Александра Иванова, зачетничка на бранот илустриран накит: Се држам до убавината на самиот процес на создавање, а не до целта

Не се товарам со амбиции, со копмпарации, натпревари, вежбам невидливи стилски вежби секогаш одново кога имам можност да бидам што било – да останам човек. Гледам да се ослободам од сите умислености и да не си набијам нови, и се држам до убавината на самиот процес на создавање, а не до целта, вели уметницата Александра Иванова.

Накитот на уметницата Александра Иванова е препознатлив по радоста, ведрината, живите бои. Со ликови од детски приказни, со човечиња, овошки, цветчиња, мориња, сонциња, со Малиот принц и неговата лисица, со љубовни приказни, градови… Веќе 15 години Александра создава накит кој никого не остава рамнодушен, кој провоцира насмевки, па дури и волшебен накит, кој остварува желби. Тој накит го пропатува светот, со мисија да шири љубов, а со задоволство го „облекоа“ и куп познати личности.

За разлика од сликарите кои своите емоции ги пренесуваат на платно, вашата четкичка оживува необични материјали кои како едвај да чекаат да бидат насликани. И потоа, тие весели уметнички дела, можат и да се „облечат“. Каков вид материјали користите за вашите уметнички дела?

– Накитот како формат во мојот живот влезе за време на студии. Ме иницираше моја другарка која со глинамол почна да прави накит. Јас имав жар за ликовноста и трагав за облик, и некако ми се виде тоа дофатливо да го правам. Поим немав тогаш што ми се случува, само се следев себеси и влегов во тоа тотално како почетник со огромна отвореност. Дури и кога завршив со студиите по филозофија, не помислив дека образованието може да ми даде некои опции. Tака, почетнички, уште си опипував во сферата на накитот и тоа порасна во едно многу пасионирано хоби.
Пробуваш со што и да ти дојде до рака да правиш накит и тоа ти е толку возбудливо и моќно кога добиваш резултат од влогот на силни емоции, што не помислуваш да фатиш некој стандарден правец во животот. Те влече силно ова непознатово што го откриваш, па дури и прекрасната помисла да се биде професор по филозофија е бледа наспроти возбудата да се биде почетник во едно сосема недефинирано поле кај нас, на занаетчиство и применета уметност, накит.

Кога ќе се погледне накитот кој го создавате, првата асоцијација е животна радост, уште од циклусот „Наши луѓе“ – накитот од глина на кој работевте десетина години, до денес. Во поновите дела таа животна радост која ја пренесувате станува уште позаразна, и покрај не толку радосната состојба на уметниците во државава. Кој е вашиот рецепт за радосен уметник во денешно време?

– Не сум била секогаш радосна. Напротив, сум била сосема на спротивната страна на радоста. Можеби тоа беше причината да станам трагач и секогаш одново да ја наоѓам и ширам радоста. Така, и накитот најпрвин почнав да го правам како некој вид арт-терапија и требаше доста да помине да стане ова што е. Од друга страна пак, во една фаза сум кога не целам да бидам уметник, па дури не целам веќе ни да бидам радосна. Не се товарам со амбиции, со копмпарации, натпревари, вежбам невидливи стилски вежби секогаш одново кога имам можност да бидам што било – да останам човек. Гледам да се ослободам од сите умислености и да не си набијам нови, и се држам до убавината на самиот процес на создавање, а не до целта.

Целиот циклус на правење нешто за мене подразбира, најпрво, правење на едно внатрешно устројство, структура, организираност, усогласеност на мисла, збор и дело. Ускладеност со себеси. Ме интересира само бидувањето. Тоа можеби е најтешкиот дел од животот на еден човек и уметник, да ја разбереме хиерархијата на појавноста, дека невидливото го создава видливото. И ако имаме увид и контрола во невидливото, видливото механички само произлегува. Овој процес, ако е освестен, е автоматизиран или со други зборови, самиот дава резултати и тоа баш како што сме го поставиле внатрешното устројство.

Ликовите од детските приказни и воопшто детските насмеани лица, веселите мајки, човечиња, питоми животинчиња…, продолжуваат да доминираат на вашиот накит. Кои книги од детската литература најмногу ве инспирираат?

– Книгите се секако дел од мојот концепт, но не некоја посебна книга и не на тој директен начин. Немам лик кој е за мене централен, истовремено се гледам целосно во многу од нив. Најмногу, можеби, тоа е книгата која јас ја пишувам од кога знам за себе. Или тоа е најмногу приказната која јас сакам да ја раскажам. Концептoт за сликан, односно илустриран накит, кој сега го гледам како концепт, а на почеток само како порив, постои во мојот живот веќе 15 години. Тој е комбинација на еден мој писателско-читателски и раскажувачки аспект и еден сликарски аспект. Немав поим што е тоа кое ме повикува пред сите тие години, само го следев со голема доследност до степен на нерационалност и целосна доверба. На тој начин се себеоткривав и се себеедуцирав на повеќе полиња и добивав прилика преку раскажувањето да ја ширам оваа заразност, енергија, ентузијазам и инспирација. Денес, гледајќи ја сцената на накит во Македонија, можам слободно да кажам дека сум зачетник на бранот илустриран накит. Многу луѓе се покренаа токму од оваа моја приказна и почнаа да се развиваат лично, уметнички и бизнис-занаетчиски. Горда сум на тоа и среќна за можноста, освен да правам убавина за себе, да ја пренесувам мојата приказна на околината.

Неизбежни се сонцето, месечината, морето, ѕвездите и цвеќето, всушност, најупотребуваните именки во поезијата. А и на секое новородено парче накит му кумувате со по некој стих. Колку поезијата има улога во вашето творештво?

– Посебна убавина има секоја фаза од работата, како фотографирањето и поставувањето на фотографиите на социјалните мрежи, зашто тогаш пак, се отвара торбулето со зборови и се бира нешто што срцето сака баш тогаш да го каже. Мене лично, многу ми е важно пишувањето. Водена сум од потребата да се допрам со луѓето преку убавината, да се дадам, а накитот и пишувањето ми се начините да го направам тоа. Секој текст го смислувам посебно за таа објава, немам однапред нешто сценирано, се препуштам на моментот, тоа што ми се случува да го поврзам со накитот и така ја праќам пораката што ја живеам. Тоа луѓето го препознаваат и така се сретнуваме. Непроценлива е оваа можност да остварам допир со другите на убав и љубовен начин. Чувството на благодарност ми е критериум. И целиот тој процес за мене е поезија, живот.

Некои велат дека вашите ѓерданчиња носат во иднината. На пример, градот за кој сонувале да го посетат, прво на себе го „облекле“, а подоцна и навистина го посетиле. Според вашите насликани ѓерданчиња, за кои градови најмногу сонуваат Македонките?

– Не е сè логично, нешто е магично, велат. Магијата е во тоа човек да си ги замислува нештата кои ги сака и тие слики да го потпомагаат остварувањето на нештата и чувството кое го следи тоа искуство. Цртежот е еден вид скица на нашите соништа, а пред секоја реализација се прави скица. И да, девојките кои си посакуваа да посетат некои градови, со желба си ги носеа тие ѓердани и подоцна ми пратија фотографии од истите градови. Фотографирани со своите ѓердани. Најпосакувани градови се Париз и Њујорк, убедливо водат. Скопје, исто така, е рамо до рамо како „најносен“ град. Најчесто девојките кои се отселиле од Македонија си го сакаат Скопје, го носат со себе, и си го имаат.

Вашите весели ѓерданчиња и обетки го пропатуваа светот. Ѓерданот „Космонаутика“ стигна до њујоршката галеристка и ѕвезда на Инстаграм со над 36 илјади следбеници, Дејл, позната по комбинирањето на уметноста со стилот на Мехнетен. Неодамна вашите обетки со слики од момче и девојче ги облече Ерика, која заедно со своите пријателки во седмата деценија од животот води популарен блог за патувања, уметност, дизајн и архитектура. Има и други? Како се наоѓате и препознавате?

– Јас создавам нешто што ги прави луѓето среќни и ништо не ме спречува да верувам дека тоа нешто го заслужува целиот свет. Затоа не е тешко да се пронајдат две исти фреквенции од двете страни на светот, посебно во време на интернетот и социјалните медиуми. Фала богу што тоа е така. Отворена сум да учам за употребата на медиумите во ширењето на мојата идеја до што поголем број луѓе и тоа знаење секогаш го комбинирам со внатрешниот глас. Се случуваат чудесни работи секој ден. Некои од нив се контакти со прекрасни жени од целиот свет. Дејл е една прекрасна топла жена со развиено чувство за стил, убавина и животна радост и таа комбинација на вредности ја прави таква каква што е. Нашата соработка сè уште трае на задоволство на двете. Ерика ме пронајде преку Дејл, и со неа, исто така, се поврзавме, сè уште сме во контакт. Преку нив се поврзав и со други жени и проекти.

Дејл

Кога сме кај градовите, архитектурата, уметноста…, што според вашето уметничко око му недостига на Скопје, но и на родниот Велес?

– Сè раскажува некаква приказна, па и архитектурата во градовите, во некое одредено време. Некогаш таа приказна е тажна, некогаш весела, некогаш возвишена, победничка, некогаш грда, убава или смешна. Но, сè зависи од очите на набљудувачот. Како тој ја гледа таа слика и како ја чувствува. Луѓето се тие кои ја раскажуваат приказната во градбите и кои ги прераскажуваат тие приказни. Одам по пазарите, маалските дуќанчиња и пред портите на малите кафетерии да ги чујам приказните кои ми ја покажуваат скриената убавина на градовите што не може да се види. Секогаш нештата ги набљудувам од аголот кој ми ги покажува убавите страни и се трудам да го одржам фокусот на нив. Тоа ме инспирира да направам уште поубави нешта за светот. Во Скопје ретко одам последниве години и ја забележувам брзата промена на градот, до точка во која не го препознавам, но му давам секогаш шанса да ми се покаже убав и одново го запознавам. Кон Велес сум сентиментална, романтично го доживувам. Мислам дека луѓето ги прават градовите. Нивната енергија, шарм, навики, обичаи, ритуали, блискости, топлина и гостопримство. Улогата што ја бирам во светот е да го збогатам, да направам нешто што ќе му даде проширување, нова содржина и нов квалитет. Секако, после нас светот ќе биде побогат со сите наши искуства и дела кои се уникатни.

Непроценлива е оваа можност да остварам допир со другите на убав и љубовен начин. Чувството на благодарност ми е критериум.

„И на 82 години ќе правам накит/Ќе си бидам свој модел и инспирација/И ќе се смејам со вештачките заби/и со искрена насмевка“, се ваши стихови. Но да не одиме толку далеку, каде го гледате следниот предизвик кој мора да биде насликан?

– Имам доверба во животот, таа ме води. Еден од моите најголеми предизвици беше да ја отпуштам амбицијата да се достигне нешто таму некогаш, и да се препуштам на довербата. Мојата метрика за достигнување се радосните будења, фокусираност, организираност, јасност, животен елан, полетност, знаење и мудрост, инспирација, спокој, љубезност, емпатија. Тоа е мојата слика за успех и сите мои нацрти и планови се да ги достигнувам и усовршувам овие вредности зашто тие ми се градежен материјал на сликата живот, која сама ја создавам. Од ова го правам и накитот, од ова пишувам, живеам. Тоа и сакам да го пренесам и раширам, сè што се допира со рака, материјално, е последица на сите овие вредности и ако ја разбереме таа хиерархија – кое е причинското, а кое последичното, ние можеме да се наречеме среќни луѓе. И тоа ќе продолжам да го сликам.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!