Мите Грозданов / Фото: Скриншот/Фејсбук

Шест години без мајсторот на монодрамата: Сеќавање на Мите Грозданов – актер, поет, боем, а пред сè голем човек

На денешен ден пред 6 години засекогаш  нѐ напушти Мите Грозданов. Тој беше истакнат актер во Драмскиот театар во Скопје од далечната 1967 година се до своето пензионирање во 2008 година. Нарекуван мајстор на монодрамата, тој беше омилен  меѓу колегите и почитувачите на неговиот лик и дело.

Голем број пријатели и соработници евоцираа споени и напишаа по некој збор откако ја дознаа тажната вест, дека на 75 години замина нивниот колега, еден од бардовите на македонското глумиште.

– Си отиде еден од оние неколку луѓе заради кого занемено се вљубивме во театарот кога беше поумно да се вљубуваш во други работи. Си отиде човекот од кого научивме дека со театарот, и сите оние други вљубувања имаат сила и страст да траат засекогаш. Си отиде човекот чии реплики сме ги знаеле наизуст само од гледање. Си отиде човекот што за нас беше човек кога за публиката беше бог. Си отиде Мајсторот. Бог да го прости чичо Мите – напиша во својот последен поздрав режисерот Јани Бојаџи.

Игор Џамбазов исто така се присети на дружбата со Мите Грозданов кога се вработил во Драмскиот театар.

– Мите струмичанецот, царот за софра, за серенади, за монодрами … Игравме заедно во претстави од сите жанрови. И секогаш, ама баш секогаш, по завршувањето на претставата, додека се пресоблекувавме и ја вадевме шминката од себе, чичко Мите длабоко ќе се издишеше, ќе се погледнеше во големото замачкано огледало, па ќе го изговореше неговото антологиско: „Синко, ете бидна и таа …“ Бидна и таа, чичко колега, само што твојата ќе остане за генерации. Веќе ми недостигаш. Ама и ти завидувам, да знаеш. Друштвото горе е многу поквалитетно од ова овде. И чувај од рајската мастика – напиша Џамбазов на социјалните мрежи.

Грозданов бил роден во Струмица на 14-ти декември 1943-та година. Во својата четири децениска  професионална актерска кариера одиграл бројни улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Болен Дојчин“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“, „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“ …

Останаа уште нереализирани улоги, а една од нив беше и Ричард Трети, сепак, се сето она што го остави зад себе низ годините, Грозданов е еден од најплодните, најнаградувани и најуспешни македонски глумци, докажан во повеќе жанрови. Беше сопственик и на првиот приватен театар во Македонија, основан во Кочани и направи многу за театарскиот аматеризам во земјава.

Ќе остане запаметен по одиграните улоги, но и по сето она што го остави како спомен за себе, во поезијата, ноќите без интерпункција, во бескрајните приказни со пријателите, а ги има навистина многу.

Мите Грозданов е погребан на гробиштата во Долно Нерези.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот