Фото: ИРЛ/принтскрин

Жан Митрев бара да се избрише документарецот „Нечиста крв“, за ИРЛ и ЗНМ тоа е правен апсурд

Докторот Жан Митрев побарал од судот да изрече привремена мерка за забрана за објавување на содржини поврзани со документарниот филм „Нечиста крв” на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а дополнително бара филмот и другите поврзани продукти да бидат избришани од интернет просторот, објави ИРЛ.

Клиниката „Жан Митрев“ и докторот поднеле тужба за клевета и навреда кон редакцијата на ИРЛ и новинарите автори на истражувањето „Нечиста крв” придружена со предлог за издавање на времена мерка која вклучува бришење на објавите и забрана за дополнително известување додека трае судскиот спор. Ваквите спорови до правосилност на пресудата често траат и повеќе години.

„Се забранува на тужените ИРЛ, Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска на јутјуб каналот на првотужениот и на фејсбук профилот на првотужените да објавуваат содржини поврзани со веќе објавениот документарен филм насловен како „Нечиста крв” и „Специјално издание: Нечиста крв”, како и да објавуваат нови содржини во кои што тема на обработка ќе биде работењето на тужителите и начините на лекувањето пациентите болни од КОВИД 19 за време на КОВИД пандемијата, која мерка да се со важност до правосилно завршување на постапката”, се вели во предлог одлуката до Судот во тужбата по предлог на привремена мерка.

Барањето за ваква мерка, заедно со тужбата, пристигнало минатата недела, а рокот ИРЛ да испрати одговор по предлог-мерката за забрана за известување истекува денес, бидејќи законот предвидува три дена за одговор и по овие барања се одлучува експресно. Правниот тим на ИРЛ, обезбеден преку Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска испрати одговор на тужбата по предлог-времената мерка за забрана за објавување и бришење на содржини.

Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија Драган Секуловски вели дека барањето да се отстрануваат медиумски содржини не е само нелогично, туку и опасно.

„Опасноста е во тоа што го поттикнува судот да цензурира без спроведување на судска постапка и правосилна пресуда што е надвор од праксата на ЕСЧП. Оваа сторија на ИРЛ мотивираше и други медиуми, не само локални туку и од регионот, да се бават со работата на оваа приватна болница, но и надлежните институции да покренат конкретни постапки кон неа и затоа барањето овие содржини да се избришат од интернет претставува досега невиден правен апсурд“, вели Секуловски.

Скопското јавно обвинителство на 18 јули по допрен глас отвори предмет за кривично дело Измама на пациенти во клиниката „Жан Митрев“ од Скопје, откако на 17 јули се емитуваше документарниот истражувачки филм „Нечиста крв“. По помалку од еден месец работа, обвинителството соопшти дека покренува истрага за кривичното дело измама. Според последните најави на шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, истрагата ќе биде заврши за околу два месеца, по што би се покренало обвиниение пред Кривичниот суд. Македонските и балканските медиуми со внимание известуваат за истрагата на обвинителство, како и другите институции кои имаат засебни истраги, како Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински помагала Малмед и Лекарската комора.

„Не се случи институциите кои ја истражуваат неговата работа да побараат да ја затвори болницата додека траат постапките против него. Исто така, нејасно е како господинот Жан Митрев ќе ги спречи сите медиуми да не објавуваат за текот на овие истраги со оглед на големиот медиумски интерес за темата. Затоа е многу сомнително тоа што оваа тужба и ова барање за забрани доаѓаат токму кога ИРЛ и партнерските центри почнаа да работат на продлабочување на приказната на меѓународно ниво на најмалку три континенти”, вели Сашка Цветковска, одговорен уредник во ИРЛ.

Дру Саливан, главниот и одговорен уредник и издавач на Меѓународниот проект за известување за органзиран криминал и корупција (OCCRP) чиј што центар е и ИРЛ, вели дека Судот не би смеел да се впушта во ваков тип на забрани, особено за сториите за кои се истражува и меѓународно.

„Доктор Митрев е добредојден да ја тужи ИРЛ за оваа публикација ако се чувствува наклеветен, но граѓаните имаат право да ги знаат откритијата на новинарите на ИРЛ кои можат да имаат значаен импакт врз здравјето на луѓето. Во прашање се човечки животи. Семејствата имаат право да знаат што се случило со нивните блиски. Во секој случај, ОЦЦРП и нашите медиуми и партнери во регионот и светот ќе ги објавуваат сториите ако судот тоа им го забрани на ИРЛ. Не можете да ја запрете вистината”, вели Саливан.

Редакцијата на ИРЛ во последната година се справува со осум стратешки тужби за спречување на јавното учество. Овој тип на тужби, меѓународно наречени СЛАПП (Strategic Lawsuits Against Public Participation) се тужби насочени против медиуми и граѓански организации кои изразуваат критички позиции кон моќни лица од бизнис и власта по прашања од висок јавен интерес.

Од вкупно 56 истражувачки медиумски центри низ целиот свет на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, редакциите на спрската КРИК и македонската ИРЛ се со најмногу тужби, односно единаесет и осум стратешки тужби. Со ова, двете балкански држави и кандидати за членство во ЕУ се во полоша позиција и од некои центрите на Блискиот исток, Африка, Венецуела, Мексико и други земји каде што е проблематично да се работи оваа професија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!