
Жешка комбинација на традиционалното и модерното ќе донесе 23. издание на музичкиот фестивал ОФФест
Традицијата на концертна презентација на квалитетна и внимателно селектирана програма продолжува со 23. издание на ОФФест, кое годинава ќе се одржи од 6 до 9 јуни во НОБ и во МКЦ.
Препорачано
Култниот херој на пустинскиот блуз Бомбино на 6 јуни во Националната опера и балет ќе го отвори 23. издание на ОФФест. Неговата примарна мисија е преку музиката да пренесува љубов, разбирање, како и да ја шири раскошната туарешка култура низ целиот свет. Жешката африканска вечер ќе биде доведена до состојба на усвитување со настапот и на јужноафриканските ѕвезди BCUC.
– ОФФест и годинава го следи концептот со кој почна пред 23 години. А тој е – да биде фестивал што ги претставува големите и актуелни ѕвезди на светската музика. Како таков релативно брзо се етаблира на сите меридијани, а денес е без сериозна конкуренција во Југоисточна Европа.
Традицијата на фестивалот наложува да ги имаме Бомбино, BCUC, „Бои Аких“, „Куту“, Висенте Амиго, „Волоси“, па и „Nakеd“, сите надвор многу познати, а од објективни и субјективни причини не толку кај нас. Но, денес во многу потешки услови, со поскромни средства (истиот проблем го има и постариот брат, џез-фестивалот, кој годинава има рекордно мал буџет – со финансирање еднакво на она во 1998 година), далеку полоша инфраструктура (ја немаме Универзална сала, а Скопје е уште без летна сцена) и млада публика, онаа преостаната во земјата, која сесрдно помогната знаеме од кого, некритички го следи слоганот „наше а светско“.
ОФФест и овој пат e посветен и на значајните музички документарни филмови, сега со два, првиот кој од Бомбино направи ѕвезда, вториот, нов, за Сезарија Евора (ако се сеќавате, таа настапи на првиот ОФФест). А продолжува и традицијата на концерти на најталентираните домашни изведувачи (добар дел од нив во изминатите години по настапите на ОФФест го најдоа патот до светот), овој пат со „Калата“ – истакнува Оливер Белопета, уметнички директор на фестивалот.

Бомбино е предводник на експлозијата на високозаразниот пустински блуз/рок во светот последниве години. Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното.
Афропсиходеличниот септет BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) е супергрупа од Совето, Јужна Африка, која ја доживува својата музика како хедонистички транс, но и како оружје за политичко и духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации.

Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на „Boi Akih“. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија.
Додека, „Куту“ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд, добро позната на локалната вибрантна андерграунд музичка сцена по нејзиниот акробатски вокал и елегантни движења, како дел од 10-члениот рок-бенд „Јано“. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт, кој ги спојува азмари и етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура.

Висенте Амиго ужива висок рејтинг во светот на фламенко музиката како еден од најкомплетните и највлијателни гитаристи од новата генерација. Недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина. Покрај тоа што е Амбасадор на фламенко гитарата и почесен член на организацијата на ОН за уметности и науки, Амиго е сопственик на две Греми награди и Златен медал за фини уметности.
Сите тие ќе настапат на сцената на Националната опера и балет, додека во „Денсинг салата“ во МКЦ на 9 јуни ќе може да се проследат концертите на „Волоси“ (Полска), „Калата“ (МКД) и „Нејкед“ (Србија).
„Волоси“ е феномен на светската музичка сцена. Бендот е основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознаа тројца исклучително талентирани традиционални музичари. Со текот на годините тие создадоа оригинален стил кој ѝ пркоси на дефиницијата: динамичен, исполнет со страст и софистициран во исто време. Надминувајќи ги границите на гудачките инструменти, тие отидоа многу подалеку од тоа, постигнувајќи нешто уникатно, израснато од карпатските корени, а сепак модерно, моќно и емотивно.

„Калата“ е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој започнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ. Препознатлив по својот автентичен звук, овој состав во својата музика исцртува паралела меѓу источната и западната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика. Музичарите, без ограничувања, се потпираат врз своите чувства и инспирација, слободни да го свират она што нивната имагинација ќе го побара.
Името „Нејкед“ е синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска ворлд-мјузик сцена.
Проекцијата на документарните филмови за Бомбино и Сезарија Евора е на 5 јуни во киносалата на Кинотеката во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 233, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.6.2024)