
Зголемен бројот на патници на двата аеродроми: Најмногу директни летови до Германија и Турција
Од јануари до јуни, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид опслужиле 1,5 милиони патници и 12.235 лета.
Препорачано
Во истиот временски период, бројот на летови е зголемен за три проценти, или македонските аеродроми опслужиле вкупно 12.235 летови од јануари до јуни. За порастот на патничкиот сообраќај, како што велат од компанијата, придонеле 8-те нови редовни авиолинии кои беа отворени од почетокот на 2025 година досега од скопскиот и охридскиот аеродром – Амстердам (Transavia), Париз-Орли (easyJet), Лион (Wizz Air), Барселона (Wizz Air), Анкара (Ajet), Чукурова (Ajet) и Дијарбакир (Ajet) од Скопје и Истанбул (Turkish Airlines) од Охрид.
„Покрај редовните и сезонските авиолинии, кон порастот придонесоа и до крајот на годинава ќе продолжат да придонесуваат и чартер-линиите на Фрибрд (Freebird) кои носат туристи од 13 европски градови.
Како раководство на ТАВ Македонија, продолжуваме да работиме на отворање нови авиолинии и привлекување нови авиокомпании со цел да почнат да летаат од македонско тло, за да создадеме повеќе разновидни можности за патување за нашите граѓани, како и за граѓните од соседството. Врз основа на барањата на патниците, целиме кон туристички дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, како и европски престолнини важни за нашите економски, дипломатски и културни врски со земјите на поврзување“, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годината, а специјален позитивен стимул кој ќе придонесе кон годишните бројки на кумулативен авиосообраќај секако ќе има летниот период. Во оваа насока, како што истакнува Курт, само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром имале за 12% повеќе патници (324.285) во однос на истиот период во 2024 година.
Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 17,1% пазарен удел), а потоа следат Базел Милуз (6,6%), Франкфурт (5,7%), Цирих (5%) и Минхен-Меминген (4,6%), Дортмунд (4,5%) и Виена (3,9%).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (26,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (22,6%), Швајцарија (11,6%), Италија (5,4%) и Шведска (4,2%).
Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ одделно, скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1.423.039 патници, додека Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9% со превезени 103.792 од јануари до јуни.