4 год нато-арм/Фото Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Зошто Македонија цврсто се држи до професионална армија?

Дали на Македонија ѝ е потребно враќање на задолжителниот воен рок и во каква форма? Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност, особено откако врховниот командант на вооружените сили, претседателката Гордана Сиљановска Давкова предложи да се поведе дискусија за доброволно одење во војска, но и по иницијативите на неколку државни раководства на земјите од регионот за отворање на дебати по прашањето за повторно задолжително служење на воениот рок.

Но, дополнително забуна во јавноста внесе толкувањето на изјавата на претседателката Сиљановска-Давкова која при посета на показната вежба на припадниците на Армијата во Охрид, посочи дека добро е да се воведе доброволно служење воен рок, иако таква можност веќе постои уште од 2010 година, кога е донесен и Законот за служба во Армијата.

– Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме. Мислам дека тогаш и односот кон Армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето – рече претседателката Сиљановска-Давкова, која е и врховна командантка на Армијата.

Идејата за служење војска со поделени размислувања дома

Во меѓувреме иако, дел од земјите членки на НАТО, во контекст на новата безбедносна реалност размислуваат и воведуваат задолжителен воен рок, меѓу кои од неодамна е и Хрватска, засега оваа идеја не е ставена на маса за разгледување пред надлежните, коментираат упатените. Домашната експертска јавност во истовреме е поделена по ова прашање. Дел од познавачите велат дека евентуалното враќање на воениот рок ќе го зајакне патриотизмот, вредностите, но и редот и дисциплината во општеството. Други пак тврдат дека предлогот е ретрограден ако се земе предвид планот за модернизација на Армијата.

Воено-безбедносниот аналитичар Милан Стефановски вели дека има повеќе дилеми околу служењето на воениот рок, за кои е неопходно претходно да се направи детална и сеопфатна анализа. Според него, изјавата на претседателката Гордана Силјановска Дафкова да се воведе доброволно служење воен рок можеби е нејзин превид, бидејќи во Законот за служба во АРМ веќе постои можност и за доброволно служење на воен рок.

Милан Стефановски – политиколог / Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

– Во јавноста веќе подолг период се наметнува тезата која пак е имплицирана од рефлексијата на руско-украинскиот конфликт и државите кои размислуваат за враќање на задолжителен воен рок. Претпоставувам претседателката Силјановска Дафкова можеби мислеше дека треба сериозно да се размисли за враќање на задолжителен воен рок, бидејќи доброволниот веќе постои. Но, одлуката за можно враќање пред системот од 2006 година треба да се дискутира на Советот за безбедност како најмеродавен орган и секако во широка дебата со експертите. Мое лично мислење поткрепено со можни идни воени и невоени закани заради војната во Европа со потенцијал да трае долго е дека треба да се размисли за некаков хибриден модел за служење на задолжителен воен рок. Истиот би траел неколку месеци за сите оние кои ќе сакаат да стекнат работен однос во АРМ – истакнува Стефановски.

Тој појаснува дека во 2006 година на отслужување беше последната генерација со задолжителен воен рок, а во 2010 година во Законот за служба во АРМ се воведе можноста и за доброволно служење на воен рок, со што земјава ги поседува сите можности за служење во Армијата.

– Она за што ќе треба сериозно да размислуваме после Самитот на НАТО во Вашингтон е како да се постави безбедносно-разузнавачкиот потенцијал во идните безбедносни предизвици и политики кои се предвидени во завршното НАТО-коминике. Тоа подразбира како и во кој формат и обем ќе се обучуваат и мобилизираат вооружените сили на Армијата – вели безбедносниот експерт.

Од друга страна д-р Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност, ваквите идеи во јавноста неколкупати досега ги оценува како ретроградни и застарени.

Благоја Марковски – Балкански форум за безбедност / Фото: „Слободен печат“/Методиј Здравев

– Според она што се предлага во јавноста, преку обука од три месеци да се отслужи воен рок е невозможно потоа да се создаде квалитетен војник кој би бил подготвен исто како професионалниот – за борбени активности. Покритие за овој предлог не може да биде ни пополнувањето на резервниот состав, бидејќи тоа и сега се реализира со доброволно служење воен рок – е ставот на Марковски.

Одбрана засега не размислува за враќање на задолжителен воен рок во Северна Македонија

Паралелно на ова досега, Министерството за одбрана неколкупати во јавноста соопшти дека засега не размислува за враќање на задолжителен воен рок во Северна Македонија. Иако, дел од земјите членки на НАТО, во контекст на новата безбедносна реалност на европскиот континент воведоа или размислуваат да воведат задолжителен воен рок, засега оваа идеја не е ставена на маса за разгледување пред надлежните.

Од Министерството за одбрана досега неколкупати во минатото информираа дека пред тоа да се случи потребно е да се направат сериозни и екстензивни анализи, да се вкрстат ставовите за и против и да се извлече најдоброто решение за граѓаните и за државата.

Од друга страна, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, истакна дека е скандалозно претседателката на државата и Врховен командант на Армијата да повикува на дебата за доброволно служење на воен рок, а да не знае дека таа одредба веќе одамна постои во Законот за служба на Армијата.

– Прво не знаеше дека Претседателот на државата е и Врховен командант на Армијата, потоа неколкупати го прекрши протоколот, а прекршување на протколот е непочитување и кон Армијата и кон државата и денес повторно непознавање. И да, има голема разлика помеѓу доброволно и задолжително служење воен рок, ама за тој што знае – посочува во објава на Фејсбук, пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска.

Од следната година задолжителен воен рок во Хрватска 

Фото: Профимедиа/Илустрација

Хрватска од 1 јануари следната година повторно ќе воведе служење на редовен воен за младата полнолетна популација. Според најавите, се очекува планот да стане оперативен на почетокот од следната година, за што во земјата постои и политичка волја, а претстои и политичка одлука. Како што јавуваат хрватските медиуми, по успешните внатреполитички консултации, хрватското Министерството за одбрана се зафати да ги сработи измените на Законот за одбрана и на Законот за служба во вооружените сили, како и на придружните прописи, кои ќе бидат основа за започнување на приемот на првата група регрути, кои ќе треба да служат задолжителен воен рок веќе од следната година.

 

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот