Палестина , палестинско знаме / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Зошто Палестина мора да се признае токму сега?

Признавањето на Палестина е неопходно за повторно отворање на дипломатските канали и за зачувување на решението за две држави, а оние што избираат дијалог наместо насилство, мора да се поддржат, вклучувајќи ја Палестинската управа која одамна се откажа од вооружена борба, велат доброинформирани француски извори.

Признавањето на Палестина е морален и политички императив за да се поддржат оние што избрале дијалог наместо насилство, додека, пак, Хамас ќе биде исклучен од секое управување, велат доброинформирани француски извори за „Слободен печат“.

Постојат повеќе причини зошто Палестина треба да се признае сега, наведуваат изворите.

„Палестинска држава треба да се признае за да се отворат повторно дипломатските канали и за да се зачува решението за две држави  што е единственото праведно и трајно политичко решение кое ги задоволува легитимните аспирации на Израелците и на Палестинците да живеат во мир и во безбедност. Моментумот што го започна Франција и обврските добиени од Палестинската управа доведоа до тоа држави, кои сè уште не ја имаа признаено Палестина, да се приклучат (вклучувајќи две членки на Г7): Обединетото Кралство, Канада, Австралија, Португалија, Белгија и Луксембург. Паралелно, Франција разговара и со држави кои се заинтересирани за пристапот (Сингапур, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд), но и со оние што сè уште не го признаваат Израел“, оценуваат нашите извори.

Причина за признавање на палестинска држава е поддршка на оние кои, во Палестина или во Израел, секогаш го избирале дијалогот и заемното признавање, дури и во најтемните времиња, посочуваат изворите, додавајќи дека не треба да се наградува тероризмот, туку оние што се против насилство, вклучувајќи ја и Палестинската управа, „која одамна се откажа од вооружена борба и го призна правото на Израел да постои“.

„Треба да бидеме доследни на нашите минати позиции во регионот, нашите принципи, одбраната на меѓународното право и на правилата врз кои почива светскиот поредок, вклучително и правото на самоопределување, запишано во Повелбата на Обединетите нации“. Ова е правецот во кој, според нашите информации, се движеле дискусиите пред одлуката на Париз за признавање на Палестина.

Итно запирање на војната на Газа и ослободување на заложниците

На 29 јули, на меѓународна конференција во Њујорк, Франција и Саудиска Арабија ја претставија т.н. Њујоршка декларација, документ што ја заживува идејата за решение со две држави – Израел и Палестина. На 12 септември, декларацијата ја поддржаа 142 земји на Генералното собрание на ОН, меѓу кои и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност. За првпат, ОН усвоија и експлицитна осуда на Хамас.

Документот бара веднаш да престане војната во Газа, итно да се ослободат заложниците и Израел да ги повлече трупите. Се инсистира на непречена хуманитарна помош и се осудуваат окупацијата, анексијата и присилното раселување на населението.

Декларацијата отвора пат за создавање суверена и економски одржлива палестинска држава, која ќе живее рамо до рамо со Израел. Предвидено е реформирана Палестинска управа да ја преземе контролата врз териториите, со исклучување на Хамас од каква било власт. Планирана е и мисија за стабилизација под капата на ОН.

Франција и Саудиска Арабија ја туркаат оваа иницијатива за да го прекинат циклусот на насилство, особено по нападите на Хамас на 7 октомври. Тие сакаат да се оттргнат од логиката на „менаџирање на конфликтот“ и да понудат вистинско решение – две држави, Израел и Палестина, кои ќе соработуваат во рамките на поширока регионална безбедносна архитектура.

Во документот се наведува јасна временска рамка: од посетата на францускиот претседател на Саудиска Арабија, преку усвојувањето на резолуцијата во ОН, до планираната официјална одлука за признавање на Палестина на 22 септември 2025 година.

„Франција никако не е на страната на тероризмот“

Неприфатливо е да се обвини Франција дека игра во корист на тероризмот, имајќи предвид дека веднаш ги осудивме ужасните терористички напади на 7 октомври, дека заедно со Израел претрпевме тешки загуби (51 наш државјанин убиен, 8 заложници), дека Франција стоеше зад иницијативата за Коалиција против Хамас; а и дека успеавме да ги убедине Палестинската управа, огромното мнозинство арапски држави и Турција за првпат да ги осудат нападите на 7 октомври и терористичките напади на Хамас и да побараат негово разоружување и исклучување од управувањето со Газа, посочуваат француски извори.

„Всушност, признавањето на државата Палестина, во која Хамас би бил целосно исклучен од управувањето, претставува голем пораз за Хамас. Создавањето палестинска држава под условите што веќе ги поставивме значи крај за Хамас кој го отфрла решението за две држави и не сака палестинска држава што ќе живее во мир со Израел. Ставот на Франција останува непроменет: Хамас е терористичко движење и мора да биде разоружано и исклучено од палестинското управување“, посочуваат изворите за „Слободен печат“.

Франција и ЕУ внимателно ја следат веродостојноста на реформите, најавени од Палестинската управа, додаваат тие.

„Претседателот Абас се заложи за неколку големи обврски: на 9 јуни, во писмо до Претседателот на Франција, се обврза да го реформира школскиот курикулум за да престане со учење на палестинските ученици да го мразат Израел, а и да постави темели за целосно демократска палестинска држава, со цел избори во кои би биле исклучени сите актери што не се откажуваат од насилство. Реформата на системот за исплати на затвореници е целосно завршена и ќе биде проценета од американска ревизорска фирма и од дополнителна независна ревизија“, оценува официјален Париз.

„Ослободувањето на заложниците е приоритет на Франција“

Ослободувањето на заложниците е апсолутен приоритет за Франција, а новиот бран признавања на Палестина не се виновник за пропаѓањето на преговорите за примирје во Газа, велат изворите.

„Имавме постојан контакт со семејствата на заложниците. Целосно ги поддржуваме напорите на претседателот Доналд Трамп и на САД за мир и за итно ослободување на сите заложници. Признавањето на Државата Палестина ги надополнува овие напори и му ја одзема на Хамас перспективата за легитимитет. Заедно со сите меѓународни партнери што застануваат со нас во овој процес, убедени сме дека ова е единствениот начин да се придонесе за траен мир. Тврдењето дека токму ова признавање ги предизвикало најновите пропаѓања на преговорите за прекин на огнот е лажна вест. Нивниот неуспех беше потврден пред нашата најава“, посочуваат изворите.

Расте бројот на земји, спремни да ја признаат Палестина

Неколку европски земји објавија дека ќе ја признаат Палестина за време на самитот на Генералното собрание на ОН во понеделникот. Земјите кои ја признаа Палестина беа Франција, Белгија, Монако, Луксембург и Малта. Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија официјално ја признаа Палестина во неделата.

Грчкиот шеф на дипломатијата Јоргос Герапетритис на Генералното собрание на ОН во Њујорк посочи дека признавањето на палестинската држава за Атина не е прашање на принцип, туку на тајминг, бидејќи Грција ја поддржува формулата за две држави, но смета дека признавањето треба да се случи на крајот од политичкиот процес и под покровителство на ОН. Тој нагласи дека земјата веќе обезбедува значителна хуманитарна помош, лекување деца од Газа и поддршка за Палестинската самоуправа, а на конференцијата, организирана од Франција и од Саудиска Арабија, ја повтори поддршката за патека што ќе донесе траен прекин на огнот, ослободување на заложниците и безбедност за Израелците и Палестинците.

Од друга страна, пак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро го осуди признавањето на палестинска држава од повеќе сојузници, но се соочува со дилема како да одговори бидејќи опциите му се ограничени: иако најавуваше анексија на делови од Западниот Брег и мерки против земјите што ја признаа Палестина, таквиот потег би го загрозил Аврамовиот договор – едно од неговите најважни дипломатски достигнувања и клучен успех на Доналд Трамп – а особено би го нарушил односот со Обединетите Арапски Емирати, кои веќе предупредија дека анексијата е „црвена линија“.

Израел на крстопат: Како Нетанјаху ќе одговори на западните признавања на Палестина

Македонија не е на линија со повеќето европски земји

Додека меѓународната сцена сè поотворено зазема ставови и сè повеќе земји официјално ја признаваат Палестина како независна држава, македонските власти сè уште се немаат изјаснето за нивната позиција околу ова прашање, иако некои индикатори покажуваат дека нема интерес за одобрување хуманитарна помош во Газа или признавање на палестинска држава.

Македонија останува без јасна официјална политика кон прашањето, а Собранието пред речиси еден месец не успеа да ја стави на дневен ред предлог-резолуцијата за Појасот Газа, со која се бараше дозвола за влез на хуманитарна помош во палестинската енклава, разурната од израелските напади.

За резолуцијата гласаа само 16 пратеници, меѓу кои и шестмина од Левица. Со документот се предвидуваше Израел да дозволи влез на хуманитарна помош во Газа, но предлогот не помина.

 

Глобален самит за Палестина под претседателство на Франција и Саудиска Арабија, уште 6 држави најавија признавање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот