Ахмети се сретна со шефот на чешката дипломатија, се согласиле дека итно се потребни уставните измени

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска остварил средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски.
Ахмети му се заблагодарил на министерот Липавски за неговата посветеност и придонесот на Чешката Република во процесот на отворање на преговорите меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, соопштија од ДУИ.
Според соопштението, билатералните односи меѓу двете земји на средбата биле опишани како пријателски, а соработката меѓу двете земји да продолжи со цел унапредување на заедничката агенда.
На средбата Ахмети и Липавски разговарале и за политичката состојба во земјата и регионот, скрининг процесот, патот кон интеграцијата во ЕУ, енергетската криза, реформите и борбата против криминалот и корупцијата.
– Двајцата соговорници истакнаа дека од особено значење е процесот на уставните измени да заврши што е можно поскоро за да се елиминираат предизвиканите доцнења за земјата и нејзините граѓани, додека Липевски додаде дека забрзувањето на евроинтеграциите е во заедничка корист како за Република Северна Македонија така и за ЕУ, потврдувајќи ја чешката позиција дека Западен Балкан е важен и неделив дел од европското семејство, се наведува во соопштението од ДУИ.