
ЗНМ со препораки до новинарите како безбедно да известуваат од терен за пожарите
Здружението на новинари на Македонија денеска до новинарите упати насоки за безбедно известување од пожари, посочувајќи дека пожарите, што во последниве недели зафатија различни делови од земјата, a посебно во Скопскиот регион, создаваат услови кои можат сериозно да ја загрозат безбедноста на новинарите и медиумските работници кои известуваат од терен.
Препорачано
Оттаму посочуваат при работа од терен во вакви околности да не се влегува во зони кои претставуваат директна опасност за животот и здравјето.
Колку што е можно, ограничете го времето на престој во зоната со чад и известувајте од безбедна дистанца. Избирајте облека или опрема што ќе ви овозможи практична заштита од прашина и честички, а по напуштање на местото применете основни хигиенски мерки. Одржувајте ја техничката опрема во функција и заштитена, бидејќи контаминацијата може да влијае врз квалитетот на работата. Користете заштитни маски со висок степен на филтрација (N95, FFP2 или FFP3) за да се намали вдишувањето штетни честички – велат од ЗНМ.
Од Здружението истакнуваат дека овие насоки се во согласност со препораките на Европската федерација на новинари кои приоритетно го третираат прашањето на безбедноста при работа во ризични услови.
Новинарството е клучно за јавниот интерес, но никогаш не смее да биде на сметка на личната безбедност и животот на новинарите, снимателите и фоторепортерите – посочуваат од ЗНМ.