
500 доктори кои ги спасуваа повредените во „Пулс“ добија благодарници од Лекарската комора
Наградата „Св. Наум Охридски“, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија (ЛКМ), годинава ја доби специјалистот по општа медицина д-р Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци. Тој има 37-годишно богато професионално искуство. Во образложението на одлуката се вели дека Темелков претставува „вистински пример за посветеност, кој го достигнал врвот на својата професија почитувајќи ги највисоките етички принципи, оставајќи траен белег во здравството на Кавадарци и пошироко“.
Препорачано
Наградата му беше врачена на свечноста за одбележување на 33 години од постоење и работа на Лекарската комора на Македонија, одржана во Велес, јави „СДК.мк“.
„Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“, рече претседателката на ЛКМ, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова.
На свеченоста беа доделени и благодарници на докторите вклучени во спасувањето на животите на повредените при пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 62 жртви и над 200 повредени, кои покажале исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост.
„Со доделувањето благодарници, им оддаваме признание на околу 500 доктори кои беа вклучени во лекувањето на повредените во пожарот во Кочани. Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето“, рече д-р Гривчева-Старделова, според „СДК.мк“.