Жените ако сакаат, ќе се пензионираат на 62 години, а можат и на 64

Граѓани со заштитни маски во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Откако се најавија измените на Законот за работни односи во однос на делот  за пензионирање, во јавноста се пласираат различни толкувања околу тоа кој кога ќе оди во пензија, а едно од прашањата што најмногу побуди интерес е кога жените ќе одат во пензија – на 62 години, или на 64 години.

Според измените на Законот „Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“. Но, според Законот за пензиско и инвалидско осигурување „Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров вели дека во пензискиот закон станува збор за позитивна дискриминација, односно дека жената ако сака може да оди во пензија на 62 години, но ако не сака, таа може да  го извести работодавачот дека сака да работи до 64 години.

– Уставниот суд  одлучуваше за различните години за пензионирање. И според одлуката на Уставниот суд, одењето на жена во пензија на 62 години, а на маж на 64 години значи дискриминација и затоа  мора и на едните и на другите да им се даде еднава можност за одење во пензија. Така, жените што сакат може да одат во пензија на 64 години, но може и да го искористат своето право да одат на 62 години – вели Димитров.

Дека жените може да бираат кога ќе одат во пензија на 62, или на 64 години, ни потврдија и предлагачите на измените на Законот за вработување.

Консултантите пак што работат со клиенти за спроведувања на нивните права од работен однос, велат дека досега се соочувале со многу недоречености и многу проблеми во однос на спроведувањето на законската регулатива. Тие потенцираат дека и Законот за работни односи и Законот за пензиско и инвалидско осигурување се општа рамка, а потоа има полно правилници кои ги дефинираат деталите. Според нив, законската рамка ќе се донесе, но потребни се правилници и добра информираност и на работниците и на работодавачите, но и на институциите за да биде спроведувањето на законите како што треба.

– Со сегашните законски измени всушност се враќаме на старото законско решение. Извесен период тоа беше изменето со можноста да се продолжи рокот за пензионирање до 67 години по барање на работникот, а сега тоа не е возможно, односно ќе се оди во пензија на 64 години, со можност жените да одат на 62 години. И порано, врз основа на истата одредба 104од Законот за работни односи,  која и сега постои, „работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Значи, во Законот за работни односи нема посебно нагласување на мажи и жени. На многу од жените ова не им се укажуваше и добиваа решение за пензионирање штом ќе наполнат 62 години – вели консултантот.

До 2015 година, работодавачот, согласно барањето на работникот, можел да му го продолжи рокот за пензионирање најмногу до 65 години. Потоа, се направиле законски измени  со кои ако има барање од работникот, рокот за пензионирање мора да се продолжува, и тоа за мажи најмногу до 67 години, а за жени до 65 години. Но оваа одредба падна на Уставен суд, односно судот одлучи дека има дискриминација, по што одредбата се измени , па и мажите и жените можеа да го продолжуваат рокот за пензионирање најмногу до 67 години, со тоа што барања требаа да се доставуваат до 31 август за секое едногодишно продолжување. Со сегашните законски измени, оние што веќе поднеле барање до 31 август, ќе може да искористат продолжување на рокот за пензионирање и по наполнување на 64 години, но најмногу до крајот на 2021 година.

За лекарите и за професорите продолжен рок, но со оценка

Според најавите од Владата, изземени од новото законско решение за пензионирање до 64 години, ќе бидат дефицитарни професии, како здравствени работници и универзитетски професори. За овие изземања ќе треба посебна регулатива, а според нашите извори, на лекарите и на медицинскиот персонал нема да им се продолжува работниот век по автоматизам, туку по нивно барање, но и по барање на работодавачот, односно само ако работодавачот оцени дека тие му требаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот