
Агенција за лекови и сомнежи
Со споделувањето на информацијата дека двајца пациенти можеби починале од антиковид-вакцина, МАЛМЕД им вбризга „бустер антивакс-доза“ на сомничавите кон иглата.
Во отсуство на вистинска и ефективна кампања за имунизација и во период на збунетост на Министерството за здравство со пишман-решенија за да се зголеми опфатот на вакцинирани лица, Македонската агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) одржа прес-конференција, која во еден дел всушност беше вакцинална антикампања. Директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани, и раководителка на сектор во оваа државна институција Мерјем Хаџихамза, меѓу другото, информираа дека македонски лекари пријавиле двајца починати пациенти, за чија смрт постои СОМНЕЖ дека е поврзана со примена антиковид-вакцина. Небаре се евидентичари, само ни соопштија што им е соопштено, без претходно да го завршат својот дел од обврската – да проверат, анализираат, оценуваат, па дури потоа да излезат пред јавноста.
Препорачано
Што ни кажа МАЛМЕД освен дека нема одговори на прашањата што се наметнуваат. Ни кажа дека за двата смртни случаи не е докажана поврзаноста со вакцината (но не и дека е докажана неповрзаност). Дека уште не се обработени профилите на споменатите починати (дури осум месеци за едниот, односно три месеца за вториот пациент немало кој да им погледне во здравствениот картон). Дека постои идеја да се формира посебно тело во рамките на Институтот за јавно здравје, кое ќе испитува несакани ефекти од вакцините, за што во ИЈЗ „првпат слушаат“ (додека се формира таа комисија, ќе заврши и пандемијата). Еден од пациентите, пак, имал многу коморбидитети, но за тоа требало да се изјаснат стручни лица (зошто тогаш споделуваат полуинформации пред да прашаат стручњаци за мислење). За „уметнички впечаток“ не пропуштија од дистанца (средбата со новинарите беше „на далечина“) да употребат зборови како „фармаковигиланца“. Наместо лажна компетентност, пропуштија можност да бидат едноставни во изразот и разбрани од сите на кои им се обраќаат, кога веќе не се ни свесни за другите пропусти што ги направија.
Раководството на Агенцијата за лекови заборави притоа да ја соопшти бројката на наши државјани што се имунизирани со тие две вакцини (за разлика од нив, од разбирливи причини намерно нема да ги споменам производителите). Или барем бројот на вакцинирани лица во земјава, ако веќе не се знае точно колку од нив им се дадени на наши граѓани во Србија или во други земји. На тој начин ќе информираа со која зачестеност се јавуваат сомнителни смртни случаи кај имунизираните со овие вакцини во земјава (според последните достапни податоци, најмногу 1 спрема 100.000). Шабани и Хаџихамза не ја ни споредија оваа инциденца со процентот на смртност од ковид-19, а требаше. Во Македонија од последици од ковид-19 починале околу 3,5 отсто од вкупно заразените лица, наспроти 0,01 промил сомнежи за евентуална смртност како последица на одредена антиковид-вакцина. Што значи дека за невакцинираните 350 пати е поризично заразувањето од коронавирусот отколку самата вакцинација. Барем за оние што веруваат во статистиката.
Агенцијата за лекови е законски обврзана да ја анализира и да ја оценува сигурноста на лековите и на медицинските средства што се увезуваат и произведуваат во земјава. Државните службеници воопшто, кои треба да бидат на браникот на јавното здравје и јавното здравство (тука секако ги вбројувам и „неинформираните“ за конкретниов случај во Институтот за јавно здравје), се последните што треба да пласираат сомнежи што можат да имаат далекусежен контраефект и дополнително да ја поттикнуваат недовербата кон институциите. Објавувањето непроверени вести за наводна неефикасност и опасност од вакцините е далеку од целта што треба да ја имаат оние што се дебело платени од буџетот – да го смируваат населението кое и онака има проблеми со менталното здравје среде пандемија, а не да создава паника со вбризгување „бустер антивакс-доза“ на сомничавите кон иглата.