
„Ал Џезира Балканс“ престана со работа, во 12 часот емитувани последните вести
Медиумската куќа Ал Џезира Балканс денес престана со работа, а последните вести беа емитувани во 12 часот. На самиот крај од вестите, водителот потврди дека ова се последните вести на AJB.
Препорачано
На социјалните мрежи, бројни вработени во Ал Џезира Балканс се збогуваа со своите колеги и гледачи, со што го потврдија крајот на емитувањето.
Патем, регионалната, балканска канцеларија на овој медиум функционираше како дел од катарскиот медиумски конгломерат со седиште во Доха, а каналот, покрај централното студио во Сараево, има и регионални центри во Загреб, Белград, Скопје и Подгорица, дописници во Приштина, Ниш, Бања Лука, како и во Вашингтон, Лондон и Брисел, а ја користи и глобалната мрежа на дописници Al Jazeera Media Network.
Ал Џезира Балканс е присутна во Сараево од септември 2010 година, откако со аквизицијата на компанијата „PEP“ ја купи локалната телевизиска станица NTV Studio 99 за 2,3 милиони конвертибилни марки, што беше износот на долговите на телевизиската компанија кон државата.
Програмата започна со емитување на 11 ноември 2011 година, а веб-страницата беше лансирана истиот ден.
Во 2018 година, Ал Џезира Балканс го лансираше својот фестивал на документарен филм – Фестивал на документарен филм Ал Џезира Балканс, кој се одржува секоја година во Сараево во септември.
Ве потсетуваме дека оваа телевизиска компанија сè уште официјално не ја потврдила информацијата, ниту пак се објавени причините за евентуалното затворање.