
Жителите со рампа затвораат дел од улица во Тафталиџе за да си обезбедат паркинг места, Општина Карпош тврди не дала таква дозвола
Жителите од неколку згради лоцирани позади паркингот на „Веро“ во населбата Тафталиџе 1 со рампа на улицата ќе си обезбедат слободни места за паркирање. На делот од улицата Атинска, кој поминува веднаш до детското игралиште и која се протега помеѓу две паркиралишта, од кои едното е во сопственост на станарите на зградите, веќе е исечен тротоарот од двете страни за да се постави рампата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од двете страни на влезот во уличката се поставени и информативни табли на кои се предупредуваат граѓаните да не паркираат оти во спротивно „пајак“ ќе им ги крене возилата затоа што станува збор за паркинг наменет за резиденти од зградите на улиците Њуделхиска А6/1 и Б6/1-2, како и од зграда на улица Атинска 1/3, но и за возила со картички, односно за автомобили на граѓани што работат во фирмите што се наоѓаат на овој простор.
Граѓани кои живеат во околината прашуваат како е можно со рампа да се затвори улица, којашто е јавен простор за да се паркираат станари од неколку згради. Тие потсетуваат дека проблем со паркирање нема само тука, тоа е проблем во повеќето населби во општината, но велат, како би изгледало кога сите жители би поставиле рампи на улиците каде што имаат таква потреба.
Кој и како дозволил да се затвори уличка и просторот да се пренамени во паркинг за резиденти, одговор побаравме во Општина Карпош. Оттаму велат дека станарите имаат дозвола за поставување рампа, но само на паркингот, не и на улицата.
Земјиштето на посочениот паркинг е во сопственост на зградите. Станарите кои живеат во тие згради поднесоа барање од Општина Карпош, а општината им даде согласност за поставување рампа, а трошоците за поставување на истата се на нивни трошок. Затворањето на улицата е недозволиво, за тоа немаат добиено согласност и тоа мора да се корегира. Точно е дека овие станари имаат проблем што други граѓани им се паркираат на нивниот паркинг и нормално е да бараат да бидат заштитени, но сето тоа не смее да биде на штета на другите граѓани – објаснуваат од Карпош за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека жителите на овие згради немаат каде да ги паркираат возилата затоа што им се паркираат други граѓани, па дури и камиони кои испорачуваат стоки во маркетот, но тврдат дека веднаш ќе реагираат доколку се затвори уличката. Сепак, нема одговор зошто сега не преземаат нешто кога веќе знаат дека се сече тротоарот, со што се уништува јавно добро.
Еден од поголемите проблеми со коишто се соочуваат карпошани е недостигот на слободни места за паркирање, особено во населбите Карпош 1 и 2, во Порта Влае, во Лептокарија и кај Млечен. Во предизборната кампања актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски најавуваше дека проблемот ќе го решава со изградба на катни гаражи во најзасегнатите населби, а во Карпош 1, населбата која е претворена во паркиралиште за сите оние кои работат или одат на гости во Центар, највени беа дури три монтажни гаражи. Досега од тоа нема ништо.
Уште во мандатот на претходниот градоначалник Стефан Богоев, по многубројните поплаки од жителите на Карпош 1 и 2 се ветуваше зонско паркирање во овие населби, а ваквата идеја беше поддржана и од Јакимовски кој дури најави дека зонско ќе се воведе во Карпош на целиот потег помеѓу Рузвелтова и булевар Осми Септември. И од тоа досега нема ништо.
Жителите на Карпош 1 и 2 и понатаму по половина час вртат низ населбите во потрага по паркинг место, а чести се обидите со празни канти да се чуваат места за паркирање, што доведува до расправии помеѓу соседите.
Граѓаните што поскоро очекуваат некакво решение и исполнување на ветувањето, за да не се случи по примерот на жителите од зградите кај Атинска да почнат да ги затвораат улиците со рампи.