер, кој не се дистанцираше од претходната врхушка, позната по „пирамидите“ од гласачи, по издавањето 20-ина лични карти на иста адреса, по предметот „Титаник“ за изборен поткуп…
Деновиве, додека ја слави победата во првиот круг, Мицкоски не коментира како функционирала технологијата што ја предложи, и покрај тоа што фингерпринтот не остави особен впечаток кај гласачкото тело. Поточно, кај половината од него, колку што беше одѕивот во неделата, најмал во досегашните седум избори на локална власт.
Неуспешните обиди за идентификација на гласачите преку новиот уред одземаа време и создаваа метеж (или гужви, што би рекол претседателот на ДИК, Александар Даштевски). Каква беше збрката покажува и тоа што пред 19 часот во ДИК не знаеја до кога ќе трае гласањето, иако гласачките места сепак беа затворени во 19:30 часот. До доцна во ноќта сè уште не беа познати конечните резултати, дури и од централните скопски општини. Даштевски рече дека во 99 отсто од избирачките места читачите на отпечатоци работеле добро, зашто „само на шест места се преминало на класично гласање“. Во таа „статистика“ не влегоа сите малтретмани врз граѓаните во првиот изборен круг, кој недозволиво се претвори во „генерална проба“ на терминалите за биометриска идентификација наместо во подемократски избори. Резервите што беа јавно искажани околу базите на податоци на МВР што не смееја да бидат префрлени за вакви цели и поради големата веројатност од технички проблеми при проверката на идентитетот на гласачите се покажаа оправдани. Ниту армијата обучени за ракување со новата опрема беше доволна за да се отстранат застоите за време на гласањето на многу гласачки места.
Не се мрсни прстите на гласачите пред фингерпринт-читачите, мрсни се рацете на оние кои без да прашаат за цена бараат „поголем степен на регуларност на изборите“. Мицкоски бараше и доби фингерпринт-читачи, иако претходно веќе беа платени УВ-ламби и спрејови со државни пари со кои изборниот процес добро функционираше и чие воведување беше дел од Пржинскиот договор. Мицкоски ги доби и изборите и сега може мирно да седи во партиската фотелја по неколкуте порази во низа. За да се спаси неговата позиција, цената за уцената ја плати Македонија. Единаесет милиони евра!