Свинско месо/ Фото: ROBERT MICHAEL / AFP / Profimedia

АХВ: Ако не сме сериозни, Македонија може да остане без свинско месо

Од појавата на првиот случај на болеста кај нас во 2022-ра, до денес се регистрирани 62 жаришта, а се уништени повеќе од 14.000 свињи. Болеста не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби

Македонија може да остане без свинско месо ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање на соодветни мерки против африканската чума, предупредуваат ветеринарите. Од Агенцијата за храна и ветеринарство предупредуваат дека сточарите кои одгледуваат свињи треба да преземат безбедносни мерки за да се спречи евентуална појава и ширење на болеста африканска чума. Ова важи особено за нерегистрираните, мали семејни фарми кои не посветуваат големо внимание на биосигурносните мерки поради што земјава може да остане без свинско месо.

-Објектите не се оградени, немаат бариери, заштита од комарници и не се внимава кој влегува и кој излегува од просторијата – велат од АХВ. Од првиот случај на болеста во Европа во 2014 година до денес, преку системите за нотификација секојдневно гледаме нови жаришта, а се појавуваат и во нашата држава.

Од појавата на првиот случај на болеста кај нас во 2022-ра, до денес се регистрирани 62 жаришта, а се уништени повеќе од 14.000 свињи. Болеста не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби. Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, заразена храна, отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Смртноста кај домашните свињи може да биде и до 100 проценти. Според експертите, во отсуство на ефикасна вакцина или лекување, најдобрата стратегија за справување со болеста е план на ветеринарните служби за рано откривање и спречување на епидемии.

Лани болеста ги загрижи одгледувачите, но и граѓаните кои стравуваат дека ќе се појави недостиг на свинско месо, што ќе повлече и зголемување на цената. Нештетното отстранување на угинатите свињи се спроведуваше на неколку локации во кумановско во поширокиот регион. Жителите на неколку села од кумановско и општина Старо Нагоричане реагираа зошто токму во нивниот реон се закопуваат свињите. Жестоко реагираа жителите на Речица кои стравуваа дека болеста ќе се рашири кај нивните одгледувалишта. Тие на Бадник се судрија и со полицијата која приведе неколкумина. Подоцна реагираа и жителите на Шупли Камен. И таму имаше помал инцидент. Месното население бараше двојна дезинфекција, што е и дел од протоколите на Агенцијата за храна и ветеринарство, а обично ја спроведува избрано ветеринарно друштво. Локациите за закопување ги предлага општината, а АХВ ги потврдува.

Будимир Плавшиќ, директорот на Регионалната канцеларија за Европа на Светската организација за здравствена заштита на животните, неодамна на состанокот на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите во Охрид, рече дека предизвикот наметнат со појавата и ширењето на африканската чума кај свињите е навистина голем, а националните агенции за заразни болести треба фокусот да го стават врз ветеринарна контрола, превенција и биосигурност на фармите. Како клучна мерка тој ја посочи потребата од контрола на дивите животни, за што е неопходен координиран пристап со сите субјекти надлежни за контрола на дивечот, како во ловиштата така и надвор од нив.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот