
Зголемена бактериска загаденост во водата за пиење во виничките села Трстија и Трсино
Во водата од локалниот водовод во селото Трстија во општина Виница откриена е зголемена бактериска загаденост, а во однос на физичко-хемиските својства, исто како и кај чешма од водоводот во Трсино, регистрирана е неисправност поради што тие воопшто не треба да се користат за пиење.
Препорачано
Загаденоста е утврдена со последните испитувања што ги направиле стручни екипи од Центарот за јавно здравје од Кочани. Анализите од земените примероци во вкупно девет села покажале дека во Трстија и Трсино има зголемена потрошувачка на калиум перманганат, поради што неопходна е претходна дезинфекција на водата за да може да се користи за пиење.
– Испитаниот примерок вода за пиење од чешма во двор во село Трстија не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка анализа заради присуство на колиформни бактерии. Во однос на физичко-хемиската анализа, водата во Трстија и Трсино не одговара на законските прописи за испитаните параметри заради зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Водата не се препорачува за пиење и потребна е редовна и правилна дезинфекција за да може да се користи – се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.
Испитувањето на примероците од локалните чешми во селата Пекљани, Драгобраште, Крушево, Калиманци, Виничка Кршла, Градец и Истибања покажале задоволителни физичко-хемиски и бактериолошки резултати.
Во писмените препораки до Општина Виница, од Центарот за јавно здравје – Кочани се нагласува дека кај сите селски водоводи е неопходна редовна дезинфекција, односно концентрацијата на резидуален хлор да се движи од 0,2 до 0,5 милиграми на литар вода.