Фото: Архива

14-годишно девојче седи само во ќелија во „Идризово“ по 22 часа на ден, кај Тетово има Дом за малолетници без услови за девојчиња

Девојче кое нема наполнето 15 години седи само под клуч во соба во женскиот дел на затворот „Идризово“ за да не се помеша со возрасните осуденички, објави „СДК.мк“.

Девојчето, според порталот, не може да биде сместено во воспитно-поправниот дом кај тетовското село Волковија зашто таму нема поставено ограда која треба физички и визуелно да ги одделува момчињата од девојчињата со заштитни мерки. Суд му изрекол воспитно-поправна мерка на девојчето, но го пратил на издржување во затворот „Идризово“, бидејќи нема каде.

Народниот правобранител штом дознал, по сопствена иницијатива отворил предмет за девојчето, кое не е ни осуденичка, а од јануари 2025 година само седи во затворот „Идризово“ во близина на затворенички осудени за тешки кривични дела.

Советничката кај Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, која го води Одделот за правата на децата, вели дека во затворот нема никакви услови за престој, работа и ресоцијализација на деца. Таа најави посета на ВП-домот во Волковија, каде што има услови за издржување на воспитно-поправни мерки, има нови училници и спални, а објектот е полупразен, за да види што е проблемот што тој и натаму не се отвора за девојчиња.

„Девојчето седи само, заклучено, 22 часа на ден. Не смее да дојде во контакт со осуденичките, полнолетни и возрасни жени. Излегува надвор да прошета само два часа на ден, кога осуденичките ќе бидат прибрани внатре и затворени. Седи во соба, а не во ќелија и таму јаде. Затворот ‘Идризово’ нема психолог како што има на пример вработен во ВП Дом во Волковија. Македонското здружение на млади правници испраќа психолог еднаш неделно да збори со девојчето“, вели Бајрамовска – Мустафа.

Заклученото девојче не оди и на училиште веќе седум месеци На Бајрамовска-Мустафа ѝ кажало дека чита книги по цел ден и гледа телевизија на телевизор што му го донел таткото.

Затворските службеници постојано на најмалиот свој жител му овозможуваат контакт со родителите, но толку можат околу неговата ресоцијализација, бидејќи, како што велат, затворот „Идризово“ не е за деца.

„Детето не си ги знаеше своите права. Со преведувач ѝ кажавме дека прво мора да си ја прифати грешката поради која судот ѝ ја изрекол воспитната мерка и иднина да гледа да не ја повтори. Натаму, кога ќе излезе на слобода, што да бара од државата, што од Народниот правобранител, што од родителите. Ѝ кажавме дека има убаво место, цел објект само за неа во нова зграда, воспитно-поправен дом кој не е затвор и оти веднаш ќе одиме да ја убрзаме постапката за нејзино префрлување од ‘Идризово’ во тој дом, каде ќе биде и физички и визуелно одделена од нејзините врсници таму. Девојчето се развесели и ни рече супер, побрзо работете да ме префрлат таму“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Девојчето е единственото во Македонија на кое во моментов му е изречена воспитно-поправна мерка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот