
41. Скопски џез фестивал: Концепт насочен кон надградба
Програмскиот директор на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета, најавува дека од 13 до 16 октомври во Скопје ќе го видиме и ќе го слушнеме најцврстото и најкомпактно издание на фестивалот.
Препорачано
Огромната желба да се сочува високиот меѓународен рејтинг на Скопскиот џез фестивал и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и на импровизираната музика се чини дека е посилна од многубројните кризи што ја погодија Европа, но и светот.
Програмата што ќе биде понудена од 13 до 16 октомври во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар ветува дека публиката ќе присуствува на десет фантастични концерти, кои ќе донесат извонредно силна и жанровски разновидна современа џез музика.

– По минатогодишното многу успешно јубилејно издание на фестивалот некои ми велеа – еве сега можеш следната програма да ја „олабавиш“, па и вие во организацијата малку да се опуштите. Мојот пристап беше сосем спротивен и во програмскиот концепт беше насочен во правецот на – надградба. Јас мислам дека ова во долг период е програмски најцврстото и најкомпактното издание на фестивалот, со програма која бескомпромисно го отсликува најдоброто и најкреативното од светската современа џез и импро-сцена, притоа буквално во многу ексклузивен манир.
Не го кријам основниот мотив за ова – Скопскиот џез фестивал уште поблиску да застане до неколкуте европски фестивали, култни со ваквиот пристап (не најголеми), како оние во Париз, Лисабон, Мерс, Салфелден, Берлин, Љубљана, Манхајм и во Утрехт… Конечно, реакциите на најавеното издание на моите многубројни колеги и музички новинари од Европа се полни со восхит и со почит. Мене тоа ми е доволно – вели Оливер Белопета.

Првиот концерт, за отворање на фестивалот на 13 октомври, е долго и макотрпно подготвуван. Станува збор за култниот проект на неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор и аранжер, Роб Мазурек, заедно со силниот и моќен ансамбл „Експлодинг стар оркестра“.
– Ова ќе биде единствениот европски концерт (покрај оној во Лисабон летово) во актуелната инкарнација на „Експлодинг стар оркестра“ со ремек-делото „Дименжнлстардаст“ од 2020 година. Ансамблот, не само од логистички причини, секогаш бил многу тешко достапен за светските концертни подиуми. Ексклузивата во Скопје добива уште повеќе на тежина со учеството и на 20-члениот камерен оркестар на Институтот „Феимс“ со кој Мазурек, покрај материјалот од споменатиот албум, ќе изведе и дело посебно напишано за нашиот фестивал.

Не помалку ексклузивна е и втората вечер, со специјалниот проект „Турија“ на џез перкусионистот број еден во светот, Хамид Дрејк (Hamid Drake). Чудесната посвета на музиката на Алис Колтрејн (духовниот гуру на многу музичари) со блескава евро-американска екипа. Овој проект во почетокот на годинава премиерно беше изведен на култниот фестивал „Санс дивер“ во Париз – открива Белопета.
На единствени концерти во Скопје доаѓаат и две скандинавски сензации, еклектичните „Суптропикаркестра“ на еден од најдобрите светски трубачи, Горан Кајфеш, и новата група „Кнар“ на познатиот басист Ингербрит Хакер Флатен.

Амаро Фреитас, пак, е новото бразилско чудо, бравурозен пијанист што ги преиспитува традиционалните структури на џезот, соединувајќи ги со нему најблиските, бразилски музички супстрати.
– Со своето трио „Абашаки“ доаѓа и новата гитарска ѕвезда Џулиен Деспреш, кој годинава не пропушти да членува и во „Фаја оркестра“ и во „Експлодинг стар оркестра“. Скопскиот џез фестивал ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на 10-годишнината од работата на извонредното американско трио „Тамбскрју“, во кое за прв пат на џез фестивалот ќе ја видиме гитаристката Мери Халварсон. И, уште една ексклузива, тандемот Роб Мазурек и Дејмон Локс од „Експлодинг стар оркестра“ неодамна снимија албум под името „Њу фјучр сити радио“, а кај нас ќе се случи нивната светска концертна премиера. Од македонскиот дел, овој пат тука се две групи блиски до основниот концепт на фестивалот „Зулу 3.4“ (добитници на нашата годинешна награда за најдобри млади македонски музичари) и „Такси конзилиум“ – објасни Белопета.
Скопскиот џез фестивал ја продолжува и востановената традиција на проекции на најдобрите документарни филмови. Овој пат со „Самер оф соул“, филм кој во 2021 година дебитираше на фестивалот „Санденс“, освојувајќи ја првата награда, а годинава, покрај многуте други признанија, се здоби со Греми за најдобар музички филм и со Оскар за најдобар документарен филм. Фестивалот на 12 октомври во кино „Фросина“ во МКЦ ја има неговата премиера за југоисточна Европа. Во своето деби како режисер, Амир „Квестлав“ Томпсон гради моќно и возбудливо дело – дел музички филм, дел историски запис – посветен на еден епски настан од 1969 (таканаречениот „Црн Вудсток“), што ја прослави афро-американската историја и култура.
– Во многуте благопријатни коментари за најавениот фестивал се најде и овој – програмата е правена како фестивалот да е последен. Лично, не го сакам зборот епитаф – посочува Оливер Белопета.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 149, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9 октомври 2022)