Зошто да не Албанец за крал?

Ѓорѓи Спасов, Фото: Фејсбук

Ако ДУИ на Али Ахмети, па и Арбен Таравари велат „или ќе се смени Уставот, како што бараме ние во делот за избор на претседател на државата, или ќе нема влада, а без нас во неа и држава“, тогаш е тоа политичка закана и уцена. Тогаш тоа е отворено непочитување на Охридскиот рамковен договор и играње со мирот. Тоа е свесно подгревање на националистичките страсти пред избори.

Зошто да не Албанец за крал?
Треба само да се промени Уставот и Република Северна Македонија да се прогласи за Кралство на Албанците, Бугарите, Македонците, Турците и на другите народи што живеат во неа.
Треба да се внесе во тој Устав дека предност за именување крал на државата ќе имаат народите што живеат во неа, по азбучен ред. Значи, прво Албанците, па Бугарите, па Власите, па Грците и така натаму.
За ова е потребна само кампања „Албанец за крал, зошто да не?“.
Охридскиот рамковен договор со кој се постигна мир во земјата, навистина, не предвидува такво нешто, ама ако сите го прифатат тоа за Албанците да не се чувствуваат дискриминирани – зошто да не?
Без нив нема држава – нели веќе соопштија неодамна.
Тие што бараат непочитување на Охридскиот рамковен договор треба да бидат ставени на „црната листа“ на САД.
А барањето да се избира претседателот на државата во Собранието со Бадентерово мнозинство е непочитување на тој, пред сè, мировен договор од кој не беа целосно задоволни двете страни.
Свесно им беше оставена, од САД и од ЕУ, една државна функција на мнозинството Македонци, со цел преку неа и избраните претседатели на таа функција да го демонстрираат македонскиот национален идентитет на земјата. Таа функција има повеќе симболичка моќ од реална, каква што има премиерот. И затоа се сметаше, на барање од претседателот Борис Трајковски, дека треба да се избира од сите граѓани со дефинирано потребно мнозинство.
Тој договор, секако, дека може да се менува врз основа на согласност од сите негови потписници. И тој веќе се промени во делот за употребата на албанскиот јазик, по барање на ДУИ.
Но, ако ДУИ на Али Ахмети, па и Арбен Таравари велат „или ќе се смени Уставот, како што бараме ние во делот за избор на претседател на државата, или ќе нема влада, а без нас во неа и држава“, тогаш е тоа политичка закана и уцена. Тогаш тоа е отворено непочитување на Охридскиот рамковен договор и играње со мирот. Тоа е свесно подгревање на националистичките страсти пред избори.
Прашањето сега е – дали тоа ли ќе биде целта на изборната кампања под слоганот „А зошто да не – Албанец за претседател“, кога можноста на секој граѓанин од која било етничка заедница за избор на таа функција не му ограничена.

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот