Максим Димитриевски Фото: ЗНАМ

ЗНАМ ги исцрта македонските црвени линии

Црвените линии се однесуваат на унитарноста на државата, на македонскиот национален идентитет, јазик, култура, државните симболи, на суверенитетот и територијалниот интегритет, а партијата на Максим Димитриевски очекува поддршка од владините партнери и од сите парламентарни партии од сите етнички заедници.

Движењето ЗНАМ ги исцрта црвените линии од кои Македонија не смее да отстапи, а кои според претседателот на партијата Максим Димитриевски, треба да помогнат земјава достоинствено да пристапи кон ЕУ. Црвените линии се однесуваат на унитарноста на државата, на македонскиот национален идентитет, јазик, култура, државните симболи, на суверенитетот и територијалниот интегритет. Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, ЗНАМ прво ќе ја понуди на владините партнери и на парламентарните партии и очекува поддршка пред сѐ од македонскиот политички блок, но и од сите етнички заедници.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека треба да се даде шанса за национално обединување.

– Целта е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди достоинствен пат на Македонија за полноправно членство во ЕУ. ЗНАМ нуди можност за национално обединување на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници што живеат во Македонија, држава еднаква за сите. Ова е можност за заедничко градење силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата, но и во обврските, државата што е еднаква за сите, а ќе биде завет за идните генерации – рече Димитриевски.

Максим Димитриевски Фото: Принтскрин

 

Платформата содржи девет точки, а за нивно непочитување, омаловажување, сквернавење и негирање, Димитриевски предлага Собранието да ги отфрли и јавно да ги осуди како антидржавен чин.

„Суверенитетот и територијалниот интегритет на РСМ и унитарниот карактер на државата се неповредливи и неотуѓиви. Секој вербален и невербален акт од дома или од надвор што оди во насока на оспорување, негирање или омаловажување на овие темелни вредности на државата, Собранието во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како антидржавен чин, како смислен антимакедонски и антидржавен чин“, е првиот постулат од платформата.

Освен тоа, во Платформата стои дека македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. На целата територија на Македонија како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Секое негирање на посебноста, автентичноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик, однатре или надвор, Собранието беспоговорно ќе го отфрли во целост и јавно ќе го осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет и македонската државност. Собранието ќе го отфрли и секој акт во насока на негирање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на кое било обележје на македонскиот национален идентитет, на внатрешен или на надворешен план.

Платформата содржи и точка дека 2 Август – Илинден е национален државен празник на македонската нација и држава. Секој обид за непризнавање и присвојување, Собранието ќе го отфрли. Државните симболи се државниот грб, знаме и химна и може да се употребуваат во согласност со закон и на начин со кој не се нарушува угледот и македонското национално достоинство.
Во Платформата уште се вели дека Собранието нагласува дека во Македонија како мултиетничко и мултикултурно општество, стабилните меѓуетнички односи и соживот се клучни за обезбедување мир и соживот, заснован на целосно еднакви права и обврски. Дека заштитата на македонското национално малцинство е врвен национален интерес и императив.

– Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската Унија како врвна државна, национална и стратешка цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, на еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или да преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен и на надворешен план. Сите такви обиди или дејства Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин – се вели во Платформата.

Христијан Мицкоски Фото: Влада

За Платформата, премиерот Мицкоски рече дека ќе се произнесе откако ќе ја разгледаат, но дека треба да се даде шанса за национално обединување.

– Откако ќе ја видиме, ќе го дадеме нашиот коментар и нашите согледувања. Колку што слушнав од претседателот на ЗНАМ е дека тие ќе комуницираат со сите парламентарни партии и очекуваат дека ќе имаме еден заеднички документ што сите консензуално ќе го поддржиме. Не гледам зошто да не му се даде шанса на овој процес, добро е да се изгради национален, државен консензус и ги поздравувам сите иницијативи што водат во таа насока – рече премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот