Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Желјасков: Македонија нема друга алтернатива освен европската, се надевам дека ќе надвладеат разумот и политичката волја

Росен Желјасков, претседателот на бугарскиот Парламент  по средбата со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери истакна дека е јасно оти во македонското Собрание има мнозинство за уставните измени, но во моментов не е доволно и верува дека ќе надвладеат разумот и политичката волја и уште оваа година ќе можат да се радуваат на почетокот на преговорите со ЕУ.

Од наша страна, од страна на Бугарија е позитивен односот и залагањето за влезот на Македонија во ЕУ. Во таа смисла, бугарскиот Парламент минатата година го прифати францускиот предлог, а некои велат дека е направен компромис, но тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла ставот на Бугарија не е поразличен од ставот на Собранието на Македонија – изјави Желјасков.

Тој порача дека за Бугарија е важно Македонија и Албанија заедно да се движат по европскиот пат.

Како што соопшти тој, со Џафери претходно разговале и за Договорот од 2018 година и заклучиле дека довербата што треба да ја градат за да се спротивстават на омразата е активно придржување кон правата на бугарската заедница, при што измените во Уставот се дел од тој пат.

За нас е важно да се знае дека за Македонија нема алтернатива освен европската. Им должиме на нашите народи заедничка европска иднина и просперитет и развој во овој неспокоен свет. Затоа и нашата посета денес е одраз на нашите најдобри намери и желба за развој, бидејќи нашата иднина е нашиот ангажман за идните генерации – порача Жејасков.

Македонскиот претседател на Собранието, Џафери информираше дека на средбата со бугарскиот колега ја истакнал важноста на европската перспектива на Македонија како и за државите од Западен Балкан, за која посочи дека е од големо значење имајќи ги предвид актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот и геополитичките околности.

Го информирав дека во тек е завршната фаза на скринингот, а во процес се и уставните измени за што ни е потребно двотретинско мнозинство. Во однос на билатералните односи се согласивме дека мора да се промовира позитивна реторика што може да придонесе до градење на меѓусебна доверба за да се постигнат резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните.

Џафери порача дека како одговорни политичари мора да се заложат за добрососедските односи кои ги отсликуваат вистинските европски вредности, со што ќе придонесат Македонија побрзо да стане членка на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот