Протест на студенти за поддршка на Палестина на кампусот на Универзитетот Колумбија во Њујорк / Фото: Kena Betancur / AFP / Profimedia

Администрацијата на Трамп ги откажа визите на над 6.000 странски студенти

Американските власти им ги одзедоа визите на повеќе од 6.000 странски студенти откако администрацијата на Трамп ги заостри правилата насочени кон сузбивање на нелегалната имиграција и она што го нарекува антисемитизам, изјави во понеделник американски дипломат.

Главните причини биле „пречекорување на дозволениот престој“ и „кршење на законот“, рече претставникот на Стејт департментот, зборувајќи под услов на анонимност, нагласувајќи дека „огромното мнозинство“ од студентите чии визи беа одземени биле обвинети за „напади“, „возење во пијана состојба“, „кражба“ и „поддршка на тероризам“.

„Околу 4.000 од тие 6.000 визи беа откажани затоа што посетителите (студентите што имаат виза) го прекршиле законот“, рече тој.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, исто така, ги откажа визите на многу студенти кои организираа или учествуваа во протести против израелската војна во Појасот Газа.

Минатиот март, тој објави дека секојдневно ги откажува пасошите, нагласувајќи дека во врска со странските студенти кои протестираат по ова прашање, „секој пат кога ќе најдам некој од овие кретени, ќе му ја одземам визата“.

Во извршна наредба потпишана на првиот ден од неговото претседателствување во јануари, Доналд Трамп побара зголемена проверка на луѓето што влегуваат во Соединетите Држави за да се осигури дека не се „непријателски настроени кон своите граѓани, нивната култура, нивната влада, нивните институции или нивните основачки принципи“.

Оттогаш, администрацијата на Трамп се вклучи во серија битки со универзитетите, откажувајќи илјадници визи и таргетирајќи високопрофилни образовни институции за кои се сомнева дека се спротивставиле на она што го смета за интереси на надворешната политика на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот