
14-годишното девојче кое беше заклучено по 22 часа на ден во „Идризово“, е префрлено во Воспитно-поправниот дом „Тетово“
Девојчето кое девет месеци беше заклучено по 22 часа на ден во затворот „Идризово“, е префрлено во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ во Волковија, објави СДК. Девојчето добило цела зграда само за себе.
Препорачано
Како што наведува порталот, таа е единственото девојче во државата, кое нема наполнето 15 години и има изречено воспитно-поправни мерки (што не е затворска казна).
Од јануари годинава, девојчето мораше да седи заклучено по 22 часа на ден во женскиот дел кај возрасните осуденички во Идризово, за да не дојде во контакт со нив. Во „Тетово“ немаше услови за девојчиња, односно немаше ограда со која физички и визуелно би се одделиле девојчиња со воспитни мерки од 20-ината момчиња кои се згрижени таму и се со исти судски одлуки како нејзината.
Девојчето наскоро ќе почне и со настава, која според законот треба да биде сосема одделена од таа на момчињата-штитеници во Домот.
Народниот правобранител штом се дозна за случајот, отвори предмет за детето кое не е ни осуденичка. Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа, која го води одделот кај Народниот правобранител за правата на децата, вели дека е задоволна што конечно девојчето е оттргнато од затворот „Идризово“ и што ќе ги има сите услови за престој и ресоцијализација во „Тетово“.
Таа реагираше дека девојчето во „Идризово“ немало никакви услови за престој, работа и ресоцијализација на деца. Таа го посетуваше девојчето, му носеше книги, бидејќи ѝ кажала дека многу сака да чита.
Бајрамовска-Мустафа беше и во полупразниот дом во Волковија, каде што има услови за издржување на воспитно-поправни мерки, има нови училници и спални, за да види што е проблемот што уште не се отвора таму делот за девојчиња и малолетнички. Таа доби ветување и таму за првпат се изгради ограда која отсега ќе ги дели момчињата од девојчињата.
Затворските службеници постојано на најмалиот свој жител во затворот „Идризово“ му овозможуваа контакт со родителите, но толку можеа да сторат околу ресоцијализацијата на девојчето, бидејќи таа установа не е за деца.
„Детето не си ги знаеше своите права. Со преведувач ѝ кажавме дека прво мора да си ја прифати грешката поради која судот ѝ ја изрекол воспитната мерка и во иднина да гледа да не ја повтори. Натаму, кога ќе излезе на слобода, што да бара од државата, што од Народниот правобранител, што од родителите. Ѝ кажавме дека има убаво место, цел објект само за неа во нова зграда, воспитно-поправен дом кој не е затвор и оти веднаш ќе одиме да ја убрзаме постапката за нејзино префрлување од ‘Идризово’ во тој дом, каде ќе биде и физички и визуелно одделена од нејзините врсници таму. Девојчето се развесели и ни рече супер, побрзо работете да ме префрлат таму“, кажа тогаш Бајрамовска-Мустафа.
Девојчето вчера многу се израдувало кога влегло во домот во Волковија, рекле од институцијата.