Аеро-клуб од Битола / Фото: Фејсбук

Аероклубот од Битола со повик до кандидатите за градоначалници: „Не ве каниме на дебата, туку на лет“

Аероклубот „Мирко Тодоровски“ од Битола ги покани сите кандидати за градоначалници и советници „не на дебата, туку на лет“.

Оттаму им порачаа да не зборуваат само за височини, туку и да ги почувствуваат.

„Да видиме кој има визија од друга повисока перспектива. Веќе 100 години летаме над Битола и подалеку, а сè уште чекаме некој да нè стави во програмата — не како проблем, туку како гордост на градот.

Во сабота ќе славиме еден век љубов кон небото. А за следниот век, би сакале сите што ветуваат „нови височини“ барем еднаш да погледнат нагоре“ велат до објавата од аеро-клубот.

Аероклубот „Мирко Тодоровски“, на 11 октомври, на спортскиот аеродром крај Логоварди, Битолско, ќе прослави еден век летачка традиција и ќе им оддаде почит на храбрите ентузијасти што ја иницираа авијацијата во Битола. Од аероклубот, основан во 1930/1931 година, произлегоа генерации пилоти, моделари и визионери.

„Овој јубилеј не е само потсетник на славното минато туку и ветување за иднината: нови летови, нови авантури и нови генерации што ќе продолжат да ја градат авијацијата во Битола“, велат организаторите на прославата.

Програмата ќе започне во 11 часот, со свечена академија, доделување признанија на заслужни членови и со премиера на видеозаписот „100 години аероклуб“. Денот ќе биде исполнет со летови на авиомоделарите, музички настапи и со гастрономска понуда.

„Практично, на 11 октомври, градот ќе го преселиме од Широк Сокак на саботно корзо на спортскиот аеродром, а влезот ќе биде слободен – велат организаторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот