Рашче/ Фото: Скриншот

Алармантно во Скопје, Рашче работи на максимум, а сепак половина град нема вода

На изворот Рашче толку му е капацитетот, повеќе од ова не може да даде, работиме со максимален број вклучени бунари, од технички аспект тоа може да доведе до колабирање на бунарите, до уривање. Рашче исто така се празни максимално, не дај боже да се случи нешто, ќе останеме без пивка вода, алармираше Зоран Стојанов, оперативен директор во јавното претпријатие на денешната седница на Советот на Град Скопје..

Состојбата со вода во Скопје е алармантна иако изворот Рашче и бунарите во Нерези и Лепенец работат со максимален капацитет, сепак голем дел од градот е без вода, а никакви апели за рационално користење на водата не допираат до неодговорните граѓани. Ова беше соопштено на денешната седница на Советот на Град Скопје од претставници од ЈП „Водовод и канализација“ откако советниците побараа информација на што точно се должи недостигот на вода со кој се соочуваат во изминатиот период голем број граѓани.

 Дефинитивно Скопје се соочува со огромен проблем и покрај сите апели што ги упатуваме до граѓаните дека пивката вода не треба да се користи за полевање, очигледно не допира до никого. Тој што има вода, си ја користи преку водомер, а ние законско решение да го казниме немаме, можеме да направиме претставка што оди до комунален инспектор или до Град Скопје или до комуналните инспектори каде што ќе ги најдеме луѓето што нерационално ја користат водата и, еве, се соочуваме со проблем да имаме таква ситуација во која поголемиот дел од градот во овие жешки времиња имаат недостиг на вода – рече Зоран Стојанов, оперативен директор во јавното претпријатие.

Тој посочи дека од технички аспект, претпријатието вложува максимални напори да се обезбеди што е можно поголем дел од населението да има вода, но, како што истакна, нема правно решение што ќе им овозможи да ги спречат оние граѓани што живеат во пониските делови каде што има постојано вода, да не прават злоупотреба на водата и да сочувствуваат со граѓаните што немаат вода. Според него, доколку се остварат најавите за дожд, можно е состојбата малку да се подобри и системот да се стабилизира, па вода да стигне и до оние жители што подолг период немаат.

Треба сите да сфатиме најсериозно дека работата е навистина алармантна. Ова нема да биде проблем само денеска, овој проблем само ќе се продлабочува во наредните години, ќе биде сè поголем. Јас повеќе од 20 години работам во „Водовод“ и ова е прва година да имаме ваков случај. На изворот Рашче толку му е капацитетот, повеќе од ова не може да даде, работиме со максимален број вклучени бунари, од технички аспект тоа може да доведе до колабирање на бунарите, до уривање. Рашче исто така се празни максимално, не дај боже да се случи нешто, ќе останеме без пивка вода – алармираше Стојанов.

Фатен нов див приклучок на вода и изготвена кривична пријава за сторителот- велат од Град Скопје

На прашањето дали може да се организира снабдување вода со цистерни за граѓаните што немаат, Стојанов посочи дека и цистерните на „Водовод и канализација“ и на „Комунална хигиена“, кои им се на располагање, се ставени во функција во зависност од тоа кој регион колку нема вода и колкава е побарувачката, дека дежурниот центар постојано прима повици, а дека тие се обидуваат кај може да покријат со цистерни со вода.

Советничката Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ од говорницата побара претставниците од претпријатието да објаснат што прават за да ги намалат загубите на вода, затоа што, како што рече, не е решение само да се апелира на нечија совест кога водата е основно човеково право.

 Нерационалната потрошувачка постои отсекогаш, не е само годинава, како е тоа годинава проблем. Податоците велат дека техничките загуби на вода се 33 проценти, а вкупните загуби околу 50 проценти од вкупно произведената вода. РЖ Услуги АД Скопје користи околу 30 отсто од пивката вода во Скопје како техничка, а за тоа плаќа како домаќинство. Повеќе од 240 стопански и индустриски објекти користат вода од градската водоводна мрежа. Земајќи ги предвид овие податоци, како и вашите информации дека не постои закон да се наметне рационална потрошувачка и не постои начин на правни лица да им се наметне да користат техничка вода наместо пивка, прашувам дали некогаш од „Водовод“ имало барање да поттикне да се донесат законски измени со кои ова ќе се овозможи? – праша Велковска од говорницата.

Една година нема градење во Автокоманда, новите згради се товар за водоводната мрежа

Дејан Димевски од „Водовод и канализација“ посочи дека генерално во моментов потрошувачката на вода во Скопје е 350 илјади метри кубни на дневно ниво, потрошувачка што ја немало во изминатите години.

Основата на водоснабдувањето е Рашче и двете бунарски подрачја, Лепенец и Нерези. Во моментов од Рашче добиваме 3000 литри во секунда и повеќе не може затоа што каптираната вода во Рашче е на висинско ниво што е под 70 сантиметри. Тоа е природен извор што ние, за да ги задоволиме потребите за пивка вода на Скопје, максимално го форсираме. Сите други пет бунари дополнуваат 1000 метри во секунда. Што значи дека во овој момент Скопје троши 4000 литри вода во секунда и во одредени делови има намален притисок – посочи Димевски.

На прашањето што работи претпријатието со години за да ги спречи загубите на вода што се провлекуваат години наназад, што се работи за да се санираат овие проблеми, Димевски објасни дека според своите ингеренции, јавното претпријатие треба да даде вода онолку колку што системот овозможува и технички да ги одржува постојните капацитети.

Инвестирањето во нови водоснабдителни системи и подобрување на системите се инвестиции на самите општини. Генерирањето на ДУП не значи само изградба на нови населби и згради, претходно треба да се финансира и во водоводна и канализациска мрежа. Тоа не го прави јавното претпријатие. Кое било решение што општината ќе го направи според стандардите за водоснабдување, ЈП „Водовод и канализација“ го прима како дел од системот и го одржува со наплатата на вода – вели Димевски.

Град Скопје: Проблем не е водата, проблем се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат

Според него, неопходно е да се размислува за пронаоѓање нови бунарски подрачја во Скопје.

Технички гарантирам дека нема пумпна станица што не работи во моментов, но гарантирам и дека Рашче не може да даде повеќе вода – нагласи тој.

Во изминатиов период цели населби во Скопје се без вода и граѓаните апелираат да се најде некакво решение затоа што во овие жештини немаат услови да одржуваат ни основна лична хигиена, ниту хигиена во домот, не можат да користат тоалет, ниту да се исперат, што може да се одрази на нивното здравје. Со денови вода нема во дел од Водно, Железара, Автокоманда, Чаир, Ченто, а денеска без вода остана и детската болница во Козле.

Од информациите што можеа да се слушнат на вчерашната седница, брзо решение за недостигот нема, освен да проработи свеста на граѓаните за рационално трошење вода. И да заврне, а дождот да помогне да се стабилизира состојбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот