
Албанската дијаспора со авиони и автобуси ќе го „сардиса“ Кичево – Дехари и Лимани во посета на Германија и на Швајцарија
Министерот од Вреди Лимани за „Слободен печат“ вели дека сè си плаќам сам, а на градоначалникот Дехари, „трошоците му ги плаќа семејството“
Поранешните сопартијци, а сега функционери и политички ривали, Фатмир Дехари од ДУИ и Фатмир Лимани од Вреди, наголемо се растрчани на средби со албанската дијаспора во Германија и во Швајцарија. Дехари брка гласови за четврти градоначалнички мандат во Кичево, а Лимани сака министерската да ја замени со градоначалничка фотелја.
Реални шанси за сметките и на двајцата да им ги помати има кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, лекарот Александар Јовановски, кој ја има поддршката и од СДСМ кој, пак, не излезе со свој кандидат за Кичево. Изборната битка на 19 октомври ќе биде дали Кичево ќе остане бастион на Албанците или, како што велат од македонскиот кампус, по 13 години ВМРО-ДПМНЕ градот ќе го врати под своја управа.
Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари и министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани истовремено престојуваат меѓу иселениците во Германија и во Швајцарија. Иако се функционери, и двајцата во изјава за „Слободен печат“ тврдат дека посетите не им ги плаќа општината, односно Министерството, но не ни одговорија дали за престојот во странство зеле одмор за да не трпат работните обврски, едниот во општина Кичево, а другиот во Владата. Од Владата, пак, нè упатија одговор да бараме од министерот.
Препорачано

– Сум спиел и престојувал кај моето семејство, не само сега, туку и при секој мој престој во Швајцарија. Сите мои трошоци, вклучително и патувањето, ги покривале тие – ни одговори Дехари.
Министерот Лимани вели дека во Германија и во Швајцарија престојува како кандидат за градоначалник и дека не отсуствува од работа бидејќи посетата ја остварил во викенд.
– Во Германија и во Швајцарија престојувам како кандидат за градоначалник на Кичево и сè си плаќам сам – вели Лимани за „Слободен печат“.
Авиони и автобуси на готовс
Фатмир Лимани на прашањето колкумина од дијаспората очекуваат да пристигнат во Кичево за време на изборите ни рече дека од Германија, Швајцарија и од Австрија спремни се четири полни авиони со гласачи за неговата опција, и шест до седум автобуси со негови поддржувачи.
Лимани прво престојувал во Германија, а сега е на средби со иселениците од Швајцарија. Тој импресиите од средбите со дијаспората ги опиша како незаборавни.

„Вие не сте одвоена гранка што се исушила од далечината, туку вие сте таа гранка која, исто така, го одржува стеблото на нацијата. Вие сте срцето кое чука силно за нашата земја, за семејствата кои сè уште живеат во местото што сите го нарекуваме дом. Без вас, многумина од нив немаше да преживеат. Ви благодарам за сè што правите, за вашите жртви, за вашата посветеност и љубов што ја чувавте чиста, без оглед на далечината. Но денес, повеќе од кога и да било, си требаме еден на друг. Време е да запре иселувањето, да запре корупцијата, да се спречи празнењето на татковината. Време е да се собереме, да го кренеме гласот, да ја преземеме контролата над нашата судбина. Овие избори се референдум за иднината: за осветлени улици, за квалитетни училишта, за чесен соживот и за еднаков напредок за сите. Да го претвориме овој сојуз на срца во сила што движи планини. Младите да имаат причини да веруваат и да останат и градат дома. Работејќи во место каде што секој се чувствува вклучено, почитувано и ценето. Да се сретнеме во родниот град“, напиша Лимани на Фејсбук.
Градоначалникот Дехари, пак, пред дијаспората ја претставил развојната програма за Кичево на иднината. Планот предвидува довршување на почнатите, како и нови проекти.
„Функционален и модерен град – подобрување на инфраструктурата, патиштата, јавното осветлување. Благосостојба и развој – инвестиции во квалитетно образование, туризам, земјоделство и технологија. Социјална еднаквост и еднакви можности – поддршка за младите, семејствата и локалните бизниси и активно вклучување на дијаспората во развојните проекти на општината“, напиша Дехари.
Ќе го „лапне“ ли Мицкоски со помош на Филипче градот-упориште на Ахмети?
Мицкоски побара поддршка од сите етнички заедници за лекарот Јовановски
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, синоќа од Кичево побара поддршка од сите етнички заедници за кандидатурата на лекарот Јовановски.

– Сега мора да застанеме еден до друг, сите заедно еден до друг, без разлика на нашата етничка, партиска или верска припадност. Сложно, затоа што кичевци, без разлика дали се Македонци, Албанци или останати – се иселуваат. И едните, и другите и третите. Сите имаат тежок живот, сите сакаат иднина. Има луѓе што изградија кариери на етнички теми, цели партии се одржуваат на бранот на едно вештачко непријателство и нетрпеливост, која се гради помеѓу кичевци – кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека додека Али Ахмети и неговите соработници се богателе, народот страдал и се раселувал. Според него, Ахмети не успеал да обезбеди просперитет за сите.
– Што ќе му е Зајас на Али ако тоа е празно? Нема радост ниту во палатите, ниту во дворците, ако преку оградата народот и соседите се гладни и раселени. Тоа го направи тој за Албанците. Ги испразни нивните места, села, градови, ги расели по 20 години владеење тука. Додека тој и неговите блиски се богатеа, народот страдаше и тонеше во сиромаштија. Затоа, слушнавте дека докторот Александар има проекти за сите. Буквално за секој еден кичевец – рече Мицкоски.