
„Жал ми е за тој човек“, вели шефот на „ОпенАИ“ Алтман за Илон Маск
Извршниот директор на „ОпенАИ“, компанијата позади „Чет Џи-пи-ти“, Сем Алтман, на настан во Париз беше дециден дека неговата компанија не е на продажба, „особено не на Илон Маск“, пренесе „Би-би-си“.
Препорачано
Маск и група инвеститори вчера понудија 97,4 милијарди долари за „ОпенАИ“, а Алтман експресно ја одби понудата преку објава на социјалната мрежа „Икс“ на Маск.
„Овде имаме уште една епизода – имаше различни верзии на обидот на Илон, на овој или оној начин, да ја преземе контролата врз „ОпенАИ“. „ОпенАИ“ не е на продажба. Мисијата на „ОпенАИ“ не е на продажба – а да не го спомнуваме фактот дека конкурент кој не може да не победи на пазарот сега се обидува да каже: „Ќе те купам“, додека целосно ја игнорира нашата мисија. Тоа е, се чини, целосно предвидливо“, рече Алтман.
Тој додаде дека Маск „очигледно изгледал несреќен“ и се однесувал „од позиција на несигурност“, додавајќи: „Жал ми е за тој човек“.
Маск и Алтман го почнаа „ОпенАИ“ како партнерска непрофитна организација, а подоцна се разотидоа. Тие сега се во правен спор во кој Маск тврди дека „ОпенАИ“ отстапил од својата првична мисија и сега го става профитот пред јавното добро.
Во декември, „ОпенАИ“ ги објави плановите за реструктуирање на своите операции, со цел да го одвои растечкиот бизнис од непрофитниот одбор што моментално го надгледува. Алтман рече дека одборот сè уште не утврдил вреднување за операциите на „ОпенАИ“ и дека процесот сè уште е во тек.
Овој развој дополнително ги интензивираше долгогодишните тензии меѓу Маск и Алтман, кои го коосноваа „ОпенАИ“ во 2015 година. Маск ја напушти организацијата во 2018 година.