Народен правобранител Насер Зибери/фото:Слободен печат

Зибери: Тешка година за детските и правата на лицата кои издржуваат казна затвор

Во 2023 година не е обезбедена доволна заштита на правата на граѓаните, констатираше Народниот правобранител, Насер Зибери и оцени дека оваа година била особено тешка за детските права, најмногу во областа на образованието, како и за лицата кои издржуваат казна затвор во земјата.

– Оваа 2023 година ќе ја опишам како неповолна за заштита на правата на граѓаните, а особено тешка за детските права, чие прекршување заврши со одземање на животот на едно младо девојче, Вања Ѓорчевска, но тешка и за првата на децата и на лицата што издржуваат казна затвор во земјата, изјави Зибери на презентира состојбите со човековите слободи и права во 2023 година.

Ненавремено издавање сведителства, доцнење на учебниците, недостаток на дел од учебниците и неможноста на учениците Албанци да учат на мајчин јазик во училуштата во Гази Баба, Велес и Чашка, Зибери ги посочи како поголеми прекршувања на правата на децата.

И проблемите со кои се соочи институцијата Народен правобранител, како што беше недонесувањето на измените на Законот за народен правобранител, Зибери посочи дека предизвикале незадоволство во соработката на клучните органи во државата со институцијата, за обезбедување соодветни услови за работа и поефикасно функционирање.

– Собранието продолжи со праксата да го одложува разгледувањето на пленарна седница на годишниот извештај за степенот на обезбедување и почитување и унапредување на заштита на човековите права и како резултат на тоа, мерките за спроведување на општите препораки на Народниот правобранител да се усвојуваат на крајот на годината, со што практично, тие мерки не даваат никаков ефект и соодветно на тоа Владата не се задолжува, согласно Законот за Народен правобранител да постапува по истите и двапати годишно да го извести Собранието за сработеното – додаде народниот правобранител.

Зибери посочи дека ниту во 2023 година Собранието не успеа да ги избере петте заменици на Народниот правобранител во неколку градови во земјава. Тоа, според него, директно ќе влијае на работата и ја намалува видливоста на институцијата и ја влошува заштитата на правата на граѓаните во тие подрачја.

– Со сериозно задоцнување на дневен ред се најде предлогот за измени на дополнување на законот за Народен правобранител и со оглед на времето што овој состав го има на располагање, скептик сум дека измените ќе бидат донесени. Затоа, апелирам до сите пратеници измените на законот да бидат донесени пред распуштање на Собранието – вели Зибери.

Тој нагласи дека неусвојувањето на овие измени и понатаму ќе биде пречка оваа институција, како национално тело за заштита на човековите права, да се акредитира со статус А во Обединетите нации според Париските принципи и Венециските начела, според кои, кадровската, просторната и финансиската независност мора да се гарантираат со закон.

– Ние сме меѓу ретките во регионот која нема статус А и како таква не ги исполнуваме ниту критериумите од преговарачката рамка со ЕУ кога се во прашање поглавјата 23 и 24 во делот на фундаменталните права, за што имаме констатации, како во годишниот извештај на Европската комисија, така и во извештајот на оценската мисија на ЕУ – додаде народниот правобранител.

Омбудсманот го спомена и случајот со затворениците од КП „Идризово“ кои беа истепани од страна на полицијата.

Од обезбедениот доказен материјал, Зибери вели дека е констатирана употреба на прекумерна сила врз затворениците кои биле врзани, додека полицијата ги удирала по телото, рацете и нозете.

– Имајќи го предвид сето ова, Народниот правобранител ќе поднесе барање за утврдување кривична одговорност до одделението за гонење кривични дела сторени од полицијата за кривично дело тортура. Државата ја има ратификувано Европската конвенција за заштита на човековите права со која согласно член 3 се забранува мачење, односно никој не смее да биде подложен на нечовечко или понижувачко казнување. Ова право е уредено и во нашиот правен систем, почнувајќи од Уставот – додаде Зибери.

Народниот правобранител заклучи дека прекршени се и правата на граѓаните кои годинава ги менуваа личните документи со новото државно име, особено на оние кои поднеле барање за издавање на нови лични документи, по промената на државното име, а им биле издадени со старото име. Зибери смета дека овие трошоци требаше да ги сноси државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот