
Зошто дивее цената на златото?
Цената на една унца надмина четири илјади долари – за прв пат во историјата. Аналитичарите велат дека растот е поттикнат од глобалниот долг, инфлацијата и падот на вредноста на американскиот долар. Според Квентин Маи, претседател и извршен директор на Вест Поинт Голд, златото во моментов е во пораст од повеќе причини.
Препорачано
„Најзначајна е таа комбинација од каматни стапки, царини и општо слабеење на американскиот долар, кој изгуби најмалку 10 до 12 проценти од својата вредност во однос на другите светски валути во последните шест до девет месеци“, рече Маи.
Падот на доларот и загриженоста за зголемената задолженост на водечките економии ги туркаат инвеститорите кон побезбедни инвестиции.
Причините ги презентира и Даниел Алтман, економист на Хај Јелд Економикс: „Златото расте затоа што инвеститорите бараат заштита од инфлација. Тие се загрижени за огромните долгови што ги акумулираат најголемите економии во светот и гледаат можност за девалвација на некои од овие валути. Доколку се случи девалвација поради зголемената инфлација, инвеститорите ќе имаат потреба од безбедно засолниште – а златото е една од тие можности. Додека продолжува затворањето на американската влада, пазарите се во неизвесност, а инвеститорите се свртуваат кон златото и биткоинот – како алтернатива на валутите издадени од владата. „Мислам дека и биткоинот и златото покажуваат колку има побарувачка за нефиат валути, односно оние што не се под контрола на владата. Не го сметам биткоинот за алтернатива на златото, туку за друг начин луѓето да акумулираат вредност во нефиат форма.“
Со оглед на фискалните тензии и можното намалување на каматните стапки во САД, аналитичарите проценуваат дека цената на златото би можела да достигне до 4.500 долари за унца во следните шест месеци, пишува Н1 Хрватска.