
Зошто Владата и МНР молчат за Палестина
Потребен е итен прекин на војната и ставање крај на неподносливите слики налик „Герника“ од Пикасо, изјави за „Слободен печат“ претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Пред малку повеќе од една година на зградата на Владата на Словенија осамна знамето на Палестина, веднаш покрај државното и знамето на Европската Унија, со што официјална Љубљана го најави признавањето на палестинската држава. Во јуни годинава тоа и се случи и Словенија стана 147. држава во светот што ја призна Палестина како суверена држава, објавувајќи дека тој чекор бил „порака за надеж и мир“. Истовремено, израелската влада го осуди потегот како „награда за тероризмот“.
Препорачано
Претходно, истото го сторија и Шпанија, Ирска и Норвешка, а потоа признавање на Палестина најавија Канада, Франција, Велика Британија и Малта. Во моментов, палестинската држава ја признаваат 14 од 32 земји членки на НАТО, 11 од 27 членки на Европската Унија и десет од Групата 20 индустријализирани земји. Од нашиот регион, ниту признавање ниту најава нема само од Хрватска и од Македонија.
Ретки се дури и гласовите на протест
Но, во Македонија, без оглед на официјалниот став на државата (кој не го знаеме) за разлика од другите земји, вклучувајќи ги и западните, нема речиси никаква дебата за палестинското прашање. Ретки се дури и гласовите на протест против она што се случува во Газа, а уште поретки изјавите на високи партиски и политички претставници.
„Слободен печат“ со денови се обидуваше да добие став од Владата и од Министерството за надворешни работи за бранот најави за признавање на Палестина и како ќе постапи Македонија, но одговор не добивме. Единствено се огласи претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Во изјава за „Слободен печат“ таа потсетува и укажува дека „признавањето влади и држави не е надлежност на претседателот, туку на Владата, во согласност со член 91 став 1 алинеја 8 од Уставот“.
„Сепак, Сиљановска-Давкова укажува дека секој народ, вклучувајќи го и палестинскиот, има неотуѓиво право на самоопределување; палестинското прашање е предмет на Резолуцијата 181 на Генералното Собрание на ООН од 1947 година, Резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на ООН од 2016 година и Договорот од Осло од 1993 година; а за правилно и трајно решение за израелско-палестинскиот конфликт потребни се директни преговори“, пишува во одговорот што го добивме од нејзиниот кабинет.
Во поглед на признавањето на Палестина, претседателката наведува дека меѓу членките на Европската Унија постои поделеност и истовремено нагласува дека почитување на хуманитарното право е обврска за обете страни.
– Потребен е итен прекин на војната и ставање крај на неподносливите слики налик „Герника“ од Пикасо – додава Сиљановска-Давкова.
Арсовски: Ќе продолжат да молчат
Во однос на немањето став од Македонија за признавањето на Палестина, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека теоретски го разбира тоа, бидејќи сега не мора да се изјасниме за тоа прашање, за разлика од задолжителното изјаснување за Резолуцијата во ОН. Според него, ако се има предвид дека Македонија сака да „игра“ на двете страни – и со САД и со ЕУ, односно сака да воспостави некаква еквидистанца, можеби и не е лоша практика во моментов да се молчи и да не се прави ништо, бидејќи, како што вели, секогаш има време и да се признае и да не се признае Палестина.
– Бидејќи станува збор за проактивен чекор, од нас никој не побарал да се изјасниме, за разлика од Резолуцијата кога моравме да се изјасниме. И ако е мерило Резолуцијата на ОН, мислам дека ќе продолжи да се молчи. Но, Резолуцијата всушност е нашето изјаснување – вели Арсовски во изјава за „Слободен печат“.
Но, прв потег на Македонија треба да биде фокус на хуманитарната криза.
– Најмалку што можеме да направиме е да упатиме официјален повик за да се пушти хуманитарна помош, затоа што таму луѓе страдаат. Во ред е да не сме подготвени во моментов да се изјасниме за палестинска држава и на некој начин да бираме меѓу САД и ЕУ, но најмалку што треба да направиме е да имаме повик за хуманитарна помош. Ама го немаме – додава Арсовски.
Според него, најавите од неколку земји од ЕУ за признавање на Палестина во основа е обид да се помогне хуманитарната ситуација во Појасот Газа, во услови кога Израел одбива да дозволи некаква посериозна хуманитарна помош, а истовремено САД одбиваат да го притиснат Израел да отвори канали за хуманитарна помош.
– Сето ова ги тера земјите од ЕУ да праќаат порака не само во однос на хуманитарната криза, туку и дека единствен начин таму да има траен мир е да има две признаени држави што со текот на време ќе мораат да воспостават како-така некакви нормални односи – вели Арсовски.
Тој додава дека, сепак, има опасност сите најави за признавање да се сведат само на порака.
– Признавањето на една држава, како што коментира, не е доволен предуслов за таа држава да постои. Значи, може да ја признаваат, ама ако Палестина не успее да си ја обезбеди државата или ако остане трајно окупирана од Израел, попусто ќе биде признавањето – вели аналитичарот.