Димитриевски - Лабудовиќ

ЗНАМ се надеваше на четири-пет кандидати за градоначалници, ама ќе остане со двајца

Движењето на Максим Димитриевски ќе почека да слушне што ќе објави Христијан Мицкоски, па потоа ќе ги каже своите фаворити, но има оптимизам дека ќе се трка во повеќе од две општини

За Движењето ЗНАМ е извесно дека на локалните избори ќе настапи со двајца кандидати за градоначалници иако претендираа да имаат плус двајца или тројца кандидати во општините со кои сега раководи СДСМ. Според нашите информации, фиксни се кандидатурите на лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски кој ќе оди на втор мандат и заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ за Центар.

Функционери од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека евентуално трета градоначалничка кандидатура на ЗНАМ е можна за Старо Нагоричане, но дека за тоа се очекува да се разговара вечерва на состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по кој партискиот претседател Христијан Мицкоски треба да го формализира договорот за меѓусебна поддршка на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Инаку, ЗНАМ претендираше да оди со свои кандидати и во Дојран и во Крушево, но според нашите информации, предложените имиња на анкетите на ВМРО-ДПМНЕ не добиле доволно поддршка во споредба со кандидатите од партијата на Мицкоски.

ЗНАМ, иако првично објавата на кандидатурите ја најави за денес, во ист ден со ВМРО-ДПМНЕ, сега велат дека ќе почекаат што ќе соопшти Мицкоски, па во следните два дена ќе заседава партискиот Извршен одбор. Оттаму се оптимисти дека ќе имаат свои кандидати во повеќе од две општини. Не ја исклучуваат можноста паралелно со договорот со ВМРО-ДПМНЕ за заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници, во некои општини да излезат и со свои кандидати иако таму номинации ќе има партијата на Мицкоски. Ако има таква ситуација, од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека тие немаат ништо против, но тоа можеби негативно ќе се одрази на ЗНАМ, ако нивниот кандидат на изборите помине полошо и од СДСМ и од Левица, односно ако биде четврти по освоени гласови.

Димитриевски во Куманово ќе се соочи со екссопартиецот од СДСМ, пратеникот Мартин Костовски и независните кандидати Нинослав Јакимовски и Горан Стојковски Диро. Владиниот партнер Вреди нема да номинира кандидат за градоначалник на Куманово, додека ДУИ сѐ уште не пресекла дали ќе оди со свој кандидат. Во Центар, пак, Лабудовиќ ќе ги вкрсти копјата со актуелниот градоначалник на Центар Горан Герасимовски од СДСМ и независната ексантикорупционерка Билјана Ивановска.
Според најавите, Мицкоски вечерва по состанокот на Извршниот одбор треба да објави и нови тројца кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа за Валандово каде што претендираше ЗНАМ да истрча со номинација, но и за Струмица и за Кичево. Неофицијално, кандидатурата за Кочани ќе се чува меѓу последните со што ВМРО-ДПМНЕ ќе го комплетира списокот од над 60 номинации за градоначалници на изборите закажани за 19 октомври. Извори од партијата брифираат дека двајца лекари ќе бидат адутите на Мицкоски за Струмица и за Кичево, односно гинекологот Никола Маџунков и лекарот по општа медицина Александар Јовановски кој беше кандидат за Кичево и на претходните локални избори во 2021 година.

ВМРО-ДПМНЕ освен со ЗНАМ, договор за меѓусебна поддршка има и со владиниот партнер Вреди. Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на Вреди во Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, но исклучок е Кичево каде партијата ќе го номинира Јовановски. Таму противкандидати на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари  од ДУИ се Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, Фатмир Лимани од Вреди и независните Шкодран Алили и Благоја Спироски, додека СДСМ засега не објавила номинација за Кичево иако веќе се познати 60 кандидати за градоначалници од СДСМ.

Интересна ќе биде и битката за Струга каде што на независниот Менди Ќира, зад кого застана Вреди, противкандидат ќе му биде лекарот Арсим Далипи од Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и независните кандидати Бесник Асани, Насто Палијоски, Мирко Савески и Игор Малевски. Најмногу независни кандидати има за Прилеп – седум, од кои две жени – Павлинче Матеска и Злата Рапешоска, како и Љупчо Дунимаглоски, Рубин Најдоски, Борче Чупетрески, Ѓорѓија Игески и Иле Бачанов кои влегуваат во трка со Петра Лукароска од СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ изборот треба да го направи помеѓу заменик-министерот за економија Марјан Ристески и пратеникот Дејан Проданоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!