Жан Илиески – „Не пишувам за да побегнам од реалноста, туку да ѝ се доближам“

Со авторот на „Цик-цак, ку-ку“ зборуваме за љубовта како апсурд, тишината како литература и смелоста да се пишува она што не се зборува.

Илиески го враќа достоинството на тишината помеѓу речениците. Тој е автор кој не создава приказни за да избега од реалноста, туку за да ѝ се приближи – храбро, искрено и со свесна ранливост. Живеејќи на пресекот од различни култури – од Скопје, преку Њујорк и Санкт Петербург, до Берлин – Илиески во своите дела ги вплетува општествените и интимните парадокси на современиот човек. Неговата проза не е бегство, туку огледало; не е објаснување, туку покана за внатрешен разговор – особено за оние кои не се плашат да поставуваат тешки и длабоки прашања. Пишува за оние кои не бараат лесни одговори, туку вистини што треба да се почувствуваат. Зад длабоките теми и стилска зрелост се крие човек со богат внатрешен свет – сопруг, татко на две деца, мислител што љуби, губи, патува и – најавтентично – ги запечатува мислите на хартија, како сведоштва од длабочината на човечкиот ум.

1. Пишувањето како лично искуство или како обид за комуникација? Дали „Цик-цак, ку-ку“ е резултат на внатрешна потреба – можеби внатрешно трансформирачки чин на самоистражување – или постоеше од самиот почеток идеја за конкретен тип на читател кому му се обраќате?

Ако пишувам, а со тоа не сакам некого да го трогнам, или восхитам, тоа пишување не ми е интересно. Парадоксално, таквото пишување е и истото тоа кое ме лечи, кое не можам да го премолчам, значи е многу лично. Излегува дека ако сакам да се самоистражувам или трансформирам, мора и да бидам искрен, а искреноста е единствената надеж на писателот дека ќе успее да комуницира со ближните. Накусо, освен на себе, им се обраќам и на сите кои ги боли истото што и мене ме боли, на сите кои се радуваат на истото што и јас.
Но „Цик-цак, ку-ку“, со сигурност беше и обид за нов естетски дострел. Напишана е во експериментален стил кој подоцна го нареков поинтилистички (подоцнежна гранка на импресионизмот). Ќе пренесам параграф од романот:

„Секоја точка во сликите на поинтилистите има еднакво значење, само кога ја гледаш сликата како целост, таа ја добива својата убавина. Не постојат точки кои се поважни од другите и без кои не би постоела сликата како таква. И да отстраниш половина од нив, идејата ќе остане јасна, барем препознатлива, што е доволно. Тоа го пробувам и во мојот роман. Тој се состои од мнозинство мали средби, разговори, случки, кои се точки, речиси целосно независни едни од други, можеш да ги гледаш одделно и да ти се допаднат, или можеби не, но тие немаат големо значење за целоста или убавината на расказот во целост.“

Ваков вид на роман може да се отпочне од било која страница, да се дочита докрај и да се продолжи од почеток до страницата каде сте започнале, за да се заврши кругот.
Овој метод на раскажувачки виор дозволува лесно се покаже дијалектиката меѓу (вечните) теми кои сакав да ги обработам: менталното здравје и лудилото, полиаморноста и моногамијата, животот и смртта.

2. Тагата е, можеби, најдлабокото човечко доживување. Во „Цик-цак, ку-ку“, крајот остава силен емотивен одек – смртта на дете. Зошто токму таков завршеток? Што е пораката што ја носи овој чин? Дали е тоа симболика за загубената невиност, за невидливата болка што ја носиме?

Пораката за мене како читател (и можеби најстрог критичар) на своето дело е дека животот, живеењето, има голема цена. Секој ден, дури и најобичниот, треба да го платиме со труд, со напрегање и неретко со големо страдање. Инстинктот на преживување е најсилниот нагон во човекот, тој сака човекот да продолжи да живее дури и кога изгледа дека животот целосно ја изгубил смислата. Луѓето кои пребродуваат големи страдања се во најмала рака инспирација за другите. Затоа книгата воглавно се стреми читателот да доживее катарза, прочистување, разрушување на илузијата дека можеме засекогаш да се заштитиме од болката. Втората, позатскриена порака, е тоа дека нема логика во постоењето, човекот е очите на создаденото. Создаденото се спознава преку човекот, но може и без него, тоа може да се создава и уништува и без човекот (погледнете го космосот), и човекот треба да научи да се препушти на тие циклуси како на брза река, со доверба, без да бара правда и љубов, а создавајќи ги ако сака да ги доживее.
И сепак, не е сѐ така трагично. Дури и во деновите на најголеми страдања, на човекот му е дадена починка. Умеењето да размислува за иднината и за веќе доживеаното му дозволува да сфати дека болката најчесто потекнува од приврзување. Човекот мора да признае дека свесното произлегува – и е само мало делче – од несвесното, потрагата по смисла, поредок потекнува од бесмисленоста на создаденото, од хаосот.
И сепак не заборавајте, ова е постмодерен расказ: некои читатели се уверени дека книгата ја обработува темата на природата на лудилото. Таткото полудува бидејќи ќеркичката умира. Други веруваат дека таткото не полудува (доволно рано во книгата има навестувања и траги кои ја сугерираат таа интерпретација), а како писател го опишува нечие лудило во својата книга. Доколку читателот се решава за таа интерпретација, тогаш четивото не е ништо повеќе од игра, таткото не полудува, значи и ќеркичка не умрела, тоа е само длабок страв на родителот. Книгата не дозволува конечна интерпретација, иако признавам, темните претчувства доминираат на крајот.

3. Вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во сите форми на создавање – од музика и слики до текстови и поезија. Како гледате на новата ера каде машините можат да “пишуваат” раскази и романи? Дали тоа го загрозува автентичниот човечки глас, или напротив – отвора нов простор за соработка помеѓу технологијата и литературата?

Јас сум технолошки скептик, т.е. во технологијата не гледам олеснување на човечкиот труд, а нов труд, оној на адаптирање. Но во суштина човекот не станува ниту подобар ниту полош, ниту попаметен ниту попрост заради новата технологија. Мојата прва реакција на една толку “умна“ технологија беше страв. Откако сфатив како ВИ работи го сфатив нејзиниот најголем недостаток. Се разбира, ВИ најдобро од сѐ може да копира стилови, може да “стане поитро“ и да изгради и свој “оригинален“ стил, да претпоставиме како комбинација на постоечки стилови. Тоа што ВИ не знае, и не може никако да го дознае, е тоа што сѐ уште не постои, а тоа е тоа што сѐ уште не е издадено и заради тоа и е оригинално. Но има и второ ограничување, кое се чини е уште потешко да го преодолее: ВИ не знае кои се моменталните болки на човештвото, чии истории се нераскажани, не може да претпостави кои теми и наративи му фалат на современиот човек, чии гласови се потиснати или нечуени, а тие се најинтересните гласови за слушање.

4. Каде го наоѓате изворот на инспирацијата кога пишувате? Дали таа доаѓа од конкретни луѓе, патувања, загуби, сништа или од нешто потивко, подлабоко – од внатрешни состојби кои не може секогаш да се именуваат?

Алберт Ками правилно рекол дека “литературата е лага преку која ја кажуваме вистината“. Јавна тајна е дека писателите ги затскриваат конкретните луѓе во “измислените“ протагонисти на книгите, исто како што им требаат измислените ликови за да го надополнат она што неможат да го најдат во реалните ликови. Во една реченица: најголема инспирација ми е истражувањето на (границите на) човечкото. Тоа се крајни случаи, ретки ликови, такви кои никнуваат од парадоксот на постоењето.

Во “Трезност и лудост“ главниот протагонист е старец кој целиот живот посакувал но пред сѐ од објективни причини не успеал да го оствари својот најдлабок копнеж: да живее од пишување. Наместо да го доживее животот во комфортот на големото семејство, во постојано полу-пијанство и пирување, на своите 74 години тој без никакво најавување го напушта домот “без да се сврти назад“, за да “истрела уште еднаш“. Во “Цик-цак, ку-ку” повторно ги истражувам слабите мембрани меѓу разумноста и лудилото како последица на релативно редок случај на смрт. Само вакви ликови или вакви ситуации на работ на секојдневието можат да ни покажат што е тоа надеж, што е тоа да се биде човек, и на крајот што е тоа да се живее.

5. После едно толку комплексно и мултидимензионално дело како „Цик-цак, ку-ку“, што можеме да очекуваме следно од Жан Илиески? Работите ли веќе на нов проект? Дали останувате во истата книжевна естетика или размислувате за сосема поинаков жанр, форма или тон?

Формата и тонот на “Трезност и лудост“ и “Цик-цак, ку-ку” доволно многу се разликуваат, од класично модерно до постмодерно дело. Што им е заедничко е игривоста на нарацијата, честата нелинеарност на приказната. Исто така дејствијата се развиваат во множество европски земји. Мојата трета книга е кратка и линеарна и целосно се случува во Македонија. Раскажана е во прво лице од перспектива на 7-годишно дете. Често е хумористична, но целосно приземна приказна, таква која ја покажува големината на “малиот човек“.

Обично истовремено започнувам неколку романи. Таа идеја која најмногу ме понесува ја развивам докрај, другите отпаѓаат. Моментално работам на целосно нов текст кој по стилот е сличен на “Цик-цак, ку-ку”. Претчувствувам дека тоа ќе биде мојот четврт роман.

6. Доколку делото„Цик-цак, ку-ку“ би се адаптирала како филм или театарска претстава – кој актер или актерка на светско ниво сметате дека би ја доловилa суштината на вашиот главен лик и кој режисер би можел да ја разбере и визуелизира длабочината и постмодерната структура на романот?

Прашањето е така поставено што ми дозволува целосна слобода во изборот, затоа ќе бидам храбар. Заради “сетингот“, лесна е асоцијацијата со Алмодовар. Но не само заради тоа што поголемиот дел од книгата се случува во Шпанија, а и заради уметничката визија својствена за Алмодовар: едноставен ракурс, но многуслојна и колажна приказна. Не помалку би му одговарал и на раскажувачкиот метод на Абел Ферара, заради комбинација на нежност и бруталност, продолжителен спокој (или баланс) во текот на делото и ненадеен шок на крајот. Филмовите на Ферара ме оставаат во размислување со денови после гледањето.

7. Каков е Жан Илиески кога ќе замолчат зборовите? Во тишината, далеку од ликовите и наративите – дали сте мирен набљудувач на светот околу себе, спокоен сопатник на мислите – или пак, под површината тлее авантуристички немир, постојана жед за нов предизвик, нов роман, нова интрига што чека да биде раскажана?

Најверојатно ќе бидам попрецизен ако речам дека сум мирен набљудувач на светот околу себе. Тоа го правам многу почесто отколку трагањето по авантури. Но тоа е само предуслов за авантура. Мојата биографија покажува постојана подготвеност за “сѐ да отпочнам од нула“. Оваа спремност се негува, се создава преку тивкото набљудување (и колку е возможно разбирање) на светот. Немирот е речиси постојан, го познавам од 16-годишна возраст и имам чувство дека никогаш нема да ме напушти. Но јас не се плашам од него, а сосема спротивно, го пуштам да ме води, да ми ги покаже границите на [не]возможното.

Спонзорирана содржина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот