
ЗОО Скопје: Викендов угина лама болна од туберкулоза, болест за која нема лек
Неколку часта по неофицијалните информации дека пред неколку денови угинале животни во Зоолошката градина, оттаму и официјално информираа дека овој викенд, по долго боледување угинала лама. Според соопштението, на обдукцијата се покажало дека причината за смртта била туберкулоза, од која животното боледувало повеќе од пет години.
Препорачано
-Изминатиот период заедно со Факултетот за ветеринарна медицина лекувавме и терапиравме лама која, иако беше направено се од медицински аспект и грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми- се вели во соопштението на ЗОО Скопје.
Оттаму додадоа дека веднаш по смртта на ламата, во соработка и советување со Агенцијата за храна и ветеринарство биле направени туберкулински тестови на сите останати лами кои се ставени под секојдневен медицински надзор.
За трагичната смрт на ова животно пренесе и советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје Стефан Кирков, кој преку онлајн објава го посочи работењето на ветеринарната служба при ЗОО Скопје, која според него е исполнета со нестручен кадар кој не може професионално да се справи со здравствените компликации на животните.
-Како се терапирани овие животни и дали, кој ги лекувал и дали ќе покаже патолошкиот наод и истрагата. Подолго време укажувам и апелирам дека во Скопје ЗОО нема стручен ветеринар и дека ветеринар е човек кој дo пред година дена беше аниматор за детски родендени, не го спорам неговото образование но за познавање и искуството се сомневам, а и по се што се случи и сите се сомневаме – посочува Кирков.
Во однос на ставовите на Кирков за некомпетентноста на ветеринарните служби при ЗОО Скопје, од зоолошката велат дека сите животни со компликации се лекуваат на Факултетот за ветеринарна медицина.
-ЗОО Скопје е во постојана соработка со специјалисти и професионалци од Факултетот за ветеринарна медицина Скопје. Сите животни на кои им е потребна медицинска помош и хируршка интервенција ги испраќаме на ветеринарниот факултет, каде ја добиваат потребната професионална грижа- велат од зоолошката градина за „Слободен печат“.
Претходно, од зоолошката градина информираа дека во 2024 година се родени 33 животни, а починале 15, од кои голем дел биле во длабока старост. Според достапните податоци, во ЗОО Скопје денес се наоѓаат околу 500 животни од 85 видови.