Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

До кога во судството син ќе оди по татка, по деда си внук?

Новоизбраните 24 судии утре ќе дадат свечена заклетва во Судскиот совет по што ќе почнат со вршење на судиската функција, а меѓу нив најмалку петмина се синови, ќерки, зетови, снаи или брачни другари на судии, обвинители и политичари, на што јавноста жестоко реагираше, па со внимание очекува како тие ќе ја извршуват функцијата – дали ќе бидат ажурни, објективни, брзи, ефикасни и ќе ги почитуваат законите во име на граѓаните или „ќе фаќаат кривини“ и ќе ги изигривуваат законите во име на партиските и бизнис-елити! Новите семејни стебла во судството се познати – синот на обвинителката Елизабета Јосифовска, Драган Јосифовски, ќерката на обвинителката Гордана Смаќовска, Билјана Смаќовска и синот на судијата од Врховен Наќе Георгиев, Кирил Георгоев ќе судат во Кривичниот суд во Скопје, сопругата на градоначалникот Тимчо Муцунски, Симона Бубевска Муцунски ќе суди во Граѓански, а снаата на политичарката Цветанка Иванова, Билјана Иванова во Основен суд Струмица – и според експертите со кои разговараше „Слободен печат“ не е спорен нивниот избор за судии, оти спротивното би било дискриминација, колку што е спорно како првично влегле во правосудниот систем. Впрочем, една петтина од завршените академци од последната генерација во Академијата за судии и обвинители се „нечии деца“, а меѓу новите обвинители звучни се имињата на сопругата на шефот на ЈОГОКК Ислам Абази, Албулена Абази, како и на синот на спикерот Талат Џафери, Барлет Џафери, кој, пак, полагаше правосуден испит пред да дипломира, што беше голем скандал што заврши без санкција.

Ако на ова се надодадат и адвокатите, меѓу кои многумина, исто, така, имаат роднински врски со судиите или обвинителите, се добива богато разгранета шума со семејни стебла во правосудството, чие само постење е аларм за можна корупција и трговија со влијанија.

Не умееме да кажеме „не“ на децата на елитата

Едно од главните прашања во темата семејни стебла во правосудството е колку некои од новите судии или обвинители би биле навистина избрани на функциите доколку не биле роднинските врски? На ова неодамна посочи и претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Иванова, според која, треба да се истражи дали влегле во конкуренција со помош на политичко влијание и дали поради нив некој друг отпаднал, а вредел повеќе. Иванова посочи дека тешко се враќа довербата во правосудството во вакви ситуации, а тоа е можно само ако новите кадри покажат резултат.

Според адвокатот Валентин Пепељуговски, неспорно е дека во нашиот политички систем, вклучително и во правосудниот, царува непотизмот, но многу поопасни од роднинските врски се пријателските и бизнис-врските, затоа што роднинските врски се познати и судиите се изземаат од постапувањата ако во постапката обвинител или бранител е негов роднина.

– Царува непотизмот, а делумно тоа е резултат на тоа што ние сме мала држава и изборот во одредени звања е многу тешко да се врши, ако се има во вид фактот дека сме роднински и пријателски поврзани. За мене тоа и не е толку спорно, колку што е спорно е ако изберете лице кое е неспособно, кое завршило средно училиште и факултет со врски, кое положило правосуден испит со врски и завршило Академија за судии со врски. Значи, јас не гледам голем проблем кај роднинската и пријателската поврзаност. Таа сама по себе не значи ништо ако ние сме објективни. А моето искуство и како професор и како адвокат зборува дека имаме голем проблем. Ние не сме имуни да кажеме „не“ на децата на директорите, на големите сопственици, на богатите, на политичарите, на судиите на обвинителите, кои бараат да полагат преку ред или ги бараат прашањата или бараат да им прогледате низ прсти за нивните семинарски работи, магистратури и докторати – вели Пепељуговски за „Слободен печат“.

Валентин Пепељуговски

Според адвокатот Јанаки Митровски, последната генерација на Академијата за судии и јавни обвинители покажа дека секој петти кандидат е „нечие дете“ односно има татко, стрина, баба итн што е судија, обвинител или политичар.

– Од друга страна, лично познавам судии и обвинители кои се нечии деца, а се одлични кадри и оттука е помалку неблагодарна тема. Факт е дека родителскиот или роднински багаж не значи неквалитет, но факт е и дека премногу багаж има во последните години. Инаку, нашиот правен систем нема стипулации кои би бранеле да се бираат судии или обвинители кои имаат познати роднини, а и таквата одредба би била дискриминаторска – вели Митровски за „Слободен печат“.

Поопасни се пријателските и бизнис-врските

Според Законот за парничната постапка судија или судија-поротник не може да ја врши судиската должност ако самиот е странка, ако со странката е сосопственик или сообврзник, ако странката или адвокатот му е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен или му е брачен другар, вонбрачен другар или роднина по сватовство до втори степен, без оглед дали бракот престанал или не итн. Штом ќе узнае дека постои некоја од причините за изземање судијата е должен да ја прекине секоја работа врз тој предмет и да го извести претседателот на судот, кој ќе определи замена. Според Пепељуговски, процесните закони се јасни и нема проблем во праксата.

– Моето искуство зборува дека тие одредби се почитуваат. И судиите и обвинителите самите се изземаат кога се во прашање роднинските врски. Проблемот се појавува кај поопасните влијанија, а тоа се пријателските врски и бизнис-врските. Тука имаме проблем во откривањето на тие случаи. Што се однесува до адвокатите, како правни застапници односно полномошници и/или бранители и нивните роднински врски со судиите, обвинителите, стечајните управници и сл. проценсите закони се прецизни и одредбите се почитуваат. Но, праксата зборува дека се поопасни врските кога сопруг или сопруга е адвокат, а другот брачен другар е судија или обвинител. Тогаш судијата може да врши влијание кај колегите судии и обвинители, што и се случува во праксата. Постојат судии и обвинители чии брачни другари се стечајни управници, па и во овие случаи постои можност за влијание. Опасна е и самоцензурата кога странките ги ангажираат адвокатите кои се во роднински врски со некои судии и обвинители. На пример, некој адвокат е дете на некој судија и странката смета дека тој судија, иако не го суди предметот може да влијае кај колегите судии. Или стечајните управници ангажираат адвокати кои се во роднински врски со судии и обвинители, се разбира не тие кои се активни во нивните предмети – вели Пепељуговски.

И адвокатот Митровски потврдува дека се почитуваат одредбите за изземање од Законот за кривичната и од Законот за парничната постапка.

– Сум имал неколку такви случаи. Последниот беше во Велес, кога судот во Велес се иззема, бидејки мајката на оштетентоо лице во кривичната постапка беше судијка во судот и по делегирање од скопска Апелација предметот се судеше во Кавадарци – вели Митровски.

Ќе има револуција ако државниот обвинител нареди да се отворат фиоките

За тоа како во пракса функционираат адвокатско-обвинителско-судските спреги и на кои начини тие делуваат, за на пример, да застари предмет, Пепељуговски вели дека застарувањето е проблем исклучиво на судечкиот судија и судечкиот совет.

– Таквите врски се повеќе помеѓу бизнис-елитата и судиите и обвинителите. Тука адвокатите не се толку вклучени директно. Се разбира, адвокатите се обидуваат да ги искористат сите процедурални „финти“ со цел да добијат одлагање на рочиштата, но ако судијата и обвинителот се спремни и ако водат сметка кои се роковите на застареност уште од самиот почеток на предметот, тоа не може да се случат, па макар десет адвокати работеле на предметот. Проблемот е што некој намерно го заборава предметот во фиока. Еве јас му препорачувам на јавниот обвинител нека побара од сите заменици обвинители да ги извадат од фиока старите незавршени предмети. Не сте свесни што ќе се случи – револуција. Од друга страна, кај нас не постои обврска обвинителството да го извести подносителот и оној против кој е поднесена кривичната пријава дека пријавата е отфрлена/неоснована. Па така ви се случува после 13 години некој да ви извади предмет од фиока заради тоа што сте му политички противник. Некој намерно востановил таква практика и тоа мора да се промени час поскоро – објаснува Пепељуговски.

Јанаки Митровски

Адвокатот Митровски, пак, вели дека не е учесник во спрегите  адвокатско-обвинителско-судските спреги и не може да шпекулира на кои начини тие функционираат.

– Но, во јавноста се познати повеќе предмети на неколку политичари кои застареа. Шемата е одбраната максимално да ги одоговлекува судењата, што е сосема легитимно, а судот е тој кој треба да се грижи за застареноста. Откако на прв степен ќе се исцрпат можностите, на помош доаѓа Апелација, која ја укинува пресудата. Имаше случаи и кога пред самата пресуда поротник си даваше отказ и поради променет состав судот мораше одново да ја започне расправата. Најноторен е примерот на Владо Бучковски каде по 12 години судење му го преквалификуваа делото, по што истото автоматски застаре – објаснува Митровски.

Само елитата е корсник на „шемите“, за обичните смртници тие се недостижни

Во врска, пак со тоа дали има адвокати на кои предметите побрзо или поспоро „им врват“, зависно од потребите, а благодарение на врски со судии, Пепљуговски вели дека има и такви „шеми“.

– Мојот професор по граѓанско процесно право Стефан Георгиевски, на последипломски студии уште далечната 1986 година викаше дека во судството постојат „шеми“ како да ја завршите работата од првостепен, па до Врховен суд. Ако тогаш тоа било можно, сега тоа е сто пати повеќе присутно во праксата. Само што ова е присутно и возможно само за бизнис елитата и политичарите, особено оние кои се на власт. Факт е дека ние имаме недопирливи политичари и бизнисмени, но сепак, не се сите поплитичари и богати бизнисмени недопирливи, тоа се мала група луѓе – вел Пепељуговски.

Најканцерозни се партиските врски

За партиските врски, пак, Пепељуговски вели дека се во спрега со политичките врски.

– Тие врски се злоупотребуваат, со повикување на министрите, премиерот, претеседателот на Собрание и сл, а се случува овие и да не знаат дека некој се повикал на нивно име. Или ќе ви се јават и ќе речат се јавуваме од кабинетот на генералниот секретар на партијата. Во нормална држава тие би биле одбиени, ама во држава каде тефтерчињњата се наоѓаат кај главните кадровици, повеќето судии и обвинители ќе се „истепат“ да ги услужат. Ако сакаме овие проблеми да ги решиме, ќе мораме да го смениме менталитетот на нашите деца уште од мали нозе. Само така ќе можеме да ги натераме самите да се борат, а не да чекаат тато и мама да се јават кај колегите и овие да речат „ова е наше дете“. Е тоа наше дете така ќе се провлекува и во гимназија и на факултет и на Академија и судии и тато ќе го направи судија, обвинител или правобранител. Без да го идеализираме системот, но вака не беше во минатото. Тогаш од 10 кандидати за судии осум беа одлични, а некои од нив и деца на судии или на обвинители, еден или двајца ќе беа со врски. Затоа квалитетот на правораздавањето беше поголем. А сега џабе се водат сите критериуми на успешност на судиите кога на крајот Судскиот совет ќе го избере 17-от по редослед – вели Пепељуговски.

Адвокатот Митровски вели дека партиските врски се џокер број еден.

– Повеќе пати сум тврдел и сега одговорно тврдам дека кеш корупција, далеку од тоа дека ја нема, но ни оддалеку не е распорстранета колку што е мисли, а и таа треба да се бара во повисоките судови. Но, затоа пак партиското влијание е канцер на македонското правосудство и затоа сме таму каде што сме. Законите велат дека судиите и обвинителите не смеат да членуваат на партија, но тоа многу малку значи. Конкретно, пред актуелниот скопски шеф на обвинителство, претходните тројца беа апла партиски играчи, двајца на ВМРО-ДПМНЕ и  еден на СДСМ. Влакно не им фали, дел од нив и напредуваа. Републичкиот шеф на обвинителство е исто така истурен партиски играч и форсирањето по секоја цена да стане уставен судија тоа јасно го говори – вели Митровски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот