
Жителите на Автокоманда почнаа сами да го регулираат безредието – поставија рампа на паркинг пред зграда
„Слободен печат“ неодамна го адресираше долгогодишниот проблем со паркинг кој го имаат жителите на скопската населба Автокоманда, каде во текот на денот е постојан хаос со насекаде паркирани автомобили, по тротоари, на сред улица и на зелена површина. Жителите тогаш го искажаа своето незадоволство за овој проблем, кој според нив ги прави тротоарите непроодни и валкани, а поради паркираните автомобили мораат да пешачат по главната улица.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Изгледа незадоволството на жителите од Автокоманда ја достигнува својата кулминација, земајќи предвид дека на социјалните мрежи се појавија фотографии со опис дека оваа недела, станари од зградата Јани Лукровски број 2, која се наоѓа наспроти основното училиште „Стив Наумов“ и градинката „Детска радост“, самоиницијативно поставиле рампа на паркингот околу зградата.
Од Општина Гази Баба на нашите прашања тогаш одговорија дека во последните години овозможиле 100 нови паркинг места во населбата, иако во текот на последните десет години се изградени и вселени 90-тина нови станови, преку доградба на нови катови од зградите или целосна изградба на нови станбени комплекси. Патем, оттаму не ни одговорија дали сѐ уште постои план за изградба на катни каражи во населбата или воведување зонско паркирање.
Со зонско паркирање ќе се решава проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда
Според жителите, поставувањето на оваа рампа е единствена одбрана на станарите од паркирање на автомобили од луѓе кои не живеат во таа зграда, односно луѓе кои работат во бројните мали и големи компании кои се сместени во населбата.
-Кога градоначалникот не е заинтересиран за проблемите со паркингот во Автокоманда, тогаш народот си презема во свои раце да си го реши проблемот – пишува жителот во објавата во која исто така најави дека во скоро време жителите уште на неколку згради самоиницијативно ќе постават рампи на паркинзите од своите станбени објекти.
Оваа објава предизвика измешани реакции кај останатите жители, кои имаа поделени мислења околу поставувањето на рампата. Некои од нив сметаат дека оваа акција е нелегална и за неа е потребна дозвола од општината, а некои, пак, силно ги поддржаа станарите на Јани Лукровски за оваа постапка.

Побаравме одговор од Општината дали земјиштето на кое се наоѓа паркингот околу зградата е во нивна сопственост и доколку е, дали е потребна дозвола за поставување рампа од овој тип и дали станарите имаат право, со дозвола од локалната самоуправа, да откупат паркинг место од паркинзите во непосредна близина на своите згради.
Принципот на откупување и индивидуализирање на паркинг местата не е новост за скопјани, земајќи предвид дека многу од инвеститорите на новоизградените станбени објекти им даваат можност на станарите за одредена сума да си откупат паркинг место во подземните гаражи или пред станбениот објект, но што се случува кога паркингот е во сопственост на општините и дали во тој случај жителите исто така имаат право да си платат за свое и секогаш „сигурно“ паркинг место пред својата зграда.
Во некои скопски општини како Центар и Аеродром, овој проблем со паркирањето донекаде го решија со поставување на зонско, а исто така и со издавање на налепници за автомобилите на резиденти и станари кои овозможуваат слободно паркирање на сите паркинзи ширум општината, опфатени од општинските паркинг служби.
Факт е дека со овој тип на регулирање на паркиралишатата, невозможно е проблемот да биде целосно решен бидејќи секогаш ќе постојат некои „црни точки“ за бесплатен паркинг на скопјани како последица од поделената градска и општинска надлежност за нивно решавање и контрола.
Во општина Гази Баба овој тип на зонско паркирање и паркирање за резиденти сѐ уште не е имплементиран, што според жителите е причина на паркинг безредие што ги прави улиците непристапни и „тежок терен“ за возачите.
Од Гази Баба до овој момент не ни одговорија на прашањата , што значи дека доколку проблемот со паркирањето во општината е игнориран и оставен на жителите, најверојатно во блиска иднина тие ќе делуваат според најавеното со што секој станбен објект ќе делува индивидуално и на „своја сметка“ ќе регулираат кој може да влегува на паркинг, а кој не.