фото: Фејсбук ЗНАМ

ЗНАМ: Немаме претставник во работна група за законот за правична застапеност

„Во врска со изјавата на пратеникот Халил Снопче, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија демантира дека има свои претставници во работната група за изработка на законско решение за правична застапеност на етничките заедници, ниту пак има било каква информација дека таква работна група е формирана“, соопшти партијата на Максим Димитриевски.

Наспроти тврдењата на министерот за администрација Горан Минчев (и самиот од ЗНАМ) дека не е запознаен со постоењето на таква работна група, Снопче денеск изјави дека таа „постои и се состои од претставници на коалицијата ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ. Претставник на ЗНАМ е самиот министер, господинот Минчев и досега таа работна група веќе има одржано две средби“.

„Би сакале да го запрашаме господинот Снопче дали е точно дека тој е дел од работната група во Собранието, која го подготвува новиот закон за правата на бранителите од конфликтот во 2001 година. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како одговорен политички субјект, смета дека изречениот збор, особено од носители на функции и претставници на народот, имаат посебна тежина и секогаш треба да се одраз на реалноста и вистината“, велат од ЗНАМ.

Ставот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како што велат од партијата, е дека правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија и затоа треба да се најде соодветно законско решение кое ќе биде предмет на широка јавна расправа во која ќе учествуваат експертската и научна јавност и заинтересираните страни, а кое на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија.

Од ЗНАМ додаваат дека партијата работи јавно и транспарентно, како што тоа досега го покажала праксата и секогаш во интерес на граѓаните, а
штитејќи ги државните интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот