Фото: Ислустрација

Значењето и историјата на празникот Благовештение

Огромно и неприкосновено е значењето на Богородица во животот на Црквата, бидејќи Таа е Онаа која Му ја даде човечката природа на нашиот Господ Исус Христос. Онаа во која видовме чудесен спој на сите добродетели, Онаа која го исправи старозаветниот престап – преку Ева влезе гревот во човекот, а преку Дева дојде Спасението негово.

Некогаш во сетилниот Рај човекот се оддели од Бога, а овде во Црквата, преку Богородица, тој се соединува со Него. Некогаш змијата ѝ шепотеше на Ева, на грев наведувајќи ја, а еве, сега, Архангелот Гавриил, со блага вест Дева ја поздравува, соопштувајќи ѝ за Овоплотувањето кое во неа треба да се изврши.

Ако зборуваме за Христа, „не можеме да ја изоставиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значење“ (Митрополит Јеротеј Влахос).

И затоа теотокологијата е тесно поврзана со христологијата, што исто така се согледува и во животот на Црквата, во животот на Светиите, чијшто карактеристичен белег е нежната љубов кон Мајката Божја.

„Денес е почетокот на нашето спасение и објавувањето на тајната од вековите …“, се вели во тропарот. И навистина Благовештението е почеток на сите Господови празници, означува „добра вест“ „блага вест“, благоизвестие за најголемата и најрадосната вест во историјата на човештвото, за спасението на човечкиот род, коешто се изврши преку Воплотувањето на Синот Божји во утробата на Дева Марија.

„Празникот Благовештение е воедно и Господов и Богородичен. Господов бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богородица, а Богородичен бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе во зачнувањето и вочовечувањето на Бога Словото“ (Митрополит Јеротеј Влахос).

Воведувањето на овој празник во животот на Црквата може со сигурност да се следи дури од осми век. Но постојат некои факти, според кои неговата историја би можела да го има својот почеток уште од многу порано, односно уште од трети век. Имено, постојат неколку беседи кои им се припишуваат на Светите Григориј Чудотворец, Петар Хрисолог и Атанасиј Синајски, но некои истражувачи сметаат дека тие не се автентични. Исто така, во седми век во Назарет постоела базилика посветена на Благовештение, како и базилика во Витлеем, посветена на Раѓањето Христово, што ја изградила Св. царица Елена во куќата каде што се случило Благовештението. Јероним (+420) пишува дека во Назарет, на самото место каде што ѝ се јавил Арх. Гавриил на Пресвета Богородица, постоел храм во спомен на истиот настан. Тогаш зошто не би можеле да кажеме дека овој празник започнал да се слави многу порано, кога веќе уште во ранохристијанскиот период постоеле храмови посветени на ова свештено собитие? Во прилог на ова се и беседите изговорени во Цариград во петтиот век, од страна на Прокло Патријарх Цариградски и Василиј Селевкиски. Нивната содржина зборува за овој настан.

Сигурната историја на празникот може да се следи од седмиот век, односно од Трулскиот Собор (692 год.), кој предвидува во деновите на Великиот Пост да се служи Литургија на Претходно осветени дарови, освен во сабота и недела, како и на празникот Благовештение, пишува „Бигорски“.

Богослужбата на овој празник ја пишувале повеќе химнографи, меѓу кои Светите Андреј Критски, Јован Дамаскин, Козма монах, Анатолиј Цариградски, Лав Мудри и други.

Благовец празник на мајките

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки Денот на мајките. „Новото“ време го замени со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека всушност Благовештение е празникот на мајките и денот кога на жената се подарува цвет.

Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и ѝ даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание.

Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Именден

Именден празнуваат: Благој, Благоја, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др..

Датум на празникот

Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот