
Зошто жените губат во градоначалничката трка?
Партиите ги почнаа подготовките за локалните избори. Аналитичките центри со анкети ги мерат рејтинзите и на старите градоначалници, но и на новите кандидати. Каков ќе биде односот кон жените – останува да видиме.
Препорачано
На прашањето на „Слободен печат“, дали во трката за градоначалници бројот на жените ќе биде поголем, кратко велат ДА, но потоа додаваат дека сепак во игра се многу фактори. Зошто тогаш жените губат во градоначалничката трка?
Пратеничката Арта Биљали – Зендели, причината за малиот број на жени градоначалнички ја гледа во слабото учество во политичкиот живот. Според неа партиите не сакаат да ризикуваат во одредена општина да кандидираат жена ако анкетата покажала дека таму ќе победи маж.
-За да бидат успешни во процесот, жените треба порано да се вклучат во политичките збиднувања за да стекнат одреден авторитет во општеството. Но, проблемот е и во менталитетот кај нашиот народ. Тогаш кога тој ќе се измени „од долу“, ќе биде полесно жените да се кандидираат за градоначалнички. За парламентарните избори имаме загарантирани квоти за жените, но сметам дека тие можат да дадат резултати само на среден рок, бидејќи жените сами треба да се изборат за видливост и со тоа да станат конкурентни за функцијата градоначалник. Многу полесно една жена ќе стане градоначалник ако претходно била министер, пратеник или претседател на општински совет, вели Биљали – Зендели.
Неодамна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски рече дека изборот за кандидат на градоначалник оди преку мерењето на рејтингот на одредена личност, бидејќи како партија се во постојана комуникација со граѓаните.
-Преку овој метод граѓаните сами си го избираат кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа фаза со една жестока динамика течат анкети. Сметам дека жените кандидатки за градоначалник се предност на политичката сцена. Таму нема квоти како што е случај во советите или при парламентарните избори. Се надевам дека ќе имаме, но јас политичките чинители не би ги делел на жени и на мажи, туку на квалитлетни и некалитетни, рече Костовски.
И во овој пратенички состав доминираат мажите, дури и повеќе од претходниот (ИНФОГРАФИК)
И потпретседателот на Алијансата за Албанците Елми Азири смета дека на изборите ќе имаат поголем број на жени кандидати за градоначалнички.
-Не е започната ниту една процедура. Преку анкети во секоја општина ќе ги избереме најдобрите кандидати. И жени ќе бидат дел од таа анкета. Но, сигурен сум дека ќе настапиме со сериозен број на жени на овие локални избори, вели Азири.
Во СДСМ велат дека се партија која ја почитува целосната родова еднаквост и дека тоа ќе се одрази и во кадидатурите за градоначалнички. Претседателот на социјалдемократите Зоран Заев рече дека во постапката за избор на кандидати за градоначалници ќе се тргне од анкети.
-Ќе се проверува гласот на граѓаните што мислат тие за кандидатите, потоа централата прави селекција, и на крајот се општинските конференции во СДСМ за избор на кандидатите. Ние оваа постапка ќе ја водиме јуни, јули, август, затоа што септември прва половина е кампањата, а прва половина на октомври е првиот круг на изборите, рече Заев.
На локални избори 2017 година градоначалнички станаа само пет жени.
Во женски раце се Тетово, Битола, Арачиново, Македонска Каменица и Старо Нагоричане. Таму градоначалнички се Теута Арифи од ДУИ, од СДСМ Наташа Петровска, Милитие Халими, Соња Стаменкова и Жаклина Јовановска. Останатите 75 општини ги предводат мажи.
Оттука се поставува прашањето дали треба нешто да се менува во Изборниот законик, во делот на локалните избори за да се зголеми бројот на жени градоначалнички?
Според неофицијални извори во работната група за измени во Изборниот законик при Министерството за правда, велат дека засега работат само на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и дека прашањето за квота на жени за градоначалнички е политичко и дека решението треба да го договорат партиите.