Медиуми, микрофони / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

ЗНМ и ССНМ бараат целосно расветлување на сомнежите за прислушување на новинари

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско следење на новинари и медиумски работници во периодот 2019–2024 година, за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Дополнително, премиерот како и директорот на АНБ во понеделникот јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи.

„Сметаме дека секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Воедно потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), јасно забранува какво било незаконско следење на новинари и предвидува обврска на државите членки и земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики“ се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини, повикуваат надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.

„Очекуваме обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки, во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите.

Потсетуваме дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија. Речиси десет години подоцна, дел од постапките се одолговлекуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите кои беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија“ се додава во соопштението.

ЗНМ и ССНМ порачаа дека остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. Оттаму посочуваат дека за развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинари (EFJ), каде што двете организации се полноправни членки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!