
Ајварката стигна на пазарите, преработувачите почнаа да ја откупуваат
Веќе имаме покачување на цените на конзервираните производи за 30 до 40 проценти и очекувам дека и за новата зимница цените ќе бидат исти како овие што се веќе покачени, вели Виктор Петков, претседател на Групацијата на конзервна индустрија
Црвената пиперка ајварка веќе може да се види на зелените пазари, но и во маркетите. На скопскиот Зелен пазар нејзината цена е 60 денари за еден килограм, додека во продавниците може да се видат и цени повисоки и за 50 проценти. Сега е време кога во големи количини стасуваат и црвените домати, па нивната цена значително се намали и тие може да се купат за 35 до 40 денари за килограм, зелената пиперка на поевтините пазари е и по 35 денари за килограм, а по таа цена се продаваат и краставиците.
Препорачано
Преработувачите од конзервната индустрија велат дека веќе ги откупуваат и ајварката и доматите, но според нивните пресметки сегашната зимница ќе биде поскапа за 30 до 40 проценти. Претседателот на Групацијата на конзервна индустрија Виктор Петков, кој е и сопственик на гевгелиската компанија „Випро“, вели дека за тој процент веќе е покачена цената и на зимницата што се продава во маркетите, а која е од ланската сезона.
„Веќе имаме покачување на цените на конзервираните производи за 30 до 40 проценти и очекувам дека и за новата зимница цените ќе бидат исти како овие што се веќе покачени. Иако сегашните зимници се правени со старите трошоци, цената моравме да ја зголемиме за да може да ги покриеме трошоците за новите зимници, објасни Петков за „Слободен печат“.
Откупувачите сега ја купуваат црвената пиперка ајварка по цена од 18 до 30 денари за еден килограм, а доматите по цена од 8 до 12 денари. Цените на зеленчукот всушност и немаат некоја промена во однос на лани, но она што сега станува исклучително скапо е струјата, гасот, амбалажата…
„Учеството на суровината во цената е само 15 проценти. Друго сè е многу поскапено. Минатата година струјата нѐ чинеше 7 денари за киловат-час, сега нè чини 24 денари. Цената на маслото за јадење е покачена за повеќе од 100 проценти, на теглите и на капаците за 100 проценти, на работната сила 50 проценти“, вели Петков.
Тој додава дека производството од фабриките од конзервна индустрија на годишно ниво е околу 80 милиони евра, но тие би можеле многу повеќе да се шират и да произведуваат, ако се дозволи да увезуваат.
„Би можеле да направиме годишно производство од 300 милиони евра ако ни дадат да направиме увоз. Сега има некои можности – увоз заради извоз, но постапката е многу комплицирана. Причината зошто таа не се олабавува е да се заштити домашното производство. Иако има некоја логика во тоа, сепак, на ова може да се гледа и поинаку. Ако ние се развиваме, и домашното земјоделство ќе се развива. Ако гледаме така на работите, подобро е да можеме да правиме увоз. Секако дека тоа никако не би значело запоставување на домашниот откуп. Но, ако сакаме да се пробиеме на големите пазари каде што има голем притисок од производните компании на Грција, Бугарија и Србија, треба да имаме сигурни количини и добар квалитет“, заклучува Петков.
Секако, ајвар и други конзервирани производи за зима може да си направиме и сами. Но и во домашниот производствен процес ќе се соочиме со поскапеното масло за јадење, сол, шеќер, па и струја или дрва, во зависност кој како ја подготвува зимницата.
Ќе недостигаат пиперки
Она што сега ги загрижува преработувачите е и дека нема да најдат доволно суровина за производствениот процес.
„Начелно, пиперката ајварка е суровина што ја имаме во континуитет. Но, годинава ќе имаме помало производство за 20 проценти, а може и повеќе. Низ годините, ние производителите стануваме сѐ поголеми, а од друга страна кај младите нема интерес за земјоделството. Така имаме расчекор“, вели Петков.