
Зошто жените хрчат помалку од мажите и кога тоа се менува?
Иако звучи како уште еден стереотип, медицината потврдува дека жените генерално хрчат поретко од мажите. Според д-р Рајан Чин То Чеонг, оториноларинголог во Универзитетскиот колеџ во Лондон, мажите хрчат речиси двојно почесто, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Разликата, сепак, се намалува во два периода од животот на жените: по менопаузата (обично меѓу 45 и 55 години) и за време на бременост, особено во третиот триместар. Причината е во хормоналните промени – естрогенот и прогестеронот одржуваат тонус на мускулите на дишните патишта, а нивниот пад води до поголема веројатност за хрчење.
Хрчењето се јавува кога протокот на воздух е делумно блокиран низ горните дишни патишта. Тогаш настануваат вибрации во задниот дел на носот, мекото непце, грлото или јазикот. Опуштените мускули во сон, како и гравитацијата при лежечка положба, ја влошуваат состојбата.
Алкохолот дополнително ги опушта мускулите, вишокот килограми врши притисок врз грлото, а алергиите, носните полипи, девијацијата на септумот или тешка настинка може да доведат до затнување на дишните патишта. Дополнителната тежина во бременоста дополнително го засилува проблемот.
Интересно е што жените поретко признаваат дека хрчат, бидејќи тоа е повеќе стигматизирано кај нив. Но експертите предупредуваат дека промените во обрасците на хрчењето не треба да се игнорираат. Тоа може да биде симптом на апнеја во сон – сериозно заболување при кое дишењето престанува повеќепати во текот на ноќта.
Без разлика на полот, доколку хрчењето е толку гласно што редовно го нарушува сонот на партнерот, неопходно е да се побара лекарска помош и да се провери дали постои подлабок здравствен проблем.