
Ахмети во Швајцарија по инструкции од поранешни соборци од ОВК
Лидерот на ДУИ ќe ја мобилизира албанската дијаспора. Швајцарија и Хрватска се дестинации што Ахмети ќе ги посети кон крајот на месецов и на средби со поранешните соборци од ОВК и со албанската дијаспора ќе алармира за „погазениот“ легитимитет и за Рамковниот договор.
Мобилизација на албанската дијаспора е следниот чекор на лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбите дома со партиското членство и граѓаните. Швајцарија и Хрватска се дестинации што Ахмети ќе ги посети кон крајот на месецов и на средби со поранешните соборци од ОВК и со албанската дијаспора ќе алармира за „погазениот“ легитимитет и за Рамковниот договор.
Препорачано
Истовремено, Ахмети и ДУИ речиси секојдневно се на собири со граѓаните кои, пак, се очекува да кулминираат со протест во Скопје или, како што веќе порача лидерот на ДУИ – дека на власта ќе ѝ се случи народ ако се чепне во албанскиот јазик.
По веќе познатото мото „Тој доаѓа“, ДУИ информира дека Ахмети за ноемвриските празници ќе почне турнеја во дијаспората.
ДУИ и Ахмети продолжуваат со воинствената реторика и во објавата пишува:
„Тој доаѓа… Почитувани сонародници, дојде време! Основачот на ОВК и албанскиот лидер Али Ахмети доаѓа во дијаспората, на 23 ноември во Цирих, Швајцарија. Ви посакуваме добредојде на сите!“, се вели во објавата.

Од ДУИ брифираат дека по 10 години ова е прва посета на Ахмети на Швајцарија на покана на поранешните соборци од косовската ОВК. Ахмети, откако стана опозиција, во речиси сите настапи потсетува на ОВК и на ОНА и ја засилува воинствената реторика.
Познато е дека лидерот на ДУИ пред воениот, а потоа и политички ангажман во Македонија, живеел во Швајцарија и бил дел од структурите што дејствувале за независно Косово, еден од основачите на ОВК, а потоа беше и врховен командант на ОНА. Главната средба во Цирих со поранешните соборци е на 24 ноември, а датумот не е случаен, туку според информации од ДУИ, на тој датум било пратено првото коминике на ОВК.
Ахмети во Швајцарија се враќа по 10 години. Последната посета му била во 2013 година, во пресрет на локалните избори кога ДУИ ја мобилизираше дијаспората да гласа на локалните избори за Кичево и за Струга. Тогаш, по територијалната поделба и во Кичево и во Струга првпат беа избрани градоначалници Албанци кога во организација на ДУИ дијаспората масовно допатува со автобуси и со авиони. Во Швајцарија, Ахмети ќе го одбележи и 22 и 28 ноември – Денот на албанската азбука, односно Денот на албанското знаме.
На домашен терен, пак, според планот на интегративците, средбите со членството треба да завршат во средината на декември. Протестот, односно масовниот митинг, како што најавува ДУИ, ќе биде пред Собранието, пред Владата или на централниот плоштад, на кој ќе биде испорачано барањето за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните.

Откако Ахмети му најави на Мицкоски „народ на плоштадите“, премиерот возврати дека ДУИ продолжува да биде фактор за дестабилизација, а во нова објава го праша кој ја дестабилизира државата.
„Кој ја дестабилизира државата? Тие што велат ‘да ја вратиме земјата на Македонците’ или тие што го бранат мултиетничкиот карактер и еднаквоста? Тие што ја потиснуваат волјата на над 40 отсто од етничките заедници во мултиетничка земја или тие што промовираат еднаква и функционална демократија? Тие што ја исклучуваат дијаспората од политичките и финансиските пресметки, иако таа дијаспора ја одржува финансиската стабилност на земјата, плаќа даноци и е најголемиот амбасадор на оваа земја? Тие што му наредуваат на Уставниот суд да го отстрани срцето на Охридскиот договор – правото на етничко самоидентификување – или тие што го почитуваат тоа право за сите граѓани? Тие што ги поништуваат механизмите кои интегрираа еден цел народ во институциите на унитарната држава, наместо да создаваат паралелни институции, или тие што градат еднаква држава и општество? Тие што се обидуваат да го избришат и поништат најсветото – албанскиот јазик, или тие што го официјализираа албанскиот јазик во земјата, а македонскиот во Европската Унија? Тие што со децении ја блокираа интеграцијата во НАТО или тие што ја интегрираа државата во НАТО? Тие што го блокираа патот кон Европската Унија или тие што ги отворија пристапните преговори и го одржаа првиот меѓувладин состанок“, прашува ДУИ и повтори дека остануваат посветени на заштита на еднаквоста, мултиетничкиот карактер и Охридскиот договор како основа за мирот и стабилноста.

За лидерот на СДСМ Венко Филипче обвинувањата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за дестабилизација на државата се дел од секојдневниот политички фолклор.
– Тоа е очигледно дел од секојдневниот политички фолклор. Закани за нестабилност, одговор од премиерот дека е можно, деманти од ресорни министри дека тоа не е можно. Сметам дека нема простор за страв и паника. Ако има, очекувам институциите соодветно да реагираат пред се безбедносните институции, Советот за безбедност и нека се состане некое тело и да одговори на овие повеќемесечни шпекулации дека такви закани по однос на стабилноста на земјата може да има – вели Филипче.